Киоск

17.01.2018 10:23
Киоск

Седум песни од збирката Киоск (1995): Под кожата, Бифуркации, Невронска мрежа, Неколку редови во досада, Излезната авенија, Духот на татко ми и Визита.

Под кожата

Потемниот универзум
под кожата,
каде што не се мисли,
само се пумпа, зоврива,
меси, работи
додека ти спиеш:
плутонски немир,
земјо‒ и моротрес,
голема хемија, катастрофи,
густо спакувани.

Твојата внатрешна џунгла
древна е,
разгранета, со матна боја,
влажна и врела.
Прасупата
зачнува паразити.
Бизарната врвулица
буи, мутира
и пак изумира.

Цели еони
во временско забрзување,
а ти и не насетуваш.

Плитко дишејќи,
лежиш тука, отсутен,
опиен, слеп.
Само операторот,
со сонда, го набљудува
на екранот метежот
на органите, огромен.

„Експедиција во шифрираниот пејзаж на телесноста“, така песнава ја чита Херман Корте.
Хибел ги вредува научните песни на Енценсбергер во посебен поджанр на неговата лирика.
- Прасупа - водата на праокеанот, со сите органски и аноргански материи, од која се развил животот.
- Плутонски немир - движење на магматските карпи во длабочината на Земјината кора.


Бифуркации

Сè што се разгранува,
расклонува: делта, молња на белите дробови,
корени, синапси, фрактали,
семејни стебла и стебла на одлучување;
сè што се зголемува
и едновремено намалува ‒

несфатливо е,
и премногу богато
за тој врапчешки мозок,
за тој н-ти член
на една бесконечна низа
што, зад грбот
на оној којшто тука, наместо да мисли,
бива мислен, се развива,
разгранува, расклонува.

- Синапси - електрохемиски преносители на нервните импулси, од неврон до неврон, со посредство на невротрансмитери, специфични хемиски супстанци.
- Фрактали - А. Џ. Клејтон пишува дека „ботаничките и бронхијалните стебла, гранки, корени, делти, невронски мрежи, сите покажуваат иста фрактална структура“.
- Стебло на одлучувањето - графички приказ на процес на донесување одлуки.


Невронска мрежа

Замисли дрво на баобаб,
џиновски разгрането,
и насели го, во мислите,
со илјадници малецки мајмуни:
замисли како се пентараат,
клатат, и како, заканџени еден за
друг, се грабаат од гранка до гранка;
додека не се пуштат, не паднат,
не застанат да наслушнат,
не земат да се множат, да задремаат ‒
замисли, о кутар мислителу!

Па потоа пак скокаат,
лудо палави, вјасаат наелектризирани,
се тетерават и струполуваат;
или седат тука, тукутака,
снемоштени, и сонливо се чешаат,
до следниот јуриш. ‒ Тешко онему
кој ќе посака да го опише сето тоа!

Смеј се, отстапи, чуди се,
но престани, пред да полудиш,
да размислуваш за размислувањето.

Дрвото баобаб, по кое - во оваа питорескна лирска метафора за човековиот мозок - се пентараат мајмунчињата-мисли скокајќи од неврон до неврон, потекнува од Африка. Се верува дека неговиот животен век може да биде и неколку илјада години. Високо е до 25 метри и има богата, разгранета крошна.


Неколку редови во досада

Никогаш не извршивме помалку штета отколку тогаш
кога во долгите попладниња полека се напивавме
и никогаш, освен во сон, не бевме побезопасни
отколку во тие денови што ни минуваа во разбарушено дрдорење;
веќе вечерта заборававме сè што сме изговориле.
Да, беше волшебно со денови така да се седи,
обесно и од пуста несебичност мрзеливо, и да се набљудува
како расипнички благо се троши она што ни е дадено.


