Јазикот како друго рамниште

20.01.2018 13:18
Јазикот како друго рамниште

Пред да навлеземе во каква било елаборација на формалниот статус на одреден јазик, мораме претходно да го воспоставиме аксиомот за јазикот како пост-субјективна формализација на проживеаното. Но, проживеаното може да добие вистинска политичка форма – единствена можна - само преку негово форсирање во доменот на јазикот, бидејќи токму во јазичниот свет се воспоставуваат или пропаѓаат вистините кои извираат надвор од лингвистичкото поле. Оската која секогаш претставува вроден колективитет и еднаквост меѓу луѓето се состои токму од таа пред-лингвистичка субјективна состојба. Важно е да се сфати дека нашата почетна состојба е, по дефиниција, еднаква и заедничка. Нееднаквите позиции во реалноста – во општеството, меѓу групи и индивидуи - се појавуваат како ефект на постоечкиот политичкиот систем кој, преку вмрежување на различни идеолошки формации, истовремено креира мноштво слоеви на нееднаквост, од родови до класни, етнички, јазични, културни, расни, географски итн. Успешноста во истрајноста на ваквиот политички модел се состои во константниот процес на произведување субјекти кои истиот го повнатрешнуваат и го репродуцираат истовремено.

Либералниот модел на претставничка демократија се труди да ги стопи суштинските нееднаквости во полето на формално-процедуралната демократска еднаквост. Кога тензиите од нееднаквоста се зголемуваат во дадени историски контексти, формалните процедури се кршат, воспоставениот политички систем крахира од сите страни, а либералните политички елити губат легитимет. Токму затоа, сите форми на експлоатација, национализам, машки шовинизам, насилство и нееднаквост се потполно одржливи во либералниот политички систем на релативизација. Само прашање на време е кога некои од тие тензии ќе зајакнат и излезат на виделина. Не навлегувајќи во мерење на интензитетот на националистичката тензија која се јавува во Македонија како резултат на формално-процедуралното гласање на Законот за употреба на јазиците, она што е воочливо од прва рака е разобличувањето на либералните стратегии за надминувањето на национализмот во земјава.

Кога во рамките на формално-либералниот систем се појавуваат суштински тензии, либералните актери, во неможност да одговорат од каква било либерална позиција, се впуштаат, сакале или не, на теренот на национализмот. Колку и да се трудат да опстојат, теренот по кој газат сите оние кои во склоп на сегашиот систем се дрзнуваат да заземат став, нужно потпаѓаат во единствениот постоечки под-терен - тој на национализмот. Гестот на вклучување во јазичната дискусија без радикални преиспитувања по инерција води кон постоечките референци на фобии, омраза и нетрпение, колку и да се тие обвиени со наративот на политичка коректност. Ваквиот општествен предикамент е едиствениот кој го имаме изградено во државава под формалната процедура на демократијата во Македонија. Општествена пракса во однос на јазиците воопшто не постои во Македонија, како што не постои и никаква друга сериозна општествена пракса која се развива на дистанца од државниот систем. Ако политичкиот систем е формално натпреварувачки – основата на либералната претставничка демократија, тој систем станува основа за сите други решенија – јазични натпревари, класни натпревари итн.

Има гласови кои стремат јазичното прашање да го третираат под превезот на правната рамка, која, како што многу добро објасни Растко Мочник, во постјугословенскиот контекст е ужасната етно-националистика рамка за новите капиталистички општества. Навраќањето на уставот и законите во однос на јазикот претставува враќање во основниот гест на неправда. Од друга страна, барањето за интегрирање на јазикот во тој систем значи збогатување на истиот неправеден систем со повеќе содржина. Наместо општествено дисперзирана дебата за јазикот како таков, ослободен од историско-симболички референци, целиот конктекст станува заложник на националистичкото рамниште кое политичките партии, во овој случај ДУИ, го имаат поставено во склоп на нивната борба за преживување во етничкиот натпревар за политичка моќ. Формално политичката нужност на таквата коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ укажува на општествената потrеба за разрешување со политики кои сѐ уште ја одржуваат етно-политичката моќ, не само за креирање нови тензии, туку и за ништење на досегашните достигања - 5-ти мај како најсветол пример.

