#СегаКажувам - РЕАКЦИИ

17.01.2018 16:08
#СегаКажувам - РЕАКЦИИ

Ана Василева
Целта на #СегаКажувам #TaniTegoj не е да се спроведе казна или одмазда на поединечни престапници, туку да се стави во фокус и да се де-нормализира насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата, како и да се предизвика културата што го имплицитно и суптилно го негува и наградува тоа „фраерско“ токсично машко однесување.

Румена Бужаровска
Горда сум и трогната од одзивот на #СегаКажувам, емпатијата, разбирањето и свеста што ја покажаа луѓето, како и фактот што се отвори голема, болна и заташкана тема. Истовремено, на чуден начин сум благодарна и за грдите коментари и траорните обиди за хумор поттикнати од исповедите, бидејќи и тие сликовито го илустрираат степенот на несочувство, шовинизам и агресија присутни во ова општество. Сепак, првиот чекор за справување со проблемите е соочувањето – а мислам дека сме на добар пат.

Лина Симон
Пред некој ден другарка ми пиша за кампањата #СегаКажувам и ме покани да се вклучам со лично или сведочено искуство на сексуално вознемирување од позиција на моќ. Бидејќи речиси цел работен век работам со луѓе кои имаат политичка или економска моќ, се почувствував обврзана да се вклучам. Без оглед на радикалните толкувања и многуте осуди на ова движење, ваквите кампањи и бранот на глобално охрабрување се важни за побрза културна/цивилизациска промена во светот.
По три дена заклучив дека немам нешто лично, а вредно за споделување од мојата професионална средина, затоа што сигурно немаше да изумам и дека барем луѓето околу мене ќе знаеа за такво нешто. Не сум ни сведочела на нешто неконсензуално од сексуална природа, а не е дека не се случуваат такви релации во политичкот живот, како и во животот на сите останати. И токму поради тоа решив да не напишам статус. Не сакав некој изречен простаклук, недоветно пуштање, несакан допир или обичен балкански шовинизмус да го ставам на исто рамниште со трауматичните искуства на жени кои биле уценувани и малтретирани.
Сега седнувам и читам неколку објави на хаштагот и веднаш ми текнува дека всушност мора да го спомнам професорот педофил од средно, кого го казнија со тоа што го распределија да работи во библиотеката, негов мал рај. Или сликата од основно, кога беше најнормално машките да се соберат во група и да нападнат со фаќање женска група, на што добро потсети една девојка деновиве. Дека на типот тогаш требаше да му биде доволно само едно НЕ. Дека флертот и вознемирувањето се различни нешта. Дека каде што работам сега, секојдневно добивам прилично јака претстава за димензииите на насилството во нашето општество. Дека уцени, силувања и злоставувања се случуваат и во самите семејства и затоа ова е општ, а не Холивуд проблем.
И дека секоја споделена траума води до лекот.

Кристина Леловац
Се радувам за сите вас што сте (биле) во позиција да “кажете веднаш”, чие што “не секогаш значи не”, сите вие кои сте биле во состојба “одма, на лице место” да ги демонстрирате своите одважност, храброст и достоинственост, за сите вас кои можете слободно да ги “именувате” оние што се обиделе да ви наштетат, сите кои не сте се почувствувале како жртви на сексуално вознемирување и/или насилство.
Особено се радувам кога ги разбирате сите останати кои од економски-социјални-емотивни причини не се во вашата позиција.

Ивана Туфегџиќ
#СегаКажувам не се плашете да пријавувате, не чекајте поради низа причини најчесто стигматизација од другари/ки, семејство и општество. Сексуалното вознемирување и напад не е додворување ниту пак има врска со облеката и изгледот, тоа е напад врз интегритетот на личноста и мора да биде осудено, наместо оправдано.
Нивната моќ извира од стравот, а стравот завршува со пријавата и зборувањето гласно за да се охрабрат и други жртви.
Дополнително оваа иницијатива треба и мора да охрабри и без предрасуди барање на психолошка помош за справување со трауми.

