Не знам дали некој му кажал на Венко дека живееме во 21 век

22.01.2018 15:04
Не знам дали некој му кажал на Венко дека живееме во 21 век

“...со кој образ ќе излеземе пред студентите по (ново)македонистика да им ја предаваме „Македонска крвава свадба“ на Чернодрински (почетокот на македонскиот театар), и да им укажеме дека Цвета ХЕРОЈСКИ одбила да се потурчи и да си го смени името? Значи, ќе го бришеме и Војдана.“ - не прашува Венко во својата најнова колумна.

Не знам дали некој му кажал на Венко дека живееме во 21 век. Изгледа човекот уште е некаде во 19 почетокот на 20 век.

Денешните Цвети имаат права, за разлика од тогашните. Денес Цвета има право да си ја промени верата, и етничката припадност, и полот. Цвета има право на глас, има право да бира и да биде бирана, има право да се образува, има право кариерно да напредува, има право да се разведе, има право да биде заштитена од силување (дури и силување во брак), има право на заштита од насилство, има право да не го менува презимето кога ќе стапи во брак, има право да си го менува и името и презимето кога сака и како сака, има право да абортира, има право да роди дете без да биде мажена, има право ... Ете, таква е нашава денешна Цвета.

“... ќе си свиркаме, пееме и ќе си рецитираме поезија, ќе ја исправаме неправдата, и повторно ќе си останеме јужна, поетска земја. Главна метафора ќе ни биде „срам“. Ќе се употребува како второ име за „ценкања околу името“ ни вели понатаму Венко во истата колумна.

Не знам дали му кажал некој на Венко дека јужниот сосед има две имиња за државата, дека Холандија има три имиња, дека Германија има две имиња, дека Името Персија веќе не постои, дека ...

Не знам дали некој му кажал на Венко, дека политиката и правото се многу прагматични нешта, и дека тие немаат баш врска со поезијата, ама имаат многу врска со развојот на човечката заедница кој значи подобар и поудобен живот за се поголем број луѓе. Во центарот на концептот за човековите права не се наоѓаат народите, нациите, етничките заедници, туку индивидуата која заслужува да добие шанса да го оствари својот највисок потенцијал на актуелното ниво на развој.

Ете, јас сакам таа денешната Цвета, да ја добие таа шанса.

 

Слика: Свирачиња