Пазарење и ќарење

23.01.2018 00:22
Пазарење и ќарење

И ај повторно, ние што останавме да живееме во Република Македонија и што не извадивме бугарски пасоши и што немаме работна виза за Германија, ниту зелена карта за Америка, да пробаме рационално да си го измериме достоинството.

Фер ли е 27 години да живееш под стрес дека штом ќе се запролети може пак ќе има војна? Фер ли е целиот работен век да ти помине во надеж дека нешто убаво ќе се случи, додека сите други одат напред? Достоинствено ли е доброволно да се пишеш Бугарин за да добиеш бугарски пасош, само за да обезбедиш достоинствен стандард некаде каде што двојазичноста нема да ти биде проблем? Достоинствено ли е на сите граници да те третираат како криминалец? По пола авион ги враќаат назад со македонските пасоши. А во Европа сме, башка горди потомци на Воинот на коњ. Достоинствено ли е да се живее од странска помош? Додека твоите политичари го бранат името, странците да ти реновираат училишта, да ти градат канализации и водоводи, да ти го чистат ѓубрето, да ти купуваат амбулантни возила, пожарни и рентген апарати и да ти го заштитуваат културното наследство. Достоинствено ли е деца да се лекуваат со смс пораки? (!!!)

Фер ли е што останавме без лекари, оти и тие избегаа да бараат достоинствен третман на нивната професија? Инженерите учат германски, фармацевтите учат норвешки, а медицинските сестри и без јазик ги примаат секаде, оти сите власти во минатите 27 години достојно им го одбранија достоинството. Македонија останува без интелектуална сила. Без движечка сила за мислење што може да донесе прогрес. Општество без интелектуален крем.

Достоинствено ли е да живееш 11 години во клептократски режим? Достоинствено ли е режимот да ти го нападне Собранието за да остане на власт? Конечно, достоинствено ли е политичарите што сам си ги избрал да те крадат и да те убедуваат дека тоа го прават за твое добро? А ти треба да си среќен дека крадат, ама барем името не го даваат.

За момент морав да прекинам со пишувањето, оти од дијаспората ми испратија покана за потпишување петиција против промена на името и против двојазичноста. Од далеку помоќно се брани Македонија.

Сега знам дека ќе ми забележат и ќе речат: „Зарем на картата дека не живееме во Македонија ќе играте?“ Да бе. Баш на таа карта ќе играме, оти вие ја држите во рака. Ќе играме на картата дека се викате Џорџ, Мајкл или Стив. И дека Шпанецот Раул Гонзалес, селекторот на македонската ракометна репрезентација зборува македонски јазик потечно од вас. А не му е мајчин јазик. И ќе играме на таа карта оти вие се занимавате со Македонија само во слободно време. А ние тука живееме. И немаме резервна татковина.

И дај сега ние што своеволно останавме да живееме во Македонија, оти сетики и ние во животот сме имале некој друг избор, рационално да го разгледаме проблемот со името. Дали можеме да влеземе во НАТО и ЕУ без да го смениме името? Или, дали може да изградиме држава како Швајцарија и да живееме без ЕУ и НАТО?

Кога ќе ја разгледуваме втората опција, сакам да потсетам на нашиот капацитет да станеме Швајцарија. Живееме во земја во која локалните власти не можат да ги натераат комуналните служби да го исчистат ѓубрето, а полицијата не може да ги тргне колите паркирани на коловоз. За други поголеми цивилизациски аспирации да не зборувам. Како на пример, четирите официјални јазици на Швајцарија.

Ова се фактите. За сѐ друго може да се дискутира на ниво на емоции. На пауза меѓу две патриотски ора.

Извор: Сакам да кажам
Слики: Небојша Гелевски