1021 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 16:01
На социјалните мрежи, последните два дена беа поминати во светлото на обелоденување на лични приказни за преживеани сексуални вознемирувања и злоупотреби под хаштаговите #СегаКажувам и #TaniTregoj, македонски пандан на #metoo кампањата. Освен споделените лични искуства, нормално — на социјалните мрежи се појавија и оние кои, веројатно препознавајќи се во споделените приказни како дел од проблемот, упатуваа бизарни вербални (и други) напади врз оние кои учевствуваа во онлајн кампањата.
Како жена, дел сум од ранлива категорија на индивидуи кои се секојдневно подложени на крајно безобразни вербални, физички, ментални и економски злоупотреби и ваквите приказни кои би можела да ги споделам како дел од кампањата #СегаКажувам #TaniTregoj ги имам безброј.
Но, како cis хетеро високо едуцирана припадничка на белата доминантна раса, никогаш нема да бидам предмет на напади и вознемирувања на кои секојдневно се подложени моите геј, транс, квир, пријател(к)и од друга раса или од друга веќе маргинализирана заедница, од кои многу ги немале ниту академските ниту работните можности кои мене системски ми биле овозможувани во текот на животот.
Ако на социјалните мрежи споделам една или неколку од многуте лични приказни што ги имам под #СегаКажувам #TaniTregoj, тоа нема ниту малку да го задрма системот кој не само што не ги казнува (или казнува во само незначителен процент) и не се справува со ваквите угнетувачки однесувања, туку е изграден да ги стимулира и охрабрува.
Ако споделев, моите привилегии немаше да ми бидат одземени и (многу веројатно) ќе ме заштитуваа во процесот на соочување со последиците од споделувањето, а споделувањето само по себе не прави апсолутно ништо за да ги подобри искуствата на поранливите од мене.
Кампањите како овде дискутираната само површно пристапуваат кон осознавање (не е ниту решавање!) на вкоренети системски проблеми.
Ме мачат неколку нешта околу кампањата. На пример, како може да разговараме за злоупотреба на моќ, а притоа да не разговараме за економска нееднаквост, диспропорционална поделба на ресурси и можности, невклученост во донесување на одлуки? Како може да разговараме за сексуално вознемирување, а да не разговараме за родова, полова, расна, етничка, сексуално ориентациона нееднакост и како овие аспекти и слоеви на нашата индивидуална и колективна општественост го влошуваат проблемот?
Она што го гледаме со кампањава и сличните на неа е дека оние кои доживеале грозни искуства во текот на животот мораат повторно да ги „преживуваат“ (ментално и писмено) за да ја подигнат свеста за проблемот. Оние кои се веќе трауматизирани се оние кои мораат ем да се справуваат со своите трауми, ем да вложат дополнителен емотивен труд за да ја едуцираат јавноста?! Ниту една не го должи тоа никому. За да споделиш трауматизирачко искуство е потребна огромна храброст, но и материјална и ментална сигурност и привилегија дека доколку бидеш дел од ваква кампања и јавно го споделиш, тоа ќе помине без егзистенцијални последици (дополнително насилство и вознемирување, отпуштање од работа, кариерна стагнација, или многу полошо). На тие што го ставија својот комфор во заден план и споделија, да им се заблагодариме и да кажеме дека го цениме тоа што успеале да прегледаат преку својот емотивен, физички, економски или друг дискомфор за да го засилат гласот на оваа кампања — но, истовремено, да бидеме свесни и да разговараме за „дисконектот“ на вакви кампањи од системската нееднаквост која тие не ја ни допираат, а од која целосно произлегуваат проблемите кон кои овие кампањи се однесуваат.
Зошто да не зборуваме за нашето системско обесправување, за патријархалниот систем во кој соживуваме (читај: преживуваме) и во кој ваквите однесувања на најпривилегираните во општеството се стимулирани? Додека се сожалуваме, може ли да зборуваме за интерсекционалноста на овие проблеми, за слоевите на угнетеност, а со тоа и поголемата склоност на одредени групи да бидат сексуално вознемирувани? Може ли да ги деконструираме причинителите на бизарните напади и злоупотреби кои нашите транс и родово-неконформни сограѓани ги претрпуваат?
