Во насока на синото

20.01.2018 04:17
Во насока на синото

Сапун

Колку горд бил, колку опојно мирисал
на почетокот! Низ колку само раце
минал, колку несебично служел, додека валканоста
непрестајно испливувала. Останал
без петно. Без да се жали се
трошел и трошел.
Така станувал сè помал,
помал, незабележителен, тенок,
речиси проѕирен, додека едно утро
не исчезнал, сосем.


Apus apus

Тежи само четириесет грамови.
Со месеци живее во воздух, без престан,
лови, сака и спие во височините.
Нескротлив е.
„Властољубив, силовит, надмен“,
така го опишува стариот Брем.
Во фуриозно кружечко јато продорно цичење,
бесни борби од љубомора.
На земјата неспретен, без мака лета
на три, четири, пет илјади метри,
бескрајно над и отаде нас,
кон тропите.
Граден да сече ветар.
Се снаоѓа и без радар.
Пие во лизгачки лет над вода.
Ги претчувствува промените на времето.
Долго едри носен од термалите, неподвижен,
но се струполува метеорски.
Нашиот восхит не го допира.

За Малата пиштарка (Apus apus)


Спора

Која илјада помалку или повеќе,
што ѝ е гајле на папратта за тоа.
Смеѓа прашина во спорангиите.
Алгите се множат тивко, мовта исто така,
микроорганизмите. За сето друго
се грижи спората.
Кога ќе созрее, ја џиткаат
во неизвесност. Слетува врз некоја мува,
или отпливува потаму
со помош на својот малецок камшик.
Речиси е без тежина, лебди, ултралесна,
над земјата и морето,
ги издржува космичкото зрачење,
гејзирите, хемискиот стрес,
се снаоѓа без воздух, без вода.
Можеби пчела во ќилибар
долго ѝ пружала дом
во својот меден стомак.
Таа го чека, пости, неосетлива,
тврдокорна, својот момент.

О, да, сеуште живее.

Спора е стадиум во развојот на едноклеточниот (или со мал број клетки) организам (бактерии, алги, папрат, габи и сл.), обезбедува размножување и долготрајно преживување во неповолни услови. Бидејќи се отпорни на биолошкото пропаѓање, спори има и во фосилните остатоци и служат во археологијата и палеонтологијата за датирање и утврдување на животните услови и климатските промени.


Медуза

Живее лежерно.
И во длабочината
свети и напредува.
Убава каква што е,
сеедно ѝ е
тежи ли тона
или гран.

Многурака како некоја божица,
носи низи од бисери,
светкави крести,
бел сонцобран,
или шешири од сино стакло.

Сегде ги покажува своите срамни влакна.
Мозок не ѝ е потребен.
Својот костим од нерви,
проѕирната облека,
ги носи на гола кожа.
Речиси сè на нејзе е
коприна до коприна.

Таа не работи,
не се труди околу љубовта,
пушта водата да ја носи.
Но врз себе не дава.
Кој верува дека ќе
загосподари со медузата,
тој не ја познава нејзината
жежена кошула.

Пожелно е да не се брои.
Присутна е веќе
петсто милиони години. Долговечна е.
Долго живеела.

Медузата има реално и митолошко значење. Во реалниот свет, таа е прост организам настанат пред околу 650 милиони години (Енценсбергер вели: 500), составен од два слоја клетки, помеѓу кои се наоѓа врзивна желатинозна материја. Содржи преку 95% вода и нема ни мозок ни срце, туку само мрежест нервен систем. Има форма на проѕирен чадор со мноштво нервни завршетоци по краевите, со кои ја испитува околината и ги парализира своите жртви.
Во грчката митологија, Медуза е жената од Атина претворена во чудовиште, со змии во косата. Кој ќе ја погледнел, се скаменувал.
-Гран - единица мерка помала од грам.


Во насока на синото

Зад маглениот ѕид во мозокот
постојат и други предели,
посини од што мислиш.

Колку малецка би изгледала историјата
гледана озгора. Студеникав и ведар,
бестежински би се качувал твојот дух таму

каде што твоето Јас не тежи воопшто.

Извор: Во насока на синото (Blauwärts, 2013)

Насловот на најновата збирка на Енценсбергер, Blauwärts, во германскиот јазик е неологизам кој значи: во насока на синото, (на пат) кон синото. Ангелика Оверат (авторка на студијата Поинакво сино. Прилог кон поетиката на една боја во модерната поезија) наведува дека во тоа значење порано е користен зборот himmelan (со нагласено поетски тон и денес архаизиран; се јавува во песните на раниот Енценсбергер) и дека овој наслов „полетал во отворениот простор на една религиозна сфера која, и од воздух полесна, но исполнета со кислород, ја проникнува не само доцната туку у раната лирика на Енценсбергер.

Превод: П. В.

Коментари кон песните: Дринка Гојковиќ

Слика: Јан Петер Трип

Јан Петер Трип (1945), сликар хиперреалист, „фотореалист“, одличен познавач на книжевноста, ја илустрирал поетската збирка Blauwärts (2013) на Енценсбергер. Бил школски другар и целоживотен пријател со В. Г. Зебалд, генијалниот писател кого што Енценсбергер прв го откри и прв го објави. Од Зебалд потекнува проценката дека Трип го довел реализмот „до речиси незамислива крајност“. Покрај тоа што ги илустрирал книгите на Зебалд, Трип направил и неколку впечатливи портрети на Зебалд, репродуцирани во Blauwärts.

ОкоБоли главаВицФото