Пророкот на програмерството го гледа злото на страната на технологијата

23.01.2018 12:12
Пророкот на програмерството го гледа злото на страната на технологијата

Како босоног Буда со суканици, во лудачки забавна куќа на шумските ридови во Беркли, живее Џерон Лание, еден од основачите на диџератите. Компјутерскиот научник кој има 57 години, е музичар и писател, крстен е како татко на виртуелната реалност.

„Јас сум професионален илузионист“, вели. „Можеби, на некој начин, знам повеќе од кого било за создавањето илузии“.

Лание е еден од оние пророци кои признаваат дека мрестот во Силиконската долина можеше да стане зол, иако се труди да размислува позитивно. Му помага и тоа што се држи настрана од социјалните мрежи.

„Популарните социјални мрежи се замислени за да го менуваат однесувањето“, вели тој. „На пример – зошто би вработиле зол хипнотичар кој експлицитно вели дека целта му е да ве натера да правите нешта за што е платен од други луѓе, но тој не сака да ви каже кои се тие?“

Во овој момент, кога над Силиконската долина доаѓа црн облак, Лание е загрижен дека можеби боговите на технологијата кои создаваат нови светови ја губат контролата над себеси, и тоа на сопствена штета.

„Ова е страшна ера, зарем не“, вели. „Мислам, за мене е страшна. Отсекогаш стравував дека ќе ја создадеме оваа социјално-манипулативна технологија со компјутерите“.

Марк Цукерберг го критикуваа кога го користеше својот анимиран аватар за да учествува во „магичниот“ приказ на виртуелната реалност од 360 степени, кој рекреира уништување на Порторико за време на ураган, а сето тоа за да ја промовира својата нова апликација Фејсбук Спејсес. „О, боже“, рече Лание кога го виде. „Страшно и ужасно е колку Силиконската долина го изгубила допирот со реалниот свет“.

Во домот, каде што живее со сопругата Лина, детски психолог, и 11 годишната ќерка Лилибел, е опкружен со музички инструменти – клавир, саксофони, флејти, кларинети, мандолини и повеќе од 1000 други инструменти. Знае да свири на секој од нив.

Набрзо откако се родил, мајка му, пијанистка од Виена која се извлекла од концентрационен логор како Ариевка, и татко му, чие цело семејство за малку ќе настрадало во украинскиот погром, го однеле Џерон во најзападниот дел од Тексас. Кога имал девет години мајка му настрадала во сообраќајна несреќа, а татко му кој тогаш работел како уредник за наука во списанијата „Амејзинг“, „Фантастик“ и „Астоундинг“, малку подоцна на синот му дозволил да ја дизајнира нивната нова куќа во Њу Мексико: геодезиска купола.

Возбудливите приказни за растењето на Лание се како порој, од свирење клавир во „Иар Ин“ и „СоХо“, преку авангардните забави со Џони Кејџ и Лори Андерсон, до работата за списанието „Иар“ чии уредници трчаа во Дакота за да ги молат Џон и Јоко за малку пари.

Ги вади своите Мајкрософт Холо Ленс слушалки и објаснува зошто мозокот може да гледа повеќе од очите. „Во овој момент, кога се соочуваме со овие банални нешта како што се Фејсбук, Инстаграм и Снапчат, се надевам дека ќе можеме да го пронајдеме патот за на луѓето да им го вратиме достоинството и автономијата пред сè да отиде предалеку. Освен ако сите не се испоубиеме во меѓувреме, што исто така е една од можностите.“

Лание смета дека Фејсбук и Гугл, земајќи ги предвид нивните „'одозгора надолу' шеми на контролирање“, треба да се нарекуваат „царства за менување на однесувањето“.

„Сета работа со интернетот беше замислена така што ќе се направи најдобриот извор на информации во историјата на светот“, вели тој. Сето тоа требаше да биде видливо. Наместо тоа, живееме во ера на тотален мрак каде и не знаете зошто ги гледате вестите што ги гледате. Не знаете дали тоа се истите вести што ги гледаат и другите. Не знаете кој направил да биде така. Не знаете кој е платен да го менува она што го гледате. Сè е сосема опскурно на начин на кој никогаш не било. А, системот во Силиконската долина толку закоравел што моите пријатели кои работат, на пример, за Фејсбук, сè уште вистински веруваат дека одговорот на сите проблеми е да работат повеќе, да го оптимизираат светот на тој начин. Бизнис моделот на таа компанија е масовна модификација на однесувањето кое го плаќате. А, за оние кои не даваат пари, единствената – и сакам тоа да се нагласи, единствената, да се подвлече и болдира – награда или позитивна реакција што можат да ја добијат е привлекувањето внимание“.

Тој продолжува: „Мислам дека таму има многу добри луѓе и не мислам дека сите поединечно се злобни. Барем не оние кои ги запознав. И го познавам Гугл многу подобро и мошне сум сигурен дека ни тие не се злобни. Но, двете компании имаат бизнис планови кои се темелат на модификација на однесувањето која светот не може да ја поднесе во такви размери“.

Кога станува збор за виртуелната реалност, Лание е сосема свесен за „Матрикс“ опасностите. Многу рано сфатил дека „виртуелната реалност може да се покаже како најзлобен изум на сите времиња“.

Додава дека формулата е мошне едноставна.

Големиот илузионист има објаснување и зошто интернетот повеќе е опседнат со мачки отколку со кучиња.

„Знаеме дека Фејсбук нè претвора во дресирани кучиња“, вели. Затоа „копнееме за независноста што ја имаат мачките“.

Извор: New York Times

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото