1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Го пишувам овој текст инспирирана од многубројните блескави изблици на хумор по социјалните мрежи во текот на изминатата недела, досетки произлезени како реакција на лавината трауматични лични приказни изразени преку движењето #СегаКажувам. Мојата директна инспирација, сепак, спротивно од стандардните родови норми, каде што мажите се творците, а жените инспирација – се всушност двајца мажи: рицарот на досетливите опаски, Бранко Тричковски, и неговиот Санчо Панса, Sвездан Георгиевски.
Имено, по бранот жени кои споделија искуства поврзани со сексуалното малтретирање или насилство од позиција на моќ, искуства кои беа вознемирувачки поради нивниот број, повторливи шеми, и чувства што се јавувале кај жртвите (срам, безнадежност, бес, страв), и најглувите разбраа дека дека нешто е многу труло во нашата држава. Сфатија дека сексуалното насилство е толку нормализирано во општеството, што со години ништо не се прави во врска со него – дури не се ни зборува, затоа што „остај, таков е“, „ништо не му можеш, џабе ќе се мачиш“, „остај, пијана работа“ се нашите стандардни реакции на овој проблем. Лавината вакви искази создаде емпатија и чувство на солидарност меѓу оние кои се разбудија и се соочија со проблемот, што е прв чекор за негово решавање. Дека проблемот е масовен и мора да се реши признаа и неколку министерства, пружејќи му поддршка на движењето. На многу луѓе свеста им се крена за ова прашање: флертот е двостран, сексуалното вознемирување и насилство – еднострани. А кога доаѓаат од позиција на моќ, жртвата се чувствува уште позагрозено и беспомошно.
Сепак, покрај солидарноста и сочувствителноста за овој проблем, се јавија и разни досетки и обиди за шеги – и тоа на сметка на жртвите на сексуалното вознемирување и насилство.
Еден од ваквите шегобијци чија „шега“ најмногу ме погоди беше Sвездан Георгиевски, кој мислев дека само неумесно се зафркавал за приказната која ја споделив, за анестезиолог што кога имав 22 години ми рече дека сум „младо месо“ пред да ми шибне спинална анестезија. Набргу сфатив дека тој е уверен дека е во ред да се шегуваш на ваков начин, кажувајќи го следното:
„Значи, од Аристотел наваму тешко се одредува дефиницијата на хуморот, односно на смешното. На пример, бурлеските ги користат спротивностите - дебел и слаб, висок и низок или, на пример, понижувањето, па тепањето со торти е архетип на бурлескниот хумор. Цртаните филмови одат на насилство. Смешните видео инсерти одат на варијанта како некој ќе се убие возејќи точак. Некому, ете, му е смешно да види кко некој/а ќе се излизга на мраз. Некому не му е.”
Еве каде Sвездан е во право: да, хуморот тешко се дефинира, но неколку работи се познати: прво, за нешто да биде смешно, мора да постојат навидум неповрзливи идеи или ситуации кои неочекувано се спојуваат (дебел и слаб, торта во лице како изненадување, дете зборува како возрасен); второ, обично постои мета на смеењето, т.е во хуморот некој или нешто најчесто бидува исмеван (којотот го јаде од брзата птица итрица, Том од Џери); и трето, хуморот е резултат на опуштање на психичка тензија која произлегува од потиснување на одредени нагони (смрт, на пример: некој се убива возејќи точак).
Но тие работи не се смешни сами по себе. За да бидат смешни, треба да има отсуство на емпатија. Со други зборови, насмеаниот треба да нема никакви чувства, никакво разбирање за исмеаниот. Затоа, Sвездан, ако твојата сопруга падне од точак и се убие, тоа нема да ти биде смешно. И ако некој на твојата ќерка ѝ речеше „младо месо“ додека лежела извадена од памет на клиника, веројатно ќе проработел твојот мачо порив да одиш и да го истепаш – се разбира, ако таа се осмелеше да ти каже. Оти нели, „голема работа“.
Присуството на огромен број вакви шеги и смеачи на истите покажа дека проблемот со сексуалното вознемирување и насилство е уште посериозен: дека голем дел од јавноста, па и интелектуалната елита, нема апсолутно никакво сочувство, никакво разбирање за оние кои имале вакво искуство. Дека шовинизмот е толку базичен во нашето општество, што е прифатливо на жените и девојките што се поверуваат со приказните што ги истрауматизирале да им се исмеете во лице, и со тоа да ја избришете нивната важност. Најстрашно е што и покрај тоа што хуморот, кој има морална задача на општествен коректив, кој треба да го подобри општеството преку субверзивното превртување на моќта, се користеше од позиција на моќ: токму исмевачите на #СегаКажувам беа тие што не сфаќаат дека не е смешно ако којотот во секоја епизода ја јаде птицата итрица.
И, Sвездан, Платон и Аристотел не биле некои големи љубители на хуморот, бидејќи во тоа време хуморот бил сведен на тоа што тебе ти е смешно: за нив хуморот бил пакост и порок, поради тоа што се исмевала човековата болка.
Сепак, најшокантно и најдегутантно беше шегувањето на големиот бунтовник Бранко Тричковски, кој објави „пародија“ на мојата приказна со анестезиологот (која наиде на поддршка од Sвездан):
„Ебење со анестезија
Лежам гол на операционата маса во Клинички центар.
Ми приоѓа анестезиологот и ми вика: каква убава стара говедина, да не ти се брбошките на газот, веднаш би ти го свирнал!
Скокнав од масата, фатив такси ‘Рива’, отидов дома, се истуширав и еве ме назад во Клинички на ебење!“
Покрај тоа што очигледно се спрдачи со туѓа болка, а со тоа и симболично со болката на еден куп жени што излегоа со своите најинтимни приказни, овој виц, пародија ли е, што ли е, кажува и многу работи за Тричко, и тоа според теоријата на ослободувањето, која укажува на тоа дека хумористичната смеа се создава како реакција на испуштањето на енергијата на нешто што смеачот го доживува како потиснато, нешто што е табу: секс, смрт, измет.
Се чини дека ова се табуа со кои широкомислениот Тричковски има проблем. И по сѐ изгледа, не се разликува многу од публиката во нашите театри кои паѓаат во несвест од смеење секојпат кога глумците ќе речат „пичка“, „кур“, „ебење“, а посебно „да ти го начукам у г’з“ и други „шеги“ кои се однесуваат на хомосексуалноста, или пак – уште еден фаворит на публиката – „лесните“ жени. Зошто? Зошто само еден збор, вулгарна пцовка или фраза би им биле толку смешни? Во нив нема никаква когнитивна опаска. Во нив нема никаква критика на општествен тренд, нема никаква желба преку критика нешто да подобри. Но смешни се поради тоа што на секојдневниот жител на македонската држава, просечниот Балканец, па дури и на некој што го сметаме за интелектуалец, како Тричко, сексуалноста им е сѐ уште табу. Потиснувањето на сексуалните односи, посебно хомосексуалните, им одзема таква енергија, што таа може да се ослободи единствено преку јавно ветреење на најосновни вулгарни зборови или дејства. Додадете на тоа уште по некое гомно или брбушка – смешката станува уште попотентна. Простете, но за некој како Тричковски, кој само пред една недела го напаѓаше за сексуален пуританизам #metoo движењето во одбрана на објектот на младешките влажни соништа на мажите од неговата генерација, Кетрин Денев, ова делува доста назадно (назадно, хе хе! Знаеш што се прави од позади? Ху-ха-ха-ха). А да, делува и доста назадно за човек кој ги бранел правата на ЛГБТИ заедницата, како и човековите права воопшто – заборавајќи, изгледа, дека жените се пола човештво. Се чини дека Тричковски на сексот гледа на стариот добар витешки начин, каде што мажот точно знае што сака жената, а таа не знае, или не е битно што знае или не, битно е некој ја посакува и да сака да „флертува“ со неа: земете го за пример филмот „Првиот витез“, каде Ланселот, глумен од похотнопогледливиот Ричард Гир, ја бакнува Гвиневра (Џулија Ормонд) откако таа ќе му удри шлаканица и ѝ вели „Знам што сака една жена. Во очи ѝ го читам“. Оттаму и стравот на Тричковски дека (цитирам) „Ако продолжи оваа американска хистерија, луѓето ќе престанат да се ебат! А тоа не е добро!” (а бе, овој рече „ебат“, хи хи хи!) Уште еднаш, Тричковски: единствено нешто што може да се случи со #metoo или #СегаКажувам, е дека жените нема да се ебат со тие со кои не сакаат да се ебат. А тоа е многу добро!
За крај, секако дека сум разочарана и вознемирена од ваквите изблици на неемпатично, погано исмевање – но исто така гледам дека се случува позитивна промена која е неминовна. Генерацијата шегобијци како да не гледа дека метеорот на промената ита кон нив и дека ерата на диносаурусите завршува. И дека зад нив ќе остане најдоброто што можеле да ни го остават – нивните прекрасни ќерки.
Слика: Кели Биман