Секоја планина - своја тежина

16.01.2018 18:19
Секоја планина - своја тежина

Неописиво сум горда и бескрајно благодарна на храброста на сите жени и девојки кои се приклучија кон #сегакажувам. Ми се чини немало вакво движење во регионот, поправете ме ако грешам но ете повторно Македонија се истакнува како мала земја на многу храбри луѓе.

Кога почна #metoo движењето, се сеќавам дека седнав една вечер да ги бројам сите сексуални напади и вознемирувања во мојот живот. Не можам да ги добројам до денеска. Од двата манијаци во метро во Брисел кои мастурбираа пред мене кога имав 12 години, до дечкото кој ми се допаѓаше на 14 години и рече дека ќе свртиме кругче на моторчето за да ме однесе на пуста плажа и да одбие да ме врати назад, преку таксистот кој скршна во слепа уличка на полноќ наместо да ме врати дома, па се' до понижувачките коментари за физичкиот изглед наместо за вложениот труд, насилните лапања и фаќања, и безбројните неповикани раце на колена, задник, половина, нога, она кога се стегаш за да го избегнеш непосакуваниот допир ама се плашиш да испаднеш слаба и "некул" , "де бе па ти голема работа" итн., пошто нели така те учеа да не бидеш “пичка“, допир не е силување, што си се стегнала, опушти се... Знаете.

Ретките хејтерски коментари и оние од едно друго време не заслужуваат внимание. Секако изумираат тие.

Сакам да се осврнам на оние кои се плашат да прозборат за вакви и пострашни искуства. Сакам да се осврнам и на оние кои можеби биле во мојата ситуација и им зависела кариерата од болните умови на нивните шефови. Кога ми се случи тоа што одлучув да го споделам, ја имав таа среќа да бидам 1. на мој терен во Брисел, 2. да имам одреден степен “заштита„ како внука на во Македонија, и 3. да можам во секое време да се откажам од работа во/со Македонија како белгиска граѓанка. Затоа можев да дадам отказ полесно. Многу сум свесна дека други жени ја немале таа можност да побегнат, или да дадат отказ.

Jас надвор од Македонија не сум ја имала таа привилегија да бидам “заштитена“, така што многу добро знам како е да си и во едната и во другата положба и не судам никому. Впрочем зошто до денешен ден треба да бидеме од нив да бидеме “заштитени“? Прочитав коментар за мојот пост некаде "пола новинарки во МК така направија кариера". Можеби има такви, но наместо да ги хејтате и понижувате, би сакала да разберете дека не секој и секогаш е во позиција да каже не, да покажете емпатија, и да пружате рака тие жени да можат да проговорат наместо да се срамат. Не е срамота ако сте прифатиле нешто против своја волја, ама не го бранете системот поради кој вашите ќерки утре ќе мораат истото да го преживуваат. Научете ги и вашите синови да не им го прават тоа на други.

Секое вознемирување доживеано како трауматично Е трауматично, не дозволувајте патетичната Кетрин Денев, диносаурусите, шефовите, мајка ви, стрина ви, брат ви, некој идиот на ФБ или дечко у дискотека, било кој да ви кажува што е трауматично, а што не. Секоја планина - своја тежина. Баш затоа што со години ни велеа "е де ма па ти голема работа/голем кур (pun intended)" стасавме овде каде што сме. Вриеме. Сите до една сме поминале на ваков или онаков начин низ ова.

За крај: зошто не ги именуваме? Зошто не сме пријавиле тогаш? Зарем мислите дека денеска со именување не се изложуваме на тужби за клевета, дека не е застарено делото, дека немаме докази едноставно? Зарем мислите дека тогаш полицаецот во станица или судијата ќе имаа слух за нашите искуства? Ако така мислите тогаш топло ви препорачувам да поминете неколку дена во некоја НВО или адвокатска канцеларија која се занимава со таа проблематика, за да се соочите со реалноста конечно.

ОкоБоли главаВицФото