По успесите на Шарена револуција, Ахмети го врти дискурсот кон етничкото

18.01.2018 03:43
По успесите на Шарена револуција, Ахмети го врти дискурсот кон етничкото

Да се потсетиме кога и кој почна да го врти повторно дискурсот кон етничкото по успесите во оваа смисла на #Шаренареволуција? Одговорот е: Али Ахмети и ДУИ, последниот дел од режимот кој повторно е на власт и денес. Всушност, концептот на #ШаренаРеволуција нуди една визија на мултикултурализам за ова општество која е спротивна на концептот на национализам (од двете страни) и спротивна на бинационалност и постепено создавање на држава со само два народи кои овде се газди, федерација или како сакате веќе викајте ја. Се работи за два концепти кои иако се чини дека се слични, тоест пропагандата на Груевски ги претставуваше дека се исти, всушност се различни. Шарена се залагаше за еднаквост на сите, без разлика кој од која нација, религија, етникум, политичка партија, пол, идеологија, сексуалност доаѓа. Разликите меѓу концептите беа видливи уште кога траеjа протестите кога еднаш дел од албанските партии организираа посебен протест пред Владата и не се приклучија на протестите на Шарена. Но и покрај тоа, полека во општеството преку борбата со Груевски и разните протести, крунисани со Шарена, почна да се создава една атмосфера на големо релаксирање на македонско-албанските односи, градење на доверба, разговарање, сојузништво. Само сетете се на врзаните знамиња -албанското и македонското, па и српското кои стануваа секојдневие на протестите. Паралелно со овој процес, ДУИ имаше катастрофален изборен резултат и доби барем мала казна од своите гласачи за соработката со Груевски. Очајно им требаше каква било сламка за спас, во партијата почна гласно да се зборува за одговорност на лидерот Али Ахмети и негова смена. Атмосферата на Шарена дефинитивно не оди во прилог на која било етно партија или националистичка партија која своето гориво постојано го бара кај националните и етничките прашања. Создавањето на такво општество буквално им го одзема лебот и поентата на постоењето на генерации политичари кои виреат на овие простори и направиле кариери јавајќи на етно бранови, затоа што за друго и не знаат. Задој ги со национализам, а ти во позадина лапај ги парите. Во една ваква атмосфера Али започна да моли за средба со албанските партии и брилијантната идеја да одат кај Еди Рама (прво Беса го одбија, ако добро се сеќавам) за повторно постепено да го врати дискурсот онаму каде им одговара ним и каде тие можат да ја контролираат ситуацијата. Во „House of cards“, Френк Андервуд препорачува: If you dont like how the table is set, you turn the table. Масата воопшто не беше добро поставена за Али Ахмети како што стоеја работите, затоа добивме друга маса во која сега наместо надградување на македонско-албанските односи во пострежимска Македонија, добиваме повторно недоверба, поделби, национализам (од двете страни), раздор, расправајќи се за законот кој дојде како решение од средбите кои тој ги иницираше со партиите кај Рама (изјавата на Рама дека законот е негова заслуга е доказ за тоа). Останува уште долго време ние да се расправаме за предностите и проблемите на овој контроверзен закон, додека Али повторно успеа да ја зацврсти својата позиција и да се факторизира како некој што пали и гаси во државава, наместо како некој за кого треба да се дискутира до каде се истрагите за неговата улога и тие околу него за деценискиот криминален монструозен режим кој го воспоставија со Груевски. Вака го перцепирам Законот за јазици, како решение кое е смислено да биде спас за ДУИ, а не да донесе некаков суштински подобар живот за Албанците. Особено не е добар за македонско-албанските односи кои почнаа да одат на едно друго ниво во периодот на Шарена, што ги загрижи националистите и политичко-криминалните структури во регионот, чие постоење зависи од останување во постојана тензија и затегнати меѓуетнички односи, а не од мир и благосостојба. ДУИ може да донесе добро решение за Албанците, колку што ВМРО во моментов може да го направи истото за Македонците.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Свирачиња