Сега кажувам #4

17.01.2018 11:26
Сега кажувам #4

Кога бев четврта година факултет, седев во апсолвентска соба (сам) во студентскиот „Стив Наумов“ во Автокоманда. Ама, другарите седеа во соби околу мене, па така се гледавме секој ден. Едно пладне, тукушто станат од спиење, се одвлеков до собата кај што седеше еден од другарите, и влегов. Внатре имаше неколкумина кои ги познавав, и една девојка која првпат ја гледав. Пиеја кафе. Јас толку често одев во таа соба, и тие толку си беа навлезени во муабетот, што кога седнав на еден од креветите, никој не ми обрна внимание. Погледнав во девојката. Беше преубава - долги нозе, крупни гради, прекрасно, едвај нашминкано лице. Се свртев кон себе: бушав, неизмиен, во распар пижами. „Каков контраст. Никогаш нема да бидам со ваква девојка“, си реков.

Вечерта бев договорен со братучедот да се најдеме кај него. Седеше на Водно. Фатив пееска и почнав да се возам натаму. Во турканицата од автобусот, се изненадив кога ја забележав и неа - девојката од утрото. Беше недалеку од мене, а јас ја гледав упорно, се надевав дека ќе ме забележи, и ќе сфати дека имам фино сако и кошула, и дека можам да бидам и среден, а не само како утрово. Девојката навистина ме забележа, и, додека да размениме некоја насмевка, таа слезе, па и јас слегов кај „Кочо Рацин“, по што продолжив пешки, расположен - правдата беше задоволена.

Приказната стана уште поинтересна кога доцна вечерта, по видувањето со братучедот, на враќање кон „Стив“ со последната пееска, пак ја сретнав истата девојка. Сега, целата ситуација беше дури и малку смешна, и можеше комотно да се започне муабет за случајноста, и дали случајноста е случајна, колку е тоа судено, колку е студено, и слични тракатанци. Возењето се заврши со тоа што девојката ме праша дали може да ја испратам горе до Железара (да не дава пари за такси, а страв ѝ било да оди нагоре пешки сама), а јас, сеќавајќи се на развојот на настаните по мојата помисла од истото тоа утро, си реков - колку е чудесен животов.

По неколку гледања, се најдовме сами во мојата апсолвентска соба. По некое време разговор, гушкање, сакам/неќам разговори и смешки, девојката се најде без маичка, и мене вечерта ми доби уште повеќе смисла. По извесно време обострано уживање, јас бев подготвен за следната глава од приказната, и почнав да туркам натаму, и, по сето нејзино повлекување и сето мое навалување, заедничкото смеење сè почесто почна да ѝ отстапува место на нејзината вознемиреност, и, најпосле таа отсечно ме замоли да престанам. Се збунив, и се тргнав. Молчевме некое време. Потоа, таа ми рече дека не ѝ e лесно кога треба да се зближи со некого. „Знаеш ли како го почнав студирањето?“, ме праша, растревожена. Мене повеќе ме интересираше сегашноста од минатото, и не реков ништо. Но, таа сакаше да зборува, и така, видно вознемирена, почна да ми кажува за тоа како пред две-три години, кога на 18 се запишала на факултет, некој од професорите ѝ се приближил и без многу заобиколкување ѝ рекол дека ако мисли да заврши факултет, мора да се најдат еднаш со него, во неговата кола, и да одат некаде. Не би траело долго дружењето, а таа не би морала да се грижи за голем дел од студиите, и слично. „Ме уценуваше, постојано паѓав кај него, ме малтретираше на разни начини, ме убедуваше и, на крај се согласив. Ме зеде една вечер со колата, и после десет минути ме остави крај патот. Ко партал...“, зборуваше девојката, потресена, може и липајќи, не се ни сеќавам. Бев запрепастен, гневен. А кога малку се потсмири, пак, се сврте кон мене, и ме праша нешто. Е на тоа нешто се сеќавам. „Може ли сега да се облечам?“, ми рече. И, ме попари, ме столче, ме пеплоса. Се почувствував гнасно.

Колку е одвратен животов.

Беше премногу потресена, и невозможно беше човек да не ѝ поверува во она што го кажа. Не памтам што ѝ одговорив, но знам дека ја убедував да каже за тоа, дека грозно е тоа што ѝ се случило, и слични нешта, но - колку повеќе ја убедував барем да ми каже којa е гнидата, таа толку повеќе се плашеше и сè повеќе ме молеше да не кажувам никому ништо. Ѝ ветив дека нема да кажам никому, и навистина не кажав. Наместо тоа, тој гнев што се акумулираше во мене веројатно делумно се канализира во една приказна од „Куфер за тројца“, каде студентка со железна шипка му ја здробува фацата на еден стар и изопачен професор.

Неколку години подоцна, на фејсбук профилот на еден пријател, случајно ја видов девојката - исто толку убава, сега со детенце в раце. Ми падна мило.

...

Се чини дека трауматичните приказни на другите можат да станат товар што и ние самите можеме со години да го носиме. Но, тоа никако не значи дека не треба да ги слушаме луѓето со тешки приказни - баш напротив. Треба што повеќе да се слуша, и да се зборува за тоа.

За девојката, се надевам дека не се сеќава често на она што ѝ се случило пред повеќе од десет години. И, бидејќи знам дека таа најверојатно нема никогаш јавно да зборува за тоа, еве јас #Сегакажувам.

Везови: adipocere 

Слични содржини

Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Став
Општество / Активизам / Став
Активизам / Став
Општество / Активизам / Фотографија / Став

ОкоБоли главаВицФото