1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Данок мора да се плаќа ако сакаме да имаме социјална и праведна држава, но прво државата треба да покаже и да докаже дека сите даночните обврзници имаат бенефит од плаќањето на даноци.
Ја повикувам владата да го има следново во предвид:
Ние родителите на децата со посебни потреби сме изложени на многу дополнителни трошоци токму поради неспособноста на државата.
Конкретно, јас и мојата сопруга плаќаме персонален асистент како придружба за во училиште. Поради немање функционален дневен центар плаќаме лице кое се грижи за неа додека сме на работа. Дефектолог и логопед двапати неделно. Еден час чини 600 денари.
Ова во текот на годината чини повеќе од 5000 евра.
Ако се навратам во минатото, моравме да плаќаме приватна градинка во текот на 4 години бидејќи ниту една државна немаше можност да работи со неа.
Јас и мојата сопруга повеќе од 20 години плаќаме редовно здравствено и пензиско осигурување. Кога дојде време да се бориме со состојбата на Ерато, сфативме дека ниту една посложена анализа или снимање не е достапно во нашата земја. Сите анализи, суплементи, посебна храна ги купувавме во странство. Само еден пример како илустрација, една анализа за аминокиселински статус нѐ чинеше 23.000 денари бидејќи МУНУ немаше реагенси и никогаш тие пари не ни се рефундираа. И всушност како и за ништо друго. И така трошоците достигнаа некоја сума над 70.000 евра.....
За да ги покријам овие трошоци, морам и по 15 часови да работам и нормално, за тоа си плаќам данок и уредно си поднесував пријава во УЈП. Јас морам да работам 2 до 3 работи за да му го овозможам на моето дете она што државата е должна, но неспособна да го обезбеди.
Државата треба прво да им ги одземе парите на сите оние сите овие години ги украле и го оштетиле буџетот, а и да направи нешто по прашањето на родителите на деца со посебни потреби.
Нагласувам дека немам проблем да плаќам данок, но замолувам да се земат предвид и овие случаи. Родителите на децата со попреченост се оставени сами на себе и своите материјални можности. Посебниот додаток од 4360 денари е повеќе од недоволен за вистинска грижа за оваа категорија деца и лица.
Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Зоран Кардула (од книгата „Гуш и бац“)