1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:14
На 27 јануари 1997, два дена пред почетокот на собраниската расправа за законот за употреба на албанскиот јазик на Педагошката академија, во јавноста беше објавено писмо потпишано од 460 професори и асистенти на УКИМ во кое се предупредува дека со законот се прави „чекор напред во промоција на мултијазичноста во Македонија, измена на нејзиниот Устав, поделба и федерализација на државата“. 460!
Добро би било ако некој го има писмото со потписите да го преобјави, за да видиме кои професори и асистенти на УКИМ тогаш јавно не го признавале правото на студентите да посетуваат настава на мајчин албански јазик на Педагошкиот факултет.
Добро е, затоа што тоа писмо ги легитимираше и охрабруваше студентските протести во 1997 кои поттикнуваа на дискриминација и омраза, и практично ги донесе на власт наци-шовинистите од ВМРО-ДПМНЕ во 1998 кои со својата дискриминаторска политика ја доведоа Република Македонија до граѓанска војна која се закануваше со распаѓање во 2001.
Добро е да се преобјави тоа писмо за да се види колку академската елита е одговорна за политичките кризи во Македонија кои кулминираа кога академиците од МАНУ во 2001 нудеа планови за поделба на Македонија по етнички линии, поддржани од владејачки политичари.
Да не се лажеме луѓе, нашето политичко искуство покажува дека дел од тие што во 1997 протестираа манипулирајќи дека законот за употреба на албанскиот јазик на Педагошката академија води кон поделба на земјата, во 2001 година отворено заговараа поделба на Македонија по етничка линија!
Наспроти нив, Република Македонија се одржа како унитарна држава, токму благодарение на интеграциските политики за поделба на власта по уставните измени во 2001, правичната застапеност и унапредувањето на јазичните политики.
Ако имаме памет и знаеме да учиме од грешките во минатото, нема да дозволиме во 2018 да ги прележуваме истите шовинистички сипаници од 1997 кои легитимираа политичка елита која водеше кон дезинтеграција на Република Македонија.
Извор: Фејсбук профилот на авторот