Не можеме да зборуваме за злоупотребувањето на позиции на моќ, а да не зборуваме за неолибералната динамика која уште повеќе ги втурнува најранливите во злобниот круг на уште подлабоко маргинализирање?
Ќе зборуваме ли за очајната потреба за еднаква вклученост на жените во одлучувачките структури и економско-политичкиот живот, потребата од еднаква финансиска компензација?
Ќе зборуваме ли за непостоењето на едукација во нашиот образовен систем; секс едукација, родова едукација, што значи и како треба да изгледа „согласност“? Ќе зборуваме ли за примарната социјализација и како повеќето од нашите семејства се токму местата од каде што најпрво учиме да го нормализираме хетеро-патријархалното капиталистичко угнетување?
Друго нешто што ме мачи е целата наратива околу ваквите кампањи, употребата на пасивниот глас и дефокусирањето од вистинските олоши; на пример: „насилство врз жените“ или „жените споделуваат приказни од (сексуални) вознемирувања и напади на кои биле подложени“. Од страна на КОЈ? КОЈ е активниот вршител на акцијата? Овие бизарни искуства не се „случуваат“ сами. Некој ги извршува, а она што недостасува во нарацијата и политизирањето на овие кампањи е акцентирање и центрирање на тој извршител. Сè додека фокусот е ставен на жртвата, ќе ги претрпуваме и интернализираме виктимизацијата и виктим-стигматизацијата, а тоа го гледаме веќе и во рекциите на оваа кампања.
Зошто да не биде угнетувачот оној кој ќе биде стигматизиран? Или пак, зошто, на пример, да не биде обратна #сегакажувам кампања? Јасно ни е дека секако во текот на животот и најголемите мажи-самопрогласени-феминисти (и оние кои не се, дефинитивно) имаат зафркнато на еден или на друг начин. Зошто на пример ТИЕ не почнат да споделуваат хаштаг со стории од типот „како оној пат направив девојка да се чувствува несигурно во моја близина“? Или пак „бев сведок на сексуално малтретирање, но го завртив грбот и преќутев“ и „продолжив да ја замарам иако ми рече НЕ“? Ете еден предизвик за сите мои прогресивни мажи пријатели и сојузници, споделете искуства од гледна точка како е „да се биде дел од проблемот“.
Како човечко суштество, дел од ова општество, и тоа како ми е позната потребата од подигање на свеста за големината на нормализираниот проблем на сексуалното насилство и вознемирување, за проблематичниот менталитет на стигматизирање на жртвата злоупотребена од позицијата на моќ, за непостоењето на институционална помош и поддршка за пријавување на ваквите случаи и сè друго погоре споменато. Сево ова ме прави бесна!
Но, сепак нема да учествувам во кампањата #СегаКажувам #TaniTregoj #metoo и слични на нив со споделување на лична сторија и сè додека овие дискусии не бидат целосни и не водат кон апсолутно уништување на патријархалниот цисхетеро-ексклузивен неолиберален капитализам во кој живееме.
За оние кои го читаат ова и си мислат „пфф, што зборува девојкава“, седнете на интернет, едуцирајте се. Тоа е буквално НАЈМАЛКУ што можете да направите. Нареден пат кога ќе почувствуваш дека твојот поглед, збор, однос, говор на тело и сл. прави некого да се чувствува неудобно и несигурно, запри се. Кога ќе бидеш повикан поради срањето кое си го направил, извини се. Прашај што можело/можеш да направиш поинаку. И тогаш ако не наидеш на подготвеност за објаснување од другата страна, прифати го тоа. НИКОЈ не е должен да ги преживува своите трауми за да те едуцира тебе.
И така, не учествував и нема да учествувам во оваа кампања бидејќи од моите другар(к)и интерсекционални феминист(к)и очекувам многу повеќе. Да се собереме, да се поддржиме, да ги водиме овие тешки дискусии и заедно систематски да работиме на уривањето на овој систем од самите негови темели.
*Текстот оригинално е објавен на medium.com
Извор: Радио МОФ
Слики: Кели Биман