Холивуд и сексуалното насилство во Македонија

16.01.2018 14:24
Холивуд и сексуалното насилство во Македонија

Зошто во Македонија досега има малку позитивни ефекти од сензационалистичките социјални и холивудски кампањи против сексуалното насилство?

Еден од можните одговори може да се сретне во неодамна промовираната „Студија на опсег на различните форми на сексуално насилство во Р. Македонија“ (26.12.2017), која го адресира и проблемот на сензационализмот на медиумите: „Со објавување само на случаи на сексуално насилство врз возрасни девојки и жени, кога тоа се случува во другите земји од светот, го прават далечно за граѓаните и го претставуваат сексуалното насилство како нешто што се случува само во другите земји од светот, не и кај нас.“

И, навистина, ако пребарате „сексуално насилство“ на некоја македонски пребарувач на вести, ќе наидете на голем број вести поврзани со Холивуд, а вестите за сексуалното насилство во Македонија можат да се пребројат на прсти, и тоа само на денот кога погоренаведената студија беше објавена.

Зошто публикувањето на студијата за сексуално насилство Македонија не предизвика такво медиумско и активистичко внимание какво што предизвикуваат сензационалистичките холивудски написи, особено на Фејсбук?

Дали во објавената студија недостасуваа загрижувачки и шокантни податоци и укажувања? Не би рекол. На пример, студијата укажува дека на Македонија ѝ се потребни минимум 5 кризни центри за жртви на силување, минимум 3 центри за сексуално насилство, минимум 20 советувалишни центри, а дека немаме ниту еден (досега имаме најави од МТСП за отворање на три Кризни центри за жртви на силување и отворање Центар за жртви на сексуално насилство).

Студијата укажува на следниот шокантен податок од анонимниот онлајн прашалник, кој не предизвика дополнителни новинарски истражувања и покренувања на темата кај пошироката јавност: „Секој трет испитаник од онлајн прашалникот бил жртва на некој облик на сексуално насилство.“ Податоците од прашалникот во студијата укажуваат дека најтешките облици на сексуално насилство се сериозен проблем во Македонија, но сепак овој проблем не беше соодветно адресиран од македонските медиуми: „Од вкупно 4391 жена испитаничка 1696 жени одговориле дека во текот на својот живот биле изложени на некоја форма насексуално насилство, што ги прави 39% од вкупниот број на жени кои го пополниле прашалникот. 132 жени или 3% од вкупниот број (4391) жени испитанички изјавиле дека биле силувани. Дополнително 15 жени навеле дека преживеале обид за силување... Од вкупно 745 мажи испитаници, 132 мажи односно 18%, одговориле дека биле жртви на сексуално насилство. 12 мажи или 1,6% од вкупниот број изјавиле дека биле силувани... 20% од малолетните испитаници се изјасниле дека биле жртви на сексуално вознемирување.“

Студијата укажува на огромни институционални недостатоци, кои досега не беа повод за пишување на сериозни истражувачки стории за сексуалното насилство во Македонија.

На пример, укажувањето на интервјуиран гинеколог дека најголем процент од третираните случаи на силување се токму случаи на силување во брак, дека на клиниката за гинекологија не водат статистика за случаи на силување/сексуално насилство (дека вакви статистики не се водат ни во други надлежни институции, или дека штурите статистики од правосудството не се родово разделени).

Исто така, укажувањето на други вработени во ГАК „дека дури и во случаи кога постои сомневање дека се работи за силување и жртвата се упатува на гинеколошки преглед, несоодветното постапување доведува до уништување на доказите“. Или дека „Многу често гинеколозите одбиваат да работат со потенцијални жртви на сексуално насилство поради непостоење на протоколи за постапување, а заради самосвесноста за неоспособеноста да делуваат и стравот да не направат грешка и завршат на суд“. Студијата укажува и дека секторот за социјална заштита при МТСП нема изработено Протокол, ниту Правилник за постапување во случаи на сексуално насилство. За жал, сите овие шокантни укажувања за македонските искуства, како да останаа засенети од холивудската кампања против сексуалното насилство.

Студијата за сексуалното насилство во Македонија укажува дека ваквото насилство многу малку се пријавува, а дел од причините се немањето доверба во институциите особено во полицијата: „Жртвите кои се јавуваат на бесплатните СОС линии само го споделуваат сексуалното насилство кое го доживеале, за да им олесни. Иако им се даваат инструкции каде да пријават и што да направат следно, ретко го пријавуваат бидејќи немаат доверба во институциите - како што велат тие.“ Зошто ваквите укажувања не беа повод за покренување на јавна дебата како да се зголемат капацитетите и довербата во институциите кои се надлежни за сексуалното насилство и за помош на жртвите, со цел да се зголеми бројот на пријави? Зошто новинар(к)ите повеќе беа заинтересирани за холивудските, отколку за македонските искуства и проблеми?

Во објавената студија има укажувања и за непрепознавање на сексуалното вознемирување како сексуално насилство, но и за причините за непријавување на сексуалното вознемирување на работното место. Во студијата е адресирана и присутноста на одредени митови, кои можеа да поттикнат интересни истражувачки стории, но такви стории не уследија по промоцијата на студијата пред три седмици.

Студијата укажува и на перцепцијата на испитаниците каде најчесто се случува сексуалното насилство: на недоволно осветлени места, дома, во затвори, во домови за згрижување, на интернет просторот, во психијатриски институции, на работно место, во училиште/на факултет, на јавни простори (за жал, нема перцепција за сексуалното насилство во услови на војна, иако на Балканот живеат десетици илјади кои преживеале силување и други сексуални напади за време на конфликтите во Босна, Хрватска, Косово, па и Македонија...). Ни овие податоци не беа поттик за да се објават новинарски стории и да се покрене јавна дебата за сексуалното насилство кај нас, тука, во Македонија, или на Балканот. Зарем до толку новинар(к)ите не успеаја да пронајдат релеватни домашни извори, искуства, експертски гледишта ниту за сексуалното насилство на работно место, на интернет, или на факултет/училиште - иако станува збор за топ теми не само во светски, туку и во домашни рамки?

Дури и со модниот тренд на јавно „аутирање“ на сексуални насилници и вознемирувачи (што е многу контроверзна тактика) немаме особени искуства. Многу професор(к)и и сегашни и поранешни студент(к)и се забележително активни на социјалните мрежи, а ниту еден сексуален насилник или искористувач на факултет не беше „аутиран“ од страна на жртвите.

Наместо заклучок: Сè дури сме многу повеќе заинтересирани за проблемите и искуствата во Холивуд, сексуалното насилство (најмногу врз жените) ќе остане табу тема во Македонија, не само за медиумите, туку и за активист(к)ите. И ќе тапкаме во место во однос на (не)пријавувањето на сексуалното насилство онаму каде што треба: во државните институции кои се платени да даваат помош на жртвите и да ги гонат насилниците, а не го прават тоа од најразлични причини со кои ние не сакаме да се занимаваме.

Слики: Готфрид Хелвајн

ОкоБоли главаВицФото