Во иднината, музика

15.01.2018 12:57
Во иднината, музика

Прашања на полноќ

Каде, сопатничке, која ја држи мојата рака,
престојуваш, по кои лагуми
се движи, додека во кулите ѕвоната
сонуваат дека се разбиени,
твоето срце?

Каде, низ кој раскрчен простор брзаш ти,
која со нежноста на образите ја допирам, каква
омамувачка ноќна трева, сонувачке,
те жегнува, од која река плиткото ги кваси
твоите стапала?

Каде, кога недогледното небо ќе засиви,
најмила, се лелееш низ трските на сништата, милуваш
порти и крипти, со чиј гласник
ги дели бакнежите, лесно потреперувајќи,
твојата уста?

Каде е флејтата кон која го потпираш своето уво,
каде врисокот кој безгласно
ти ја шири косата, додека лежам како одземен
и наслушнувам и бдеам, и каде би летало
твоето перје?

Каде, во кои шуми те вплеткува,
сопатничке, која ја држи мојата рака,
твојот сон?

(од збирката Одбрана на волците од јагнињата, 1957)

Во првата стихозбирка на Енценсбергер Одбрана на волците, каде што Прашања на полноќ првобитно е објавена, песните се поделени во три циклуси: Пријателски, Тажни и Зли. „Прашањата“ му припаѓаат на циклусот Тажни. Песната, меѓутоа, не е тажна онака како што тоа обично се случува во љубовната лирика: нема страдање по изгубената љубов, нема копнеж без надеж (ни со надеж), нема љубовно разочарување, нема дури ни говор за љубов. Постојат, меѓутоа, необични метафори, мрачни слики: раскрчениот шумски простор, лагуми, ѕвона што сонуваат дека се разбиени, врисок. Постои „сопатничката“ чија рака оној што во песната говори ја држи во својата, без сепак да знае каде таа лута. Но песната може да се чита и поинаку, не на прво место како љубовен немир, туку поопшто, како истражување на несигурниот, неизвесниот терен на односите со т.н. Друг.
Овде Енценсбергер експериментира и со „постапките на дезориентација“ со посредство на изместување (Entstellung), т.е. со инверзија на релативната реченица и нејзината претходница, и со воспоставување максимална дистанца помеѓу глаголот и неговиот субјект.

Наизглед

Велиш:
Ги отворам очите и го гледам тоа што е
на пример, голата жена таму на ѕидот
или жалосниов молив овде
или окото што непрестајно ме набљудува до излудување

Толку е тоа просто
Толку е лесно да бидеш измамен

Оти во стварноста стварноста е свртена на глава
и твојата глава, и биоскопот во твојата глава

Од кај знаеш дали окото се движи а сликата мирува
или окото мирува а сликата се движи?

Сигурно е само тоа дека исчезнатото не исчезнало
а она што е тука не е тука

Гледаш или биоскоп или филм
или око или слика

И затоа непрестајно ѕуриш во голата жена
што не се движи
со ококорени очи до излудување
таа жена која тука ја нема
и со затворени очи ги гледаш жалосните наочари тука
масакрот во биоскопот
предметите што играат пред тебе на масата

Толку е тоа просто
Толку е лесно да бидеш измамен

Или гледаш пар очи во кои се огледуваат твоите очи
во кои се огледува парот очи во кои ти гледаш

Отвори ги очите и она што се појавува исчезнало
Затвори ги очите и исчезнатото се појавува
Но ти тоа не го согледуваш
Велиш:
Ги отворам очите и го гледам тоа што е
                                             итн. ad infinitum


Празен лист

Тоа што сега го држиш в рака е речиси бело,
но не сосем; нешто сосема бело не постои;
глатко е, тврдо, жилаво, тенко и обично
потпукнува, се лизга, шушка, се кине, речиси без мирис;
и не останува такво какво што е; се покрива
со лаги, ги впива сите ужаси, сите противречности,
сништа, стравови, вештини, солзи, пожуди;
додека не се исушат, не пожолтат, не се укрутат, не посиват;
додека тоа не смекне, на дожд, не се распадне, во ѓубре,
сè помало и помало; само она најдоброто можеби
‒ на што е можеби најдобро она што никој не
го напишал: риба, солник, ѕвезда,
еднорог, слон или глава од овен,
знаците на Свети Лука; она што се појавува
кога ќе го подигнеш кон светлина ‒ се држи
можеби илјада години, или уште една минута.


Песна за зглавје

За тоа што си до врвот од прстите
тука, што сè те бара,
за тоа како го виткаш коленото
и ми ја покажуваш својата коса,
за твојата температура
и твојата темница;
за твоите споредни реченици,
незначителната тежина на лактите
и материјалната душа
што се отцртува во јамичката
над клучната коска;
за тоа што заминуваш
и доаѓаш, и за сè
што за тебе не знам
моите едносложни слогови
се недоволни или одвишни.

Во иднината, музика

Онаа која не можеме да ја очекуваме
ќе поучи.

Блеска, неизвесна е, далечна.

Онаа која чекаме да ни пријде
не нè очекува,
не ни приоѓа,
не поаѓа од нас,
нерешена е.

Не ни припаѓа,
не прашува за нас,
не сака да знае за нас,
ништо не ни кажува,
не ни се кажува.

Не била,
не е тука за нас,
никогаш не била,
никогаш не е тука,
никогаш

(од збирката Во иднината, музика, 1991)

Насловот на песната, дословно преведен, гласи: музика на иднината. Потеклото на таа германска сложенка лежи во историјата на музиката на 19 век, во Вагнеровите есеи: Уметничкото дело на иднината и Музиката на иднината. Идиоматските еквиваленти во нашиот јазик (кули во воздух, пусти сништа, пусти илузии, за тоа потоа итн.) овде се неприменливи не само поради претераната колоквијалност, туку и зашто „иднината“, проиграна, секогаш поинаква од очекувањата, која е смисловно средиште на песната, во тој случај би била фатално отсутна.
Темата на иднината се јавува кај Енценсбергер во мрачни и помалку мрачни варијанти. Пример за второво е и песната Sprechstunde (На лекар) од збирката Фурија на исчезнувањето, која за иднината зборува со поведра иронија: „Знаете ли, господине докторе, / порано бев луд по неа. / Што сè не правев / за нејзината љубов (...) / Никогаш не сакаше да се обврзува. / Со месеци la vie en rose, а тогаш / одеднаш, плачење, чкрипење на забите (...) / Но и со сите нејзини грешки, господине докторе, / таа ми беше многу важна. (...) / Ќе се насмеете: / Радо се потсетувам на иднината.

Превод: П. В.
Коментари кон песните: Дринка Гојковиќ
Слики: Jan Peter Tripp
Јан Петер Трип (1945), сликар хиперреалист, „фотореалист“, одличен познавач на книжевноста, ја илустрирал поетската збирка Blauwärts (2013) на Енценсбергер. Бил школски другар и целоживотен пријател со В. Г. Зебалд, генијалниот писател кого што Енценсбергер прв го откри и прв го објави. Од Зебалд потекнува проценката дека Трип го довел реализмот „до речиси незамислива крајност“. Покрај тоа што ги илустрирал книгите на Зебалд, Трип направил и неколку впечатливи портрети на Зебалд, репродуцирани во Blauwärts.

ОкоБоли главаВицФото