Целокупната дискусија околу Законот за јазиците мора да биде пресретната со системскиот предизвик на засебноста на категориите јазик и закон. Зашто јазикот секогаш живее во одредено општество, а законот секогаш е дел од локализиран систем, и затоа мораме да се заложиме за реалноста на дистанцата од законот и општеството. Кога преминуваме лесно помеѓу референците на системот и општеството, првиот латентен производ на дискурсот е површното забегување во несакани позиции. Оттаму, противниците на Законот за употреба на јазиците, сакајќи или не, завршуваат во албанофобни позиции. По иста мера, бранителите на истиот закон се поистоветуваат со етнички поделената моќ, која во пострамковна Македонија им доделува привилегирана позиција.

Мислејќи ја сегашната ситуација од перспектива на дадените системски референци, неизбежно е да се потпадне во веќе зададените позиции – таа на албанофоб и албански националист. Албанскиот јазик во Македонија е реалност, тој јазик го зборува значителен дел од општеството. На тој јазик значителен дел од општеството ги создава индивидуалните и субјективни вистини. Но, кога зборуваме за дел од општество, ние правиме суштински политички рез, делиме и одредуваме дел. Тенденцијата на тој дел е, преку неговиот јазик, да се интегрира во дадениот политички систем на Македонија – а не да се одвои од него. Проблемот е што начинот на изведување на таа постапка се спроведува преку политички пазарења на партии кои немаат ни минимално познавање на динамиките за кои тука зборуваме. Затоа и целата процедура се компримитира и первертира во националистички артикулации. Македонската современа политичка парадигма е идентитетска исто колку што е и албанската во Македонија, и тие се истовремено вистинити, но не се контрадикторни.

Структурниот пристап кон културно-идентитетско-јазичните прашања во Македонија содржи по себе повеќе заедништва отколку разлики. Без специфичниот македонски-албански идентитет, Албанците од Македонија се осудени на класно-културен расизам од Албанците од Албанија, спрема кои тие се секогаш веќе поставени во инфериорна позиција. Во Македонија тие можат да се изборат за културно препознавање и поедначување – заедничко рамниште на еманципирање со Македонците. Суштинската нееднаквост логично прераснува во поле на еднаквост во моментот во кој се воочуваат конкретните материјалистички околности на две групи кои себеси се сметале за противнички. На империјалистичкото наложување од страна на Грција за промена на името на Република Македонија треба да му се спротистават и Албанците во Македонија, бидејќи само таквата позиција ги легитимира во нивното барање за еднаквост.

Аргументите на прогресивниот и либерален дел од македонската јавност – за жал, оваа етничка поделба сѐ уште постои - а кои се засновани на уставно-законската ‘неодржаност’ на законот, се сведуваат во глупоста на давање предност на одредени системски решенија над реалното проживеано искуство во доменот на општеството. Во каква било дискрепанца помеѓу системот и реалноста, системот е тој што ќе пати, а не реалноста. Од друга страна, албанската разочарана’ интелигенција, онаа која сметаше дека има воспоставено некаква коалиција со прогресивните Македонци, пребрзо и како по автоматизам се повлекува во позицијата на жртва, поистоветувајќи се себеси со тендерскиот национализам на ДУИ.

Најпромашени аргументи во целава оваа ситуација имаат одредени ‘левичари’ кои преку магичното стапче на социјалната правда, сите проблеми на нееднаквост ги читаат како прости форми на замајување на народот со цел одржување на сила на системот на економска експлоатација. Немајќи познавање за политичко-идеолошката стапица во која се ставаат, тие се себемаргинализираат и целиот терен на дебата им се препушта на оние кои сеат национализам.

