Примателот непознат, retour à l'expéditeur*

19.01.2018 03:59
Примателот непознат, retour à l'expéditeur*

Многу фала за крастата на коленото
од која ми даде да грицнам, за завет.
Фала што и ти проба од мојата
сезоната кога ненормално паѓавме од точак.
Фала за подземните интензитети (ради тоа паѓавме?):
ни трепките не можеа да ги избројат нашите земјотреси!
(Бевме ко пукнатина во стакло: 7 пати побрзи од звукот!
Тогаш се зезавме и со најдолгиот кокошкин лет:
13 секунди. „Ама како павта!“ Јас ти одговарав:
„Јакиот ветар не ја надживеа ноќната пеперуга“.
А ние бевме нешто како пеперужиња врз камбана
или светулки крај складови за динамит.)
Фала, заправо, што до крај не сфатив дали стварно
се приближувам кон метафоричната вистина за нас
или метафорично се движам до стварната вистина.

Фала за твојата преубава линија од рамото
преку газот сè до ногата - акорд, цел балет!
Фала за „галванското треперење длабоко
во симпатикусот кога нешто свилено ќе зашушка.“
За Енценсбергер, секако, со кого и завршуваме
(ти беше мојата „Фурија на исчезнувањето“),
но и за Песната и годините („Ти во моето непостоење,
јас во заговорот на твоите сништа“), на почетокот.
Сесрдно фала и за прочистувачот за воздух
кој ги собра сите клетки од мојата спална, и твоите,
и како робот ги измеша ткивата и телата.
Фала за кактусот, чорапата, колачињата,
за мравките што ги гледаше од стој на глава,
за писмата и разгледниците
(за човекот-птица со перјето сепак
што некако се сви околу тебе).

Од сè срце фала за можноста да ги припијам до тебе
органите без тело и наелектризираниот мозок
кој се престори во камен до толку полн со ветар
што ја цепеше земјата однатре! Фала за тој плутонски немир
и електромагнетен ветар, за разделбата без анестезија
(иако стандардно поттурав халуцинации во отвореното месо),
за висинските дождови (не баш вистински, испаруваат по пат),
за изрефлектираната инцидентна светлина
и за внатрешната џунгла: сфатив дека сопството е пачворк
од чувствување и нечувствување, од присуство и отсуство,
и дека „болката заедно со себе сродното чувство на допир
е универзално распоредена во телото
сочинувајќи своевидна граница на сопството.“)
Фала што само во еден миг умот ми стана млитав
како раскашавен корен на некоја подземна билка.
(Сфативме и од целокупниот контекст околу нас:
Корените се кајшто се бездните. Сè би да падне.)

Фала за Drowning Fish - на исушено тло со слузта
си се мократ стуткани риби; и за насуканите бродови
во пристаништето - тие сепак го бранат брегот.
Фала за Светот на духовите и Слатките години
(ти беше „белата река под месечински сјај“,
јас можеби „квечеринската слаба магла“ -
двајцата троа деперсонализирани, не од потчинување).
Фала за загадочната да ја наречеме надеж што останува
за трите годишни времиња (особено за пролетта
што мириса на зачин, сласт, храброст и страст
)
за сонот (мамисон?), за неспиењето (бессониот водопад),
за почетокот и крајот и неколкуте моменти помеѓу
мошне мошне фала,
а ако е по мое, и за она лудо возење
по тебе на кеј кога не те стигнав
ама отидов ни сам не знам колку далеку.

 

*Инспирирано од истоимената песна на Х. М. Енценсбергер

Фотографии: LIAM WARTON

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото