Сега кажувам #1

16.01.2018 20:47
Сега кажувам #1

Румена Бужаровска

Имам 22 години и лежам пиштол гола на операциона маса во државна болница. Не знам зошто баш морам да сум гола. И ден денес не ми е тоа јасно. Доаѓа анестезиологот и застанува зад мене. „Охоoo, младо месо“, вика пред да ми шибне спинална анестезија. Од сите доктори и сестри во салата, никој ништо не кажува.

 

Ана Василева

Имам другарка која пред петнаесетина години неколку пати мораше да биде хоспитализирана на психијатриски оддел. Кога ја посетував, настојувавме да зборуваме за нешта надвор од болницата и за тоа колку ќе биде подобро кога ќе заврши лекувањето.

При крајот на една средба, шепотејќи ми раскажа дека секогаш кога е на дежурство, еден член на персоналот ѝ се потпикнува во болничкиот кревет среде ноќ. Ѝ „објаснувал“ дека е тоа за да ја „освежи“ малку.

Јас #СегаКажувам дека сè уште ме прогонува прашањето колку често се случува ваква грозна злоупотреба и како би завршило пријавувањето на надлежни институции и постапувањето кај надлежни органи...

Светлана Јовановска

Имав 18 години. Пријател и колега на моите родители, човек кој често доаѓаше кај нас дома, една вечер понуди да ме однесе со кола до град каде што ме чекаше моето друштво. Но, наместо да тргне десно кон центарот на Скопје, тој сврте лево кон Водно. Со изговор дека нешто треба да види кај тогашниот хотел Панорама. И застана на паркинг кај бившо Олимписко село а неговата рака на моите нозе. Излегов од колата и тргнав пешки кон центарот. Човекот продолжи да доаѓа кај нас на гости, без око да му трепне. А јас молчев.

 

Калиа Димитрова

Бев во полициска станица да однесам пријава за настан, за да се заведе во архива, настан веќе одобрен од општина. Шефот на смена ме однесе кај него во канцеларија за и тој самиот да ја разгледал пријавата, иако немаше потреба за тоа. Во собата на трети кат бевме само тој и јас. Инсистираше да седнам веднаш до него. Ја гледаше пријавата повеќе од 15 минути. На крај побара мој телефонски број: за секој случај. Сакав да му го дадам бројот на организацијата која стоеше зад настанот. Тој инсистираше на мојот личен број. Му го дадов бројот, го запиша, ме погледна и кажа: имаш многу секси бројче.

Ми се јавуваше следните две вечери во 12 по полноќ без причина. Тогаш не кажав никому.

Љупка Трајановска

Бев трета година на факултет и отидов да земам оценка (10) во кабинетот на Професорот, каде што седеа уште двајца професори. Во сооднос со предметот по кој земав оценка бев прашана да дадам објаснување на сликата која се наоѓаше на неговиот ѕид. На сликата имаше гола жена легната во кревет и зад неа офицер завртен со грб како се облекува. Се засрамив и молчев. Реков, не можам да дадам објаснување.

„Де бе колешке. Па сликата ни кажува дека жените се најдобри разузнавачи, преку кревет до сите информации можат да дојдат.“

 

Јована Тозија

20 години, втора година факултет. Одам после колоквиум на увид кај Владимир Димчев. (Да да, со име и презиме, тогаш Благој Ханџиски само што отиде да биде амбасадор во Атина, па дотичниов беше и асистент и професор и демонстрираше надмоќ од позиција „кадија те тужи кадија те суди“).

- Професоре, зошто сте ми одзеле на оваа задача два бода?

- Јована ај излези од канцеларија, да не ти кажам нешто безобразно.

- Е што безобразно професоре?

- Два поени не ти мењаат ништо во животот, ама два сантими...

Слики: Anna Higgins

ОкоБоли главаВицФото