#MeToo е само почеток

18.01.2018 04:36
#MeToo е само почеток

Доналд Трамп се разбудил на Св. Никола и сакал да го објави својот прв твит за да ја преплаши во вистинско време редакцијата на Си-ен-ен. И тогаш на интернет прочитал: жени на раб на плачот со кампањата #MeToo се нашле на насловната страница на списанието „Тајм“. Тие жени во црни мантили се прогласени за „личност на годината“ и всушност го победиле. Сигурно си помислил дека тоа и не е некое чудо, „Тајм“ е сè полош. Кога браќата Кох, двајца моќни алфа – мажи како него, ќе го преземат списанието, тој повторно ќе биде „личност на годината“. Па тој е човекот што би можел Ерусалим да го прогласи за главен град на Израел. Што и го стори многу брзо. Зошто не можеше да победи неколку жени, кои толку лично и без трошка хумор го сфаќаат она кога некој ќе посегне по нивното меѓуножје?

Така, драг читателу, звучи сето ова во главите на машките моќници на кои им се спротивставува #MeToo. Сега на насловната страница, на тронот се жени кои самите на себе си дадоа моќ. Тоа мора да е неподносливо за ваквите мажи. #MeToo е колективен исконски крик кои ги ослободува жртвите од улогата на жртви. За тие жени веќе не се мисли: „Сирота! Ќе видиме како ќе го плати тоа“, туку: „Силна жена. А тој – каков скот“.

Мора да стане многу темно за луѓето да најдат сила во мракот да се спротивстават со светлина. Ерата на Трамп е некој вид ера на мрак. Еден бесен богаташ кој и покрај речениците како: „Grab them by their pussy“ можеше да стане претседател на државата во која, како и речиси секаде, има повеќе жени отколку мажи. Неговата демократска победа значеше крајно понижување на жените.

Откако постои #MeToo постојано повторно се потсетувам на една видео снимка на Славој Жижек. Тој стои на еден љубљански мост и изговара вакви реченици: „Од мојата лева страна го гледате Запад! Од другата страна е Балкан. Разлика? На Балкан ги силуваат и тепаат жените и тие тоа го сакаат. На Запад ги силуваат и ги тепаат жените, но тие не го сакаат тоа“. Ете, толку е едноставно да се урнат клишеата на западот за себе и за Балканот.

Што значи движењето #MeToo за жените од југоисточна Европа? Што значи тоа за жените со чиишто тела се постапува како со стока за широка потрошувачка? Трговијата со луѓе не е дел од #MeToo. Движењето мора да се развие. Но, во овој момент постои некаков, макар многу задоцнет почеток кој би можел да ги воведе промените во свеста. И тоа како кај жените од Калкута, така и меѓу жените од поранешна Југославија. „Балканската војна“ е војна која во телесното паметење на сите жени на овој свет ќе остане по злосторствата извршени врз жените и мајките. Кампањата #MeToo, ако сака да биде успешна, мора да биде повеќе од убава, храбра актерка што им се спротивставила на моќниците и на која нејзината убавина и слава се веќе доволни да ѝ обезбедат емпатија. Мора да се брани достоинството на секоја жена.

Медиумските слики на жената во југоисточна Европа моментално сè уште се во фазата „Wonder Woman“, „New-Age“ лотос или сонот наречен „Можеш да имаш сè“: тело, маж, кариера, дете. Поп-индустријата е преполна со светкава, сексуализирана турбо-фолк женственост – затоа што тоа се купува. Што ќе се случи кога жените ќе почнат да зборуваат #MeToo? Ќе бидат ли тамошните општества подготвени да прифатат некој секс-симбол како ѕвезда што машката доминација ја става на столбот на срамот? Многумина мислат дека јужните држави „Уште не се подготвени“, дека таму е премногу силна доминацијата на мачо мажите. Секогаш тоа се „другите“.

Но, одговорот не е толку едноставен, зашто ниту Германија, најмоќната и најбогатата европска држава „уште не е подготвена“. И покрај жестоките дискусии за кампањата #MeToo, во Германија уште не е изговорено ниту едно машко име. Ниту еден систем на машката доминација и моќ сè уште не е урнат. Нешто не е во ред. Само еден ден пред списанието Тајм да ја прогласи кампањата #MeToo за личност на годината, OECD ги објави меѓународните бројки за пензиите. И кој е на блескавиот врв кога се работи за нерамноправноста на половите? Германија. Положбата на жените во однос на нивните мажи, никаде на друго место не е толку лоша како во Германија. Самохраните мајки се најсиромашната група во оваа држава и тоа на штета на децата.

Во стилот на Жижек би можело да се каже дека на Запад мажот не ја тепа жената, туку едноставно владее со неа. Финансиски. Таа останува зависна, така што честопати не може да смета ниту на неговата пензија, бидејќи моделот на старател функционира не подолго од две децении. А тогаш децата го напуштаат домот, а мажот ја напушта својата сопруга научена да биде пасивна напушта, зашто си нашол друга за која може да се грижи. Германскиот модел на брак е до детали ист како и плаќањето данок – контаминиран од повоените слики. Жената покрај шпоретот сè уште е контрапункт на жената со кариера.

Претседателскиот кандидат Трамп ја демонстрираше таа слика на срамна постапка како што не успеа никој друг пред него, а кој е познат: фаќањето на меѓуножјето е начинот на кој моќниците ставаат на знаење кој го има главниот збор. Можеби неговата бесрамност е всушност благослов. Жените од кампањата #MeToo без страв гледаат од насловната страница: „Ние проговоривме. И допрва ќе зборуваме“. Можеби дојде денот кога ќе мора да се воздржи оној што ќе се обиде да го отуѓи телото на некоја жена, зашто ќе помисли дека тоа би можело да му наштети. Нему, не нејзе.

Овој пресврт на односите на моќ претставува шанса, токму затоа што времињата се мрачни. Зашто во време на победничкиот марш на авторитарното, жените стануваат за да кажат: „Силата е во изразувањето болка“. А од таа сила може да настане движење чијшто дел се и мажите кои ги почитуваат жените. Тоа е борба против „моќта“ што одредени мажи ја злоупотребуваат. Сепак на еден фронt победи послабиот. Би било добро сега фронтот да се придвижи кон Запад. Кон Исток. И на авторитарните сили да им се постават граници.

Извор: Deutche Welle