Целата оваа микроанализа на контекстот на латентниот дискурс во Македонија е потребна само за една цел – дека тој како таков е излишен, нефункционален и штетен. Потпирањето на општеството врз тенденциите на системот, кој функционира врз основа на клинтелистичко-моќните мрежи, генерира лично-колективни односи издвоени од нивната автентична потенцијалност и се реорганизираат во теренот на веќе воспоставените односи на моќ, кои во Македонија сѐ уште се етноцентрични, но се манифестираат поединечно во нивната суштинска капиталистичка специфичност. Контекстот во кој се донесе новиот закон за јазици е сѐ уште во голема мера детерминиран од децениското владеење на Груевски, од неговата партија која плашеше наоколу со федерализација и поделба на државата, од истата партија која неосновано, во комбинација со контролираното судство ги амнестира и Хашките предмети.

Кога пристапот кон јазикот би тргнал од општествените динамики кои се развиваа во Македонија последниве години, тогаш не би ги имале овие позиционирања кои запаѓаат во националистички рамништа, барем не од делот на прогресивното ткиво кое во последно време доста се дружеше по социјалните мрежи. Функционалноста во процес, која го детерминира успехот на општественото движење во Македонија кое можеше да прерасне во системска не-законска вредност во склоп на која би се третирало и прашањето на јазиците во Македонија, по потреба растеше во териториите на полибералните светогледи. Токму во тој момент на инерцијална придвиженост на македонскиот дел на општеството, секогаш веќе присутнен како таков во услови на нееднаквиот пост-социјалистички систем, Албанците прочитаа можност за формално, од истата системска позиција, порамнување во однос на правата. Во оваа кратка интерсекција се случи и глсањето од страна на Албанците за СДСМ – традиционално македонска политичка партија. Функционалноста се појавува како нужен елемент во вреднување на законските одредби со кои Албанците ‘добиваат’ повеќе од јазикот кој не можат до крај да го искористат.

Спуштајќи се во здодевноста на секојдневните анализи на владините коалициони игри, ДУИ е најголемиот губитник . Со прокламирање на најголемиот успех – новиот закон за јазици, тие ја ништат суштината на нивното постоење. Ако веќе нема национални прашања за решавање, тогаш нема потреба и од етно-национални политички партии. Обидот за креирање контекст преку Законот за јазиците, суштински и политички е последната романса помеѓу ДУИ и ВМРО. Последна епизода на нивната сага на етнички поделби со цел задржување на власта.

Нам ни треба повеќе општество, а помалку држава. Како активист кој е скептичен на секоја одлука од страна на државно капиталистичкиот комплекс, не би се заложил за какво било кодифицирање ни на мојот јазик, ни на мојата љубов од страна на државата. Но кога тие убедувања се соочуваат со системска неправда, ситемот како таков станува политички непријател. На 5 мај немаше закон ниту правило за користење на знамиња и, колку и лично да мразам знамиња, албанско, македонско знаме, и српско и босанско, и ромско, се споија пред владата како ефект на општество кое таквите симболи ги третира единствено како симболи на моментална тактичка предност над моќта.

Таквото општество имаше предност во однос на системот! Една моќ која ја олицетворуваше Груевски - ја победивме. Моќта, очекувано - преку системската логика, брзо ја компромитира и новата власт. Анѓушев сигурно не бил дел од мноштвото тела кои ја контестираа моќта на Груевски по улици и плоштади, но Анѓушев денес ја поседува најголемата економска моќ во државава. Општеството понуди рамниште за промена кое за жал не се реализира. Истото општество понуди еманципаторски секвенци во кои јазикот не претставуваше никаков проблем. Кога на протестите против полициска бруталност во 2011-та се движевме кон Чаршија спонтано се извикуваа албански пароли од страна на сите учесници. Законот за употреба на јазиците - предложен од системот на нееднаквост - стопати подобро би се решил во закрилата на општеството. Но општеството мора да се одбрани од сите други закони на неправда.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото