Раздвижениот сарказам на Ханеке

16.01.2018 02:09
Раздвижениот сарказам на Ханеке

Новиот филм на Михаел Ханеке, француско-австриско-германска копродукција „Happy End“ (2017), во кој се зборува главно на француски, е дочекан прилично млако од страна на фестивалите и критиката. Ова е прв филм на Ханеке, кој по долго време, не е награден во Кан, беше номиниран само за две европски филмски награди (двете актерски – за Изабел Ипер и Жан-Луј Трентињан – и двете непотврдени), а критиката главно го доживеа како помалку успешно дело на големиот автор. Но, всушност станува збор за вредно остварување што нималку не заостанува зад претходното дело на Ханеке, прославениот и наградуван „Љубов“.

Во фокусот на „Happy End“ е едно буржоаско семејство од северот на Франција, поточно од Кале (Calais), кое својот имот го стекнало со градежен бизнис и на кое веднаш на почетокот на филмот му се случува непријатен инцидент, ќе се урне дел од градилиштето при што ќе загине еден работник, кој токму во тој момент вршел нужда во мобилниот тоалет (препознатливиот сарказам на Ханеке).

На чело на семејството и на бизнисот е енергичната Ана (сигурната Изабел Ипер) која неуспешно се обидува во бизнисот да го воведе дезориентираниот син Пјер (многу добриот Франц Роговски), давајќи му висока функција, а тука е и смирениот брат на Ана, успешниот лекар Томас (одличниот Матју Касовиц) кој е во брак со новата млада жена, а истовремено е во страсна сексуална врска со својата љубовница. По наводниот обид за самоубиство на нејзината мајка, „службен“ дел од семејството станува и неговата 13- годишна ќерка од првиот брак, Ева (сјајната Фантин Хардун). И на крај тука е и 85-годишниот pater familias, Жорж (одличниот Жан-Луј Трентињан) кој само сака да го нема, ама ниту самиот успева да се убие, ниту пак за тоа ја добива посакуваната помош од страна.

Како што забележаа многумина критичари, Ханеке во „Happy End“ ги варира мотивите од своите претходни филмови (користење на различни неформални средства на снимање, од мобилен телефон до камера за надзор, долги кадри на разговорите кои се снимени од помала или поголема дистанца и во кои не се слуша за што се зборува, личност во тинејџерски години како вознемирувачка закана, буржоаско семејство и неговите девијации итн.), но тоа го прави на толку експлицитен начин (најочиглено во поставувањето на стариот Жорж како директно „продолжение“ на истоимениот протагонист од „Љубов“, кадешто неговата ќерка ја игра истата актерка (Изабел Ипер), така што е јасно дека се работи за многу свесна, игрива интертексуална постапка.

Во двете верзии на „Funny Games“ (австриската и американската) на својот, веројатно најбрутален филм, Ханеке беше црнохумористично саркастичен, додека во „Happy End“ хуморот е некако пораздвижен, пофриволен, лишен од споменатата бруталност. А бидејќи во повеќето негови филмови беше смртно сериозен, само со понекое здивче хумор, ова отстапување низ потсетувањето на старите мотиви, всушност ни претставува еден нов свеж Ханеке и тоа не го видоа повеќето критичари (иако не и на оној од „Sight & Sound“).

Освен тоа, во редицата негови убиствени тинејџери немало лик кој може да се спореди со актуелното девојче/девојка Ева. Таа е дел од споменатата традиција на Ханеке на смртоносни млади, но таа е многу покомплексна и посуптилна од останатите ликови, освен можеби оние од неговото ремек дело „Скриено“, но таму ситуацијата со двете момчиња остана сосема нејасна.

Ева, истовремено е и совест на семејството и негово зло семе, некој што предизвикува и симпатија и нелагодност, единствена од потенцијалните соучесници доволно храбра и откачена за да му асистира на дедото во обидот за самоубиство. Таа е срцето на филмот и еден од најинтригантните ликови на тинејџери видени во последните години и сосема доволна за да уште едно беспрекорно режирано остварување на Ханеке го направи еден од важните, живописни настани на годината.

Извор: Novosti