Тетин

20.01.2018 02:59
Тетин

Тетин немаше мана, освен што не знаеше да се облекува. Тоа и не е којзнае каков проблем за висок, строен маж со убави пропорции и впечатливо исправено држење на телото. Проблемот на Тетин беше во друго. Тој внатре си се облекуваше најнормално, ама облеките му стануваа сосем инакви и различни штом ќе излезеше надвор. Се претвораа во нешто што не се дома. Фармерките, убавото спортско сако, едноставната ленена кошула и омилените челзи-чевли, на улица стануваа износени долни тренерки, тинејџерска јакна, вечерна кошула и нападни, флуоресцентни патики. Ништо со ништо не му одговараше надвор, внатре – сѐ си беше во совршен ред. Ниеден излог во кој ќе се подгледнеше не го даваше одразот од неговите огледала дома. Секогаш кога тој беше во прашање, излегуваше дека излозите и огледалата меѓусебно воопшто не се познаваат и не делат никаква истост.

Тетин немаше мана и низ годините, не придавајќи му особено значење на облекувањето, сепак настојуваше да осознае што во што се претвора кога ќе го пречекори домашниот праг. Тој беше интелигентен човек, образован, сакаше да фати некаков систем, да ја одгатне логиката на претворањето. Совршено му беше јасно дека зад секое внатре има инакво надвор; зад секое надвор – инакво внатре, ама, сепак, облеките беа предмети, не животни суштини. По многу проби и проверки, Тетин научи што да облече дома за да изгледа пристојно надвор. Тоа беше речиси математички концепт што тој најпосле го совлада.

Еден ветровит зимски ден, Тетин го пречекори домашниот праг и облеките му станаа тоа што не беа дома. Се подгледна бегло во првиот излог на кој налета и задоволно се поднасмеа. Сѐ со сѐ му одговараше. Задоволен дека ги надигра сопствените облеки, Тетин застана убаво да си се види во излогот. Да, облеката му беше беспрекорна, ама тој самиот веќе не беше висок, строен маж со убави пропорции и впечатливо исправено држење на телото. Беше убаво облечен, гровнат старец. Не го беше надиграл тој претворањето, туку претворањето го беше надиграло него.

Слика: Гвен Јип

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото