Не ги разбирам

22.01.2018 08:56
Не ги разбирам

Не ги разбирам антинатовските изблици на Македонците кои во потрага по подобар живот се иселиле во земји членки на НАТО. Многумина од нив се и државјани на земји членки на НАТО. Од даноците кои тие ги плаќаат во новите татковини се финансираат армиите на НАТО. Не разбирам зошто својата војна против „НАТО зликовците“ не ја водат таму каде што живеат, заработуваат и плаќаат даноци.

Не ги разбирам ни Македонците кои се крстат во Путин, но не бараат подобар живот во Русија, туку во земјите на напизмените НАТО и ЕУ.

Не ги разбирам Македонците кои своите воспалени одбрани на македонскиот јазик ги чкртаат на латиница.

Не ги разбирам Македонците кои се скарани со кирилското писмо и со правописот на македонскиот јазик.

Не ги разбирам Македонците кои размената на мислења ја разбираат како размена на клетви и пцости.

Не ги разбирам Македонците кои љубовта кон народот ја искажуваат со пизмење, колнење и пцуење на сонародниците.

Не ги разбирам Македонците кои сонуваната македонштина од далечина ја бранат со клетвите фрлани најмногу по оние кои го обезбедуваат опстанокот на постоечката Македонија во балканскиот котел.

Извор: Плусинфо
Слика: Свирачиња