1019 hPa
41 %

25 °C
Скопје - Вто, 20.05.2025 12:32
Кон колумната на мојот драг пријател Беким Кадриу
Етно – национализмот е тежок болештилак.
Симптомите релативно лесно се препознаваат: во секоја ситуација се брани сопствената етничка заедница, таа за ништо не е крива, таа е напатена и обесправена, „другиот“ цело време ја загрозува, потребно е обединување на сите околу етно-центарот…
Етно-националистот ја прилагодува историјата и ги прилагодува фактите да му соодветствуваат на тезата за тешкиот живот на сопствената етничка заедница која сите ја обесправуваат и ѝ го одземаат идентитетот, ја перцепираат како заедница од втор степен.
За етно-националистот постојат заедници наместо индивидуи, и правата се поврзани со заедниците, а не со индивидуите. Според етно-националистот, индивидуите од една заедница мора да ги споделуваат истите чувства и размислувања како и сите останати во заедницата, а во спротивност ќе бидат отфрлени како туѓо тело. За етно-националистот не е етничката заедница составена од индивидуи кои имаат права туку индивидуите припаѓаат на етно-заедницата која има права, а тие можат да ги остварат своите права само ако ги почитуваат правилата на игра воспоставени од етно-заедницата.
Етно-националистот не е во состојба да влезе во чевлите на другиот, да погледне со очите на другиот, да ја разбере перспективата на другиот. Тој е заробен во својот етно-националистички космос во кој сѐ се врти околу една етничка заедница (таа најобесправената, која цело време води праведна борба и која е толку неразбрана).
Прв показател дека одреден човек успеал да се издигне над сопствениот етно-национализам е кога ќе застане во одбрана на правата на припадниците на друга етничка заедница. Јас тоа го направив пред повеќе од 20 години и постојано го правам: Овде сум варварин затоа што никој не ме разбира.
Време е и ти да го направиш.
П. С. Етничката припадност за мене е последен бастион на кастинското уредување и последно скалило кое мора да се помине во процесот на разотуѓувањето на човекот како индивидуа која со другите луѓе се поврзува на многу флексибилна основа и во врска со најразлични потреби и интереси од потраен и помалку траен карактер. Ова е тезата која ја развив во мојата докторска дисертација во 1995 година и ја одбранив.
Тоа не значи дека етницитетите треба преку ноќ да исчезнат (исто како што нема да исчезнат преку ноќ ни религиите), меѓутоа, развојот на човештвото оди во оваа насока. На Марс ќе дојдеме како луѓе од планетата Земја, а не како припадници на различни етнички заедници, религии, раси…
Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Џеј Сенечко