Гилис ван Конинксло, пејзаж, дрво, 65 х 119 см

15.01.2018 14:45

Истерувањето на Агара,
грозна приказна за развод,
Постанок 20, 21,
само небото знае
што е во тоа свето.

Но наборите на фустанот,
но водата
што се пени под мостот,
разиграните кучиња, замокот
на карпа во далечина,
жената во црвена кецела
што на ливада пружа
алишта за да се избелат, и рибарот
во својата колиба на езерото,
малецок - по сè би се рекло
заспан,
како утот високо во гранките.

Таму кајшто сум јас
никој не рибари, не крешти
чапјата, синиот замок
не е син замок, борбата
во собата не создава набори.
Малку прав растворен во масло,
тоа е сè, на даската.

Она што јас го гледам не е тука,
го нема. Очите мамат.
Сакам да бидам измамен
и да мамам.
Само небото знае
што е во тоа свето.
Под мостот на пената,
посвеж од водата,
бакарнозелено, оловнобело и малахит.

Превод: П. В.


Белешки

Gilis Van Conninxloo (1544-1607), фламански сликар на пејзажи.
Првата книга на Мојсиј, 21, 9-10.

„И Сара го виде синот на Агара Мисирката, која му го роди на Аврам, како се потсмева. Па му рече на Аврам: истерај ја робинкава со синот нејзин, оти синот на робинкава нема да биде наследник со мојот син, со Исак.“

Енценсбергер во целиот свој опус го негува поджанрот на песни за уметноста, класична. Карактеристично е, во врска со тоа, нешто што напишал во есејот Фламански прозорец: „Бидејќи сепак е чудно како тенок слој на пигмент и ленено масло издржал 400 години без оштетувања, што е речиси непоимлива трајност ако имаме предвид дека повеќето слики од херојската модерна денес се изедени од забот на времето; за делата на нашите современици, кои од почетокот се трошни колку и нашите автомобили, нашите печатени работи, разладувачките системи, хулахоп чорапите и идеологиите, и да не зборуваме.“

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото