Десницата секогаш ја обвинува државата, а никогаш бизнисот

24.01.2018 03:23
Десницата секогаш ја обвинува државата, а никогаш бизнисот

Интервју со Јоаким Бекер, професор на Институтот за меѓународна економија и развој на виенскиот Економски факултет. Добриот познавач на приликите во поранешните социјалистички земји, овојпат го посети Загреб за да одржи предавање за националистичката десница, во склоп на дводневниот семинар кој го организираше Центарот за работнички студии.

Зошто е важно да се разликува популистичката од националистичката десница?

Мошне често тие два концепти се користат речиси како синоними, иако се работи за два различни поими. Програмите на националистичките партии содржат експлицитни референци на нацијата, на пример фаворизирањето на домашниот капитал или националните преференции во однос на социјалните политики или вработувањето. Меѓутоа, во случајот на популизмот таквите референци нема нужно да ги најдеме во програмите зашто впрочем се работи за прашање на стил, со елементи како што е директната комуникација помеѓу партиското раководство и масата. За разлика од национализмот, популизмот вообичаено им се обраќа на пониските општествени слоеви. Но, исто така изразот „популизам“ ја вклучува и негативната конотација на терминот „народен“, а со тоа до одредена мера и народните барања, па многумина го користат токму за да ги денунцираат и делегитимираат барањата на пониските класи.

Во својата класификација на националистичката десница разликувате три струи: нов либерализам, национален конзервативизам и фашизам?

Важно е да се нагласи дека националистичкиот камп е изразено хетероген. Се разликуваат идеите за тоа како би требало да функционира државата и како би требало да се обликуваат економските и социјалните политики. На пример, неолибералните националисти заговараат силна технократија, силна изолација на центарот на моќта од народните барања, особено синдикатите, како и донесување одлуки врз основа на фиксни правила. Националните конзервативци имаат поинаква перцепција за државата, ја гледаат како експлицитно политичка институција, значи спроведуваат одредена реполитизација од десно. Имаат референдумска идеја за демократијата и заговараат плебисцит како политички инструмент, па така во Унгарија владејачката Фидеш во последните две години спроведе неколку национални консултации и референдуми за бегалските квоти. Од перспектива на практиката тоа е исклучително опасно зашто тие ги користат таквите елементи за да изолираат некои политички сили, на пример да го маргинализираат цивилниот сектор или да го дисциплинираат судството, како во случајот со Полска каде Министерството за правосудство донесе мерка која на извршната власт ѝ овозможува менување на судии и која тамошните правни експерти ја сметаат за противуставна. Кога станува збор за оваа струја од фашистичката десница, таа е мошне внимателна околу самодефинирањето зашто отвореното заговарање диктатура може да доведе до забрана. Но, видливо е дека посакува авторитарна држава, дека негува култ на насилство и често има паравоени сили и дека расизмот во нејзините програми е мошне експлицитен.

Сликата на Европа

Дали може да наведете уште неколку примери за секоја од тие категории и да ја опишете нивната сила во Европската унија?

Националистичката десница во институциите на ЕУ е релативно слабо застапена, а воопшто ја нема во Европската десница. Ја има во националните влади и, секако, во Европскиот парламент, каде е раздвоена во различни парламентарни клубови, што делумно ја ослабува. Националистичките партии со силни неолиберални ставови се најсилната група, но и меѓу нив се наоѓаат поумерени и поавторитарни позиции, па и елементи на национален конзервативизам како што се заговарањето традиционално семејство или фаворизирањето на националното во социјалната политика. Добар пример за умерените се британските конзервативци и Граѓанската демократска партија во Чешка, како и Новата фламанска алијанса, водечката партија во белгиската влада, неолибералната партија со моќен десен елемент. Кога станува збор за националните конзервативци, ПиС во Полска е најчист пример зашто се работи за партија со национално-конзервативна идеја за државата и ист таков концепт на економска политика со долгорочни стратегии, фаворизирање на домашниот капитал и одредена флексибилност во спроведувањето на тие политики. Социјалната политика исто така им е национално-конзервативна, дури и експанзивна, на пример, во однос на семејствата со повеќе деца. Фидес има и национално-конзервативни и силни неолиберални елементи, исто како и Лега Норд во Италија, чии идеи околу индустриската политика и излегувањето од еврозоната се очигледно национално-конзервативни, слично како и кај Фронт Национал во Франција. Пример за партија која може да се класифицира како фашистичка е Народната партија на наша Словачка, која влезе во парламентот со повеќе од осум проценти од гласовите. Нејзините членови се облекуваат во паравоени униформи, имаат агресивен настап, им се закануваат на Ромите и слични се, дури и поекстремни од унгарското движење Јобик. Во Грција исто така постои фашистичката партија Златна зора.

Каде би ја сместиле ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел?

ЦДУ е партија со силен неолиберален елемент, иако во Германија социјалната држава не е до крај размонтирана. Кај ЦДУ е присутен своевиден национализам на слободната трговија, зашто слободната трговија е добра за доминантната економија. Тој често не се доживува како националистички зашто се преправа дека е универзален, но впрочем е профитабилем само за една, во случајов германската страна. Тоа може да се согледа и во начинот на кој германската страна ја решаваше кризата во еврозоната, вршејќи притисок на прилагодувањата на земјите како што е Грција. Сличните партии во Полска и Унгарија заговараат одбранбен економски национализам, создавање простор за јакнење на периферните економии, заради што им е потребно одредено ниво на протекционизам.

Дали фашистичките партии се поприсутни во југоисточна Европа?

Би можело да се каже, но исто така моќни се и во другите земји каде постои силна регионална хетерогеност и економско пропаѓање во одредени региони. Кај Јобик и Народната партија на наша Словачка можеме да видиме дека тие се особено популарни во посиромашните региони. Од друга страна, во случајот на Јобик интересно е што меѓу нивните симпатизери има многу студенти и дека приходот од гласачот на Јобик е над просекот. Тоа покажува дека фашистичките партии имаат хетерогени изборни тела, а во некои случаи дури и значаен удел добро ситуирани.

Имајќи ги предвид различностите што ги наведовте, кои се заедничките карактеристики на овие партии?

Заеднички им е национализмот, но важно е уште еднаш да се нагласи дека станува збор за хетерогена група, онаа што ја шири идејата дека националната држава треба да има одреден авторитет, но почнува да се разликува уште на прашањето за степенот на овој авторитет. Сите тие партии не се ни евроскептични, на пример Новата фламанска алијанса, иако повеќето тежнеат кон тоа. Уште помалку од нив заговараат излегување од ЕУ, особено на периферијата, каде единствено словачката партија од десницата отворено повикува на излегување.

Рековте дека во склоп на противстратегиите на националсоцијалистичката десница особено треба да се земат предвид два фактори, оној дека социјалното прашање треба да се третира како класно прашање и односот на овие партии спрема родовите прашања?

За западноевропските националистички партии повеќето од социјалните проблеми произлегуваат од имиграцијата, додека улогата на капиталистичкиот систем во создавањето нееднаквости и социјални проблеми воопшто не се споменува. Тие партии не само што не се антикапиталистички туку се отворено прокапиталистички, а за социјалните проблеми секогаш ја обвинуваат државата, а никогаш бизнисот. Затоа сметам дека спрема овој тип дискурс треба да се однесуваме критички и дека треба да се постави прашањето чии интереси на екстремно десните партии впрочем треба да се застапуваат. Кога станува збор за односите на родот, тој сегмент исто така се занемарува иако е мошне важен елемент на нивните програми. Тие сакаат да го обноват она што го гледаат како сопствено идилично минато, а тоа повторно има своја материјална димензија, пред сè во смисла во редуцирањето на улогата на жената на пазарот на трудот, од што е евидентно дека тие ги поврзуваат јавните социјални услуги со родовите прашања.

Зошто Полска стана жариште на неонацистичката десница?

Политиката на сеќавањето е исклучително присутна во јавниот дискурс, во медиумите и во школството, а тоа создаде клима во која национализмот е во подем. Истовремено, економските политики придонесуваат за нееднаков развој, а социјалната ситуација на еден дел од популацијата не е добра, па тој дел не се чувствува претставен од страна на традиционалните партии. Затоа, на нивните маргини се појавија ултранационалистички сили, некои од нив мошне милитантни, изразено конзервативни, до работ па и преку работ на фашизмот. Истовремено, постои и друга струја која е и мошне конзервативна и мошне пропазарно настроена. Неа ја претставува Јануш Корвин-Мике, мошне бизарен политичар кој заговара укинување на правото на глас за жените. Во последните години ПиС настојуваше да спречи тие маргинални субкултурни сили да се преточат во некаков вид парламентарна алтернатива, па се поигруваа со националистичкиот дискурс, истовремено легитимирајќи и охрабрувајќи ги таквите сили, што најпосле доведе до екстремно десни слогани и насилства на маршовите за Денот на независноста.

„Бевме глупави“

Полска секогаш се наведува како пример за транзициски добитник и земја која добро помина во економската криза. Но, токму во една таква „успешна“ држава имаме вакви појави?

Вистина е дека Полска е единствената земја која не ја почувствува рецесијата во 2009 година и дека владата се соочи со кризата мошне флексибилно и мошне интелигентно. Но, оние кои профитираа од таквата стратегија главно се концентрирани во големите градови и на западот од земјата. Исто така, во Полска е исклучително распространето вработувањето врз основа на флексибилни договори, без никаква социјална заштита, што енормно ја зголеми прекарната работа. Либералите долго ги игнорираа последиците од таквиот развоен модел, беа сосема нечувствителни за таквите прашања и немаа никакви органски односи со синдикатите, заради што антагонизираа одредени делови од општеството. Од друга страна, ПиС од тоа направи големо прашање, нагласувајќи ги значајните проблеми кои произлегуваат од таквиот вид вработувања. Некои либерални интелектуалци сега покажуваат малку посамокритично однесување, на пример Марцин Крол кој ја напиша книгата „Бевме глупави“, а бевме глупави зашто во текот на деведесеттите, во времето на шок терапијата, зборувавме за слободата, но не и за оние на кои во тоа време економската ситуација не им пружаше никаков избор. Значи, може да се каже дека интелектуалната расправа за Полска барем започнала, но не и на ниво на партиска политика.

Во последната година некои екстремно десни партии не поминаа толку добро како што се надеваа, но од друга страна во подем се движењата како она во Полска. Дали десницата е во подем?

Би рекол дека екстремната десница расте, но дека тој раст не е континуиран ниту е подеднакво присутен секаде. На пример, кога Герт Вилдерс во Холандија „ќе помине лошо“, тоа не е знак за неуспех зашто не само што добро помина на изборите, туку и длабоко влијаеше на другите партии, на пример ВВД, па дури и социјалдемократите, кои усвоија делови од неговата реторика. Исто така, Марин Ле Пен не стана претседателка, но помина подобро од претходно. Во Германија не постоеше партија како што е АфД, а сега е во парламентот. Значи, би рекол дека десницата е во подем.

Како ја оценувате реакцијата на левицата на овие појави?

Очигледно дека левицата има потешкотии да се соочи со тој феномен, подеднакво како и левиот центар. Во фокусот не би смеело да биде само она што се отфрла, во тоа левицата е мошне јасна, но не е јасна во аспектот на претставување позитивна алтернатива. Сметам дека левицата премногу се фокусираше на националистичкиот дел од програмата на десницата кој, секако, никогаш не смее да се занемари, што не би требало да се прави дури ни кога се во прашање нејзините економски и социјални политики.

Слики: Мarc Chagall

Извор: https://www.portalnovosti.com