Излезната авенија

Онака како одеднаш да си се разбудил,
онака како доволно долго да си се обидувал да го уловиш
она што ти измолкнува
онака како стварно да си забележал
што е стварно тука,
онака како ненадејно нешто да си открил,
онака како да си го открил каменот на мудроста,
онака како да си открил
чуму тој камен на мудроста,
како тој да отсјајува светлина,
како да среќаваш само посветеници
на тој сеедно кој уличен агол,
онака како да си еден од нив ‒

додека секундарата не се помрдне за секунда напред,
семефорот не скокне од црвено на зелено,
а ти не продолжиш по патот полн со сообраќајни знаци.

„Во Хамбург постојат 300 ситилајти од кои ќе може да се чита песната Излезната авенија“, рече во 1999 година Урсула Келер, авторката на проектот „Поезија во градот“. Освен оваа песна во Хамбург тогаш во многу јавни простори во големи формати биле претставени уште 30 песни од други автори. Келер ја следела идејата на поетот Јоахим Сарториус: „Песната, па и тешката песна, мора да се најде во подземната железница, во големите дневни весници, на радио, на телевизија. Мора да биде на располагање, како струја, како пумпа за бензин...“


Духот на татко ми

Во некои вечери седи тука,
како некогаш, лесно свиткан,
потпевнувајќи на масата
под ламбата од ковано железо.
Перото потопено во туш гребе
врз милиметарската хартија.
Мирно, постојано, ја влече својата
црна трага.
Татко ми понекогаш ме слуша,
со наведната снежнобела глава,
се смешка отсутно, продолжува да го црта
својот чудесен план
кој не можам да го сфатам,
кој никогаш нема да заврши.
Го слушам како потпевнува.

Таткото на Ханс Магнус, Андреас Енценсбергер, бил инженер по сообраќај и телекомуникации, вработен во Поштата на Рајхот. Јерг Лау пишува дека во „нирнбершките години“ таткото, од хоби, работел на планот за поправање на возниот ред, со кој синот бил фасциниран, иако, како што стои во песната, до крај не го разбирал.
Во врска со „нирнбершките години“ Ханс Магнус вели: „Имав среќа со родителите. Тие, додуша, не беа борци на отпорот, но не беа ни нацисти. Така од почетокот имав поинаков поглед на таканаречената народна заедница. (...) Немам намера да го сликам својот татко како херој, но тој кон крајот на војната беше затворен поради поткопување на воениот морал.“

Визита

Кога го подигнав погледот од својот празен лист,
во собата стоеше ангел.

Еден сосема обичен ангел,
веројатно од најнизок ранг.

Не можете ни да замислите, рече,
колку се може без вас.

една единствена помеѓу петнаесет илјади нијанси
на сината боја, рече,

поважна е за светот
од сè што вие правите и пропуштате,

а да не зборувам за ортокласот
или Големиот Магеланов облак.

Дури и обичен подводен тегавец, неугледен каков што е,
би оставил празнина, вие не.

Видов по неговите светли очи, очекуваше
приговор, долга борба.

Не се помрднав. Чекав,
додека не исчезна, молкум.

- Подводен тегавец: „Бидејќи видот А. Plantago расте во Грција и по солените бари крај морето, се смета дека името настанало од грчкиот глагол хализо, посолување. Лине, меѓутоа, смета дека името потекнува од грчкото алисмос - страв, немир, бидејќи билката била земана како лек против тоа.“
- Ортоклас е минерал кој настанува со кристализација од магма; затоа е главна минерална состојка на еруптивните карпи (гранит и друго). Се користи во керамичката индустрија, посебно за производство на глазура. Полускапоцениот „месечев камен“ во поголема мера се состои од ортоклас.
- Големиот и Малиот Магеланов облак - „космички маглини, ѕвездени системи, придружници на нашата галаксија“, оддалечени од Земјата 90.000 светлосни години. Ги воочил португалскиот истражувач Фернандо Магелан пловејќи околу светот во 1519 година. Од јужната хемисфера се гледаат со голо око.

Извор: Киоск, 1995
Превод: П. В.
Коментари: Дринка Гојковиќ
Слики: LORELEI H BECKSTROM

ОкоБоли главаВицФото