Испуштање гасови

24.01.2018 02:27
Испуштање гасови

Не знаеше дали е тој или кучето. Не беше таа. Кучето си лежеше на ќилимчето меѓу нив, таа седеше на троседот во дневната соба, а нејзиниот гостин, малкуцка напнат, седеше потонат во една ниска фотелја, и мирисот, не многу остар, нежно пропатува низ воздухот. Најпрво таа помисли дека е тој и беше изненадена, бидејќи обично луѓето не испуштаат гасови во друштво, барем не на забележлив начин. Како што продолжија да разговараат, таа цело време мислеше дека е тој. Ѝ падна малку жал за него бидејќи мислеше дека се срами и има трема што е тука со неа, па затоа испуштал гасови. И одеднаш ѝ светна дека можеби и не е тој, туку кучето, или уште полошо, ако е кучето, можеби си помислил дека е таа. За волја на вистината, сабајлето кучето украде цела векна леб, и ја изеде, и сега можеби испушта гасови, нешто што обично не го прави. Сакаше веднаш некако барем да му објасни дека не е таа. Нормално, имаше шанси дека тој не ни забележал, ама беше паметен и бистар, па ако таа забележала, тогаш веројатно забележал и тој, освен ако не бил премногу напнат за да не забележи. Проблемот беше како да му каже. Можеше да каже нешто за кучето, да го оправда. Само, може не било кучето, може бил тој. Не можеше да биде директна и едноставно да каже, „Види, ако си прднал, не е страшно. Само сакам да расчистиме дека не бев јас“. Или да каже: „кучето сабајлево изеде цела векна леб, и мислам дека прди“. Ама ако бил тој, а не кучето, би му паднало срам. А може и не. Може веќе му паднало срам, ако бил тој, и ова ќе го отсрами. Ама миризбата одамна веќе ја немаше. Може кучето пак ќе прдне, ако прднало кучето. Само ова ѝ текнуваше – кучето пак ќе прдне, ако прднало кучето, и само ќе се извини за тоа, без разлика дали било кучето или не, а со ова нему ќе му олесни, ако бил тој.

Превод: група студенти од Катедрата за англиски јазик и книжевност

Клитература е дел од радио емисијата ПичПрич што секоја недела се емитува на Канал 103, а која се занимава со женската книжевност и родовите прашања во книжевноста. Рубриката ја уредува Румена Бужаровска.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото