Пет куршуми во телото на балканскиот мир

17.01.2018 23:07
Пет куршуми во телото на балканскиот мир

Како и многу новинари од Балканот, го познавав Оливер Ивановиќ речиси две децении. Се гледавме на Косово и во Скопје, а и овде-онде по разни европски конференциски локации, каде што се разговараше за Балканот, за безбедноста, за меѓуетничките односи… Секогаш сум мислел дека е едноставен, многу интелигентен, директен и искрен соговорник. Албанскиот му беше исто толку добар колку и српскиот, лесно ја стекнуваше довербата на публиката пред која зборуваше, без многу политички маневри и кружење околу темата.

Како и повеќето на Балканот, во политиката се вклучи од мака, уште кон крајот на деведесеттите, во одбрана на Србите на Косово. Стана влијателен и почитуван, еден од клучните играчи и глас на умереност во косовската политика, што му произведе разни непријатели и во сопствената заедница. Прегрми многу нешта преку глава, од на два пати бомби под колите, до обвиненија и 12 месеци притвор за наводно извршени воени злосторства во кои беа убиени триесетина Албанци на северот од Косово, иако целиот случај не доживеа конечна судска разрешница.

Оливер Ивановиќ го ликвидираа вчера изутрина, во 8 и 17 часот, со пет куршуми од „долга деветка“ со придушувач, испукани во горниот дел од градниот кош, пред влезот на својата канцеларија во Косовска Митровица. Убиецот, очигледно професионалец, после успешниот атентат, мирно седнал во автомобил и се упатил во непознат правец.

А, потоа, нешто подоцна во вчерашниот ден, по повод погибијата на Ивановиќ, ја гледав прес-конференцијата на српскиот претседател Вучиќ: како и секогаш, арогантен и дрзок кон новинарите, со многу алузии низ стегнати заби кон американскиот амбасадор и властите на Косово, со закани и навреди кон политичките противници во Србија и ветувања дека правдата ќе ги стигне сторителите (во множина) на овој терористички чин; но, Вучиќ беше и видливо нервозен, бидејќи половина Белград, особено оние во опозиција на српскиот претседател, мисли дека зад ликвидацијата на Ивановиќ, или барем зад нејзината нарачка, стои политичкото подземје во Србија, блиско до сегашната тамошна власт. Вучиќ не пропушти, во неколку наврати, да вети дека убиството ќе биде до крај расветлено, без разлика кои се инспираторите и извршителот на атентатот.

Убиството на Оливер Ивановиќ уште еднаш нѐ потсетува за кревкоста на западно-балканскиот мир во кој не знаете кој следен инцидент има потенцијал да се прелее преку некоја државна граница. Неколку крупни проекти уште не се завршени: судбината на Босна и косовско-српските односи, како и дефинитивното затворање на евро-атлантската перспектива на македонското државно прашање. Можеби овој „незавршен мир“ сега е доволно „испумпан“ од својот историски експлозивен потенцијал, но „врзаноста на садовите“ е сѐ уште доволно голема, што секое заигрување на некоја мечка во соседството, и овде ги вади злонамерните дајриња од таван, за да се фати ритамот на регионалната нестабилност.

Не би сакал да звучи заканувачки, но овие околности треба да се имаат на ум кога и деновиве јавно, со подигнат тон и многу омраза, се дебатира за внатрешната и надворешната политика на земјава.

Ние сме на крстосница на која, можно е, сите семафори истовремено да покажуваат црвено или зелено светло. Затоа, изборот за тоа како да продолжиме, сепак, ќе биде наш: или ќе бидеме уплашени за сопствените одлуки, или ќе се плашиме од одлуките што други ќе ги носат за нас.

Извор: civilmedia.mk