Ана Глигорова
Со сите докази, сведоци, полициски записници, апсења, сторителите на тешкото кривично дело силување се ослободени или казнети (често) со минимална затворска казна. Во меѓувреме, жртвата (најчесто жена) во текот на истрагата трпела иззживување од разно разни мажи кои и поставувале прашања од типот - Го предизвика ли? Носеше ли мини сукња? Зошто си отишла на само со него? Овие типови, покрај страшното злосторство на силувачот, и нанеле плус тешки трауми на жртвата.Нив никој не ги спомнува.

Ненад Тонкин
#СегаКажувам е храброст. Тоа е и начин за исповед на гадно и стресно доживување, можност отворено да се проговори за нешто што можеби би се премолчило цел живот. Оваа кампања е освестување за тоа во каква средина живееме, колку се на број тие што претрпеле чин на сексуално вознемирување или насилство, во кои сфери на нашето општество се пронаоѓаат вакви примери и какви категории на луѓе се инволвирани. А исто е и добра прилика да се провери емоционалната интелигенција на средината и со колкав капацитет на свесност располагаме.
И тука нема дилеми дали требало, како требало, кога и во која мера требало да се објават сопствените искуства. Жртвата се охрабрила да проговори и тоа е повеќе од доволно. Многу е лесно да се осудува, навредува и исмева од комфорна позиција, но најтешко е да се живее како жртва.
Ја поддржувам кампањата! И очекувам правно да се решат случаите.

Марина Мици Трајкова
#СегаКажувам пред неколку часа почна како иницијатива за обзнанување на ситуации во кои најчесто жените биле сексуално напаствувани, и брутално и суптилно. Помогна сите да ги согледаме секојдневните форми на напаствување кои често и не се перцепираат како страшни. Можеби најголемата поента беше да се отслика злоупотребата на авторитетот и позицијата на моќ на оние кои практикуваат некоја форма на злоупотреба. Но, прочитавме и за случаи каде оние кои си земаат за право да малтретираат не секогаш биле во позиција на авторитети. Што значи дека тие самите си ја дале улогата на помоќни, преку нормализацијата на ваквите однесувања на општествено ниво. Навлегле во нечив приватен простор, си дале дозвола да допираат нечие тело без дозвола, да створат заканувачка ситуација за другите.
Дубок наклон за жените кои жестоко се спротиставиле на ваквите однесувања. Разбирање и поддршка за жените кои не се чувствувале доволно силни да проговорат. Сега имаат можност и простор да бидат чуени.

Бојан Антиќ
Повеќето реакции на #СегаКажувам што ги прочитав денес се причината зошто никој не зборува за вакви работи и зошто сексуалното напаствување, злоставување и општо одвратно однесување на некои гомна од луѓе ќе продолжи и понатаму неказнето.
Ако треба некој да те потсети дека истото може да и се случи (а според бројот на случаи, веројатно веќе и се случило) на твојата жена, девојка, сестра, мајка... Not cool, bro. Not cool at all.

Филип Петковски
Денес задача нека ни биде во search да пишеме #сегакажувам и да ни стане јасно со какви гнаси живееме. А под “гнаси” мислам и на фраериве кои мислат дека хаштаг посветен за сексуална злоупотреба е предмет на заебанција.

Васко Лазаревски
Ако била целта да се подигне свесноста и вниманието на јавноста за проблемот на изнудување секс и сексуално малтретирање од позиција на моќ, тогаш #сегакажувам е многу успешна кампања уште во првите два три часа од почнувањето.
Дали е неумешно спроведена, дали е провинцијална, не е толку битно. Некои луѓе, одвоиле време и труд, се искоординирале и ни го свртеа вниманието кон оваа тема, која рака на срце сите знаеме дека постои и речиси сите ја премолчуваме.
Малку е чудно што се фокусира на случаи од пред многу години и настаните се чинат тешко докажливи, ама и да се објават настани од вчера подеднакво би биле недокажливи. Вака, кај предаторите може да се појави чувство на ранливост дека ќе бидат јавно посочени и ќе ја чукнат главата пред да нападнат некој/а.

Лазар Ѓуров
#СегаКажувам дека сите кои си играат мајтап и прават исмејување со искрено и јавно споделените трауматски искуства на женски деца, девојки и жени кои биле физички, вербално или психички сексуално малтретирани, ИМААТ ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМ. Поточно, имаат отсуство на емпатија и не е лошо да поработат на тоа - сами или со стручно лице.
Да се исмејуваш со нечија траума и да НЕ РАЗБИРАШ И "ДУПЛИРАШ" што значи да бидеш злоставуван, омаловажуван, навредуван, тепан, принудуван на секс од некој кој само има поголема физичка сила од тебе, значи дека и ти си бил или ќе бидеш (потенцијален) насилник и малтретирач.
Живееме во свет во кој мажите ја злоупотребуваат својата физичка сила. Свет во кој мажите ги малтретираат жените. Има семејства во кои жената е роб. Да, да роб. Тепана, злоставувана, навредувана, омаловажувана...и најстрашно таа за тоа молчи бидејки ќе биде осудена или исмеана ако се пожали или, уште пострашно, таа самата го одобрува насилството и смета дека е нормално оти така и’ кажале од дома или општеството (наставниците, врсниците, медиумите, комшиите, системот) не го осудува, го одобрува или во најмала рака го премолчува.

Неда Здравева
#СегаКажувам покажа многу работи. Дека сексуално насилство се случува на различна возраст, во различна форма, на различни луѓе, во различни ситуации. Покажа и дека е позачестено од што мислиме или сакаме да признаеме. И дека има и мажи и жени кои го препознаваат и жестоко го осудуваат. А покажа и дека во државава бројот на реларивизатори на м2 ги надминува сите граници.

Елена Б. Ставревска
Голем дел од потресните #СегаКажувам #TaniTregoj приказни, а секоја од нас ги има барем по неколку, имаат нешто заедничко - вознемирувачите се мажи на позиција на моќ. Од директори и други претпоставени, до професори и наставници, до полицајци, чувари на безбедноста и мирот, ќе ги наречат некои...
Лекцијата во таа насока треба да е јасна: ако си во позиција на моќ што оневозможува да бидеш одбиен, ако користиш закана, ако веќе си бил одбиен ама некој те убедил дека упорноста се исплати... Прибери се, не е безопасен коментар, ниту невин флерт!

Ана Василева
Ја користам оваа прекрасна прилика да споделам линк од кај Шефот на Катедрата за РОДОВИ студии на Фзф.
Човек која досега во јавност реагирал на неправда само и исклучиво кога му било загрозено работното место и удобната позиција на универзитетски професор.
Дотичниот неколку пати споделува ист пост напишан со ГОЛЕМИ БУКВИ за да објасни како тоа #сегакажувам #tanitregoj шири морална паника.
Ја молам феминистичката фејсбук полиција да се воздржи од недолични коментари што го предизвикуваат неприкосновениот авторитет на овој наш теоретичар за да не му нанесеме психичка штета, зашто јасно е дека психичката штета и повреда на угледот на мажи со удобно наместени задници на академски позиции се поважни од истрауматизираните девојчиња и жени по автобуси, психијатриски болници и школи.
И, за крај, секако, ако не го поддржуваме Плејбој кој е јасно, недвосмислено поврзан со силна експлоатација на женски тела, сме фригидни пуританки.

Независните организаторки на кампањата #СегаКажувам #TaniTregoj ве повикуваат доколку имате своја или блиска приказна за сексуална злоупотреба или принуда од позиција на моќ и сакате да ја споделите, да го направите со овие хаштагови.

Слики: Aleksandra Waliszewska 

ОкоБоли главаВицФото