#СегаКажувам – кампања за подигнување на свеста за сексуалното вознемирување

16.01.2018 21:36
#СегаКажувам – кампања за подигнување на свеста за сексуалното вознемирување

На социјалните мрежи започна кампања со хаштагот #СегаКажувам, во која жените споделуваат информации за најразлични случаи на сексуално вознемирување или напад, кои ги доживеале или виделе.

„Независните организаторки на кампањата #СегаКажувам #TaniTregoj ве повикуваат доколку имате своја или блиска приказна за сексуална злоупотреба, малтретирање или принуда од позиција на моќ и сакате да ја споделите, да го направите со овие хаштагови“, повикаа организаторите.

Голем број жени одговорија на овој повик и на социјалните мрежи се појавија десетици сведочења на вработени жени кои добивале различни непристојни понуди од претпоставените, студентки кои биле сексуално вознемирувани од страна на професори или директори на студентски домови, ученички што трпеле дофрлувања од наставниците...

Кампањата ја организираат неколку независни активистки, поттикнати од светските случувања по скандалите што го потресоа Холивуд со сведоштвата за однесувањето на продуцентот Харви Вајнстајн, а потоа предизвикаа и лавина сведоштва за сексуално насилство во различни средини. 

Целта на оваа иницијатива е да го скршиме молкот со кој се најчесто обвиткани искуствата на сексуално вознемирување кои ги доживуваат многу жени. Наша идеја не е да покажеме кои се насилници во Македонија, туку колку е нормализирано и распространето сексуалното вознемирување. Живееме во култура која го оправдува, крие и нормализира овој вид на насилство и вознемирување, па затоа првиот чекор кон решавање на овој проблем е да се прозбори јавно“, вели Ирена Цветковиќ, директорка на Коалицијата „Маргини“.

„Решението не смееме секогаш да го бараме во правосудните органи. Решението лежи во сеопфатно системско менување на релациите на моќ и злоупотребите кои тие ги носат, а тоа е можно само со сериозен влог во образование,здравство, медиуми, култура итн“, вели Цветковиќ.

Според неа, решението за ваквите случаи не секогаш треба да се бара во државните органи, туку станува збор за систем кој треба да се менува.

Ана Василева, една од активистките, вели дека директниот повод им е да се надоврзат на светската кампања што се одвива под мотото „и јас“ (me too), но е нешто на што се работело подолго време.

Тие се надеваат дека ќе охрабрат што повеќе жени и девојки да се спротивстават на ваквите однесувања и јасно да кажат што сакаат и што не сакаат.

Според нив, целта на оваа кампања е да се стави во фокус и да се де-нормализира насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата, како и да се предизвика културата што имплицитно и суптилно го негува и наградува тоа „фраерско“ токсично машко однесување.

Охрабрување на жените и девојките да се спротивстават на ваквите однесувања, јасно да кажуваат што НЕ сакааат и што сакаат, свест дека не може и не смее некој што има моќ да се изживува со нив. Порака дека кога се жртви на посериозни дела, ако веќе нема правен систем кој ќе им помогне да добијат правда без крајно да ги истрауматизира, барем има кој да ги чуе и да го уважи нивното страдање и да им помогне да се опорават. Јасно давање на знаење дека тие однесувања не се посакувани, не се фраерски, не се секси туку се неприфатливи“, вели активистката и феминистка, Ана Василева Широк е спектарот на сексуално насилство, посебно во најранливите групи во кои е многу тешко да се докаже вина на сторителот и во ситуации во кои низ секојдневниот говор се манифестира сексуално вознемирување. Некои од сторителите на посериозни дела се на многу моќни позиции и често пати речиси е невозможно да се предизвика нивниот статус.
„Имало изолирани обиди за тоа, и речиси редовно биле заташкани или завршиле на штета на жртвата. Дел од случаите се застарени“, вели Василева.

За многумина постои дилемата зошто да не се именуваат сторителите.

Целта на #СегаКажувам #TaniTegoj не е да се спроведе казна или одмазда на поединечни престапници, туку да се стави во фокус и да се де-нормализира насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата, како и да се предизвика културата што го имплицитно и суптилно го негува и наградува тоа „фраерско“ токсично машко однесување.

Јавните споделувања лични искуства со сексуално вознемирување се подложни на мноштво дисквалификации, што беше случај и на глобално ниво, но тоа нема да нè спречи и понатаму во нашата борба со сексуалното насилство за кое малкумина се свесни и неподготвени да се соочат со истото во нашето секојдневие сметаат активистиките кои ја почнаа оваа кампања.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото