Политичките движења и демократијата

19.01.2018 11:16
Политичките движења и демократијата

Многумина очекуваа дека 2017 година ќе биде запаметена по триумфот на популизмот во Европа. Но не излезе така. Наместо тоа, главна приказна на годината беше онаа за самоорганизираните движења кои ги укинуваат или заменуваат традиционалните политички партии.

На пример, „Републиката напред!“ (La République En Marche!), движењето на францускиот претседател Емануел Макрон, кое минатата пролет убедливо победи на претседателските и парламентарните избори. Или како 31-годишниот Себастијан Курц кој стана австриски канцелар откако ја прекрои конзервативната Австриска народна партија (ÖVP) во движење наречено Листа на Себастијан Курц – Нова народна партија.

Ширум европскиот континент сè повеќе гласачи сметаат дека традиционалните политички партии се преокупирани со сопствените интереси и гладни за моќ. Притоа во делот на светот што е во развој, на партии кои се со веќе добро втемелено педигре како на пример Африканскиот национален конгрес (ANC) во Јужноафриканската Република, сега се гледа како на корумпирани. Во многу случаи традиционалните партии станаа она што политиколозите го нарекуваат картели: тие ги користат државните средства за да се одржат на власт и без оглед на меѓусебните политички разлики често работат заедно за да ги исклучат противниците.

Се чини дека особено младите гласачи се помалку заинтересирани за традиционалните партии, затоа што ги гледаат како премногу бирократски, значи здодевни. Да се потсетиме на познатата реченица на Оскар Вајлд за проблемот со социјализмот: одзема премногу вечери. Тогаш и не е необично што во последните години повеќе иновативни политички експерименти во Европа израснаа од уличните протести и масовните собирања и кои ги отфрлија хиерархиските облици на организација.

На пример, шпанското левичарско движење Подемос настана по масовните демонстрации на незадоволните граѓани во 2011 година. Италијанското популистичко движење „Пет ѕвезди“ (M5S), кое се искачи на првото место на парламентарните избори во 2013 година, а се предвидува дека е можно да победи во 2018 година, изникна од големите протести кои ги организираше комичарот Бепе Грило против кастата – што е негов погрден термин за владејачката класа на професионали политичари и новинари во Италија.

Сепак, нешто чудно се случи во периодот од настанувањето на тие движења како спонтани, инклузивни улични протести до нивниот успех на изборите. Иронично, иако не отстапуваат од хоризонталниот облик на организација и партиципативната демократија, во рацете на нивните харизматични лидери се концентрира сè повеќе моќ.

Така, на пример, идеалистичките активисти на движењето го критикуваат генералниот секретар на Подемос, Пабло Иглезијас заради хипер-лидерство и онлајн-ленинизам. Иглезијас им одговара дека „со консензус не може да се јуриша на небото“.

Грило нема официјална функција во движењето M5S, кое себеси се нарекува не-здружение, но тој води блог кој е клучен за успехот на движењето, а ги поседува и авторските права за официјалниот симбол на движењето. На членовите на M5S им го го ускратил правото да го користат бидејќи наводно ги кршеле правилата (содржани во нешто што се нарекува не-статут) на неговата антипартија. Тие што се кандидираат за јавни функции под закрилата на M5S, потпишуваат договор со кој се обврзуваат да платат казна ако ги прекршат партиските принципи.

Се разбира, политичките движења немаат нужно популистички карактер. Како што покажаа зелените и феминистичките движења, тие можат да се спротивстават на традиционалните политички форми без претензии да го претставуваат мнозинството гласачи.

Меѓутоа, денешните политички движења обично се помалку популистички отколку што беа големите партии кои доминираа со повоената европска политика. Тоа има смисла зашто движењето подразбира не само динамика, туку и претпоставка дека сите членови се согласни околу тоа по кој пат треба да се оди.

Проблемот е во следното: кога сите се согласуваат за тоа каде одат, како повеќе да нема потреба за пошироки демократски расправи. Затоа движењата кои во претходните години никнаа во Европа, на левицата и на десницата, се фокусираа на јакнење на своите водачи, а не на зацврстувањето на базата, дури и тогаш кога партиципативната демократија ја истакнуваат како свој принцип.

И Макрон и Курц имаа корист од чувството на динамика и цел, клучна особина на политичките движења што се занимаваат само со едно прашање. Курц на својата волја го потчини целиот ÖVP. Покрај тоа што ѝ даде ново име, ја реорганизираше внатрешната структура на партијата и ја промени официјалната боја од црна во синозелена. А конзервативната платформа речиси воопшто не се промени, што покажува дека потезите на Курц се повеќе насочени кон маркетинг и потврдување на сопствениот авторитет, отколку кон нешто друго.

Подемос, Републиката напред! и Моментум, движењето на млади кое му помагаше на Џереми Корбин да ја преобликува платформата на британската Лабуристичка партија, не се важни како пред сè самостојни движења, туку заради тоа на граѓаните им овозможуваат повеќе можности за политички избор, особено на оние незадоволните од двопартиските системи со кои доминираат две одамна воспоставени партии со речиси идентични програми.

Во случајот на Корбин, политичкото движење би можело да ги обнови прогресивните капацитети на Лабуристичката партија и да направи пресврт во она што многумина го гледаа како усвојување на неолиберални начела во времето на поранешниот премиер Тони Блер.

Но, би било наивно да се верува дека самите движења можат да внесат повеќе демократија во европската политика. Имено, заради силните плебисцитарни облици на водство, тие може да се покажат помалку демократски отколку традиционалните партии.

Авторот е професор по политика на Универзитетот Принстон.


Извор: Project Syndicate
Слики: Алексеј Бордусов

ОкоБоли главаВицФото