Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (2)

24.01.2018 03:20
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (2)

Димитар Башевски, Круг (Слово)

 

Еден од становите во коишто се преселив беше сосема блиску, тукуречи до познатата зграда „Зорба“ во главниот град. Во двете кафулиња таму се собираше „крем“ публика (понекогаш и јас седнував), главно муабетчии за политиката и бизнисот. Од прозорецот на мојот стан, јас гледав на улицата долу и во таа глетка, во врвулицата, се мачев да најдам поттик за еден мој расказ со кој долго се борев. Во таквите моменти на мачни паузи, стоев налактен на прозорецот, а повремено, сакал или не, се погледнував во стаклото. Одразот на лицето во стаклото, сега се потсетував дека и другпат тоа сум го забележал, не е како во огледало, остро и, во некои поединости, недопадливо. Во стаклото се гледаше позаматено и тоа не ми пречеше, дури обратно. Не морав да се задржувам, како на огледало, на старечките пеги што веќе поодамна се јавиле или на некоја црнка на лицето, која силно се изразуваше. А луѓето долу на улицата врват и не се обѕираат. Не брзаат да речеш, како во њујоршкото метро, напротив, одат со некоја тежина, како да влечат тешко минато зад себе – античко минато, средновековно минато, турско минато, минатото на балканските и светските војни, и, најпосле, најновото минато, речиси вчерашно и, сосема на крајот, сегашноста, и неа со тежина ја влечат, бидејќи и таа толку многу се врзала за минатото, што тие веќе, зад него груваат. Во тој мој прозорец, отспротива секогаш гледаше пензионираниот полицаец Благоја Чкаре. Тој гледаше кон мене, а јас кон него. Тој, макар во пензија, ги правеше своите полициски белешки, а јас својот расказ.

Кога низ мене беа поминале тие сцени со прозорецот и со Благоја Чкаре, јас погледнав кон господинот спроти мене во возот. Тој се сети дека го гледам со сомнеж. Но овој немаше никаква сличност со стариот полицаец.

„Тој беше ваша вообразба“, ми вели потоа, погодувајќи ја мојата мисла.
„Колку што беше и неговата сопствена“, се осмелив јас.
„Чкаре бил ненадминат аналитичар, молчаливец и душкало... Сликата за неговата приватна картотека што ја градите во расказот, сосема соодветствува на стварноста.Тоа не го знаете?“
„Не“, реков, „не сум го знаел сѐ до неговата смрт. Кога умре, можев да влезам во неговиот стан и да видам дека тој бил опсесивен, го видов неговиот стан полн со исечоци од весници, фотографии, оружје, разни документи, па и досиеја“.
„Имаше досие и за вас. Тоа го знаете“, рече тој.
„Да“, реков. „А досие во државните служби?“, кажав божем во шега.
„Тоа ќе го дознаете во ‘Зорба’“, рече господинот. „Таму секој ден седи еден човек, Ангел. Тој ги знае досиејата за сите“. Потоа додаде:
„А зошто? Се плашите од лустрација?“

Возот штракаше, а човеков, почувствував, влезе во самата стварност и се чудев како понатаму ќе се повлече од неа. Десно низ прозорецот рој сколовранци јуреше ниско над полето, устремено кон некое лозје на падините. Во далечината се гледаше една обла планина како некој полукруг кој, завивајќи, би се споил со другата половина. Тоа во мојот поглед беше една кружница од која секоја точка е еднакво оддалечена од центарот. Центарот е нејзиното срце кое чука издолжено и бавно. Погледот сега завиваше по целата кружница и ја следеше до нејзиното конечно затворање. Колку што се приближуваше затворањето на кругот, моето сеќавање одеше сѐ подлабоко назад. Јас станував најупорниот сведок на себеси. По секој чекор, по секој поглед, искрснуваа места и настани, луѓе со испотени качкети, дрвари зад коњи, остри крикови на јастреби. Го знаев секое дрво, го знаев вкусот на плодовите, стеблото, гранките, музиката на јасиките, нивните бели стави. Го познавав звукот на кларинетот на селскиот музикант, когошто го носеше западниот ветер, како некое прескокнување на грамофон. Каде и да допреш, сеќавањето боли. Мојот поглед сега се населува во тој круг од сеќавања.

Мите Гошев, Патешествие низ виденијата на апостол Јован (Самостојно издание)


15. Од устата Негова излегуваше остар меч за да ги казни со него идолопоклониците. Тој ќе ги пасе со железен жезол и ќе ја изгази кацата со вино на јароста и гневот на Бога Седржителот.

16. На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: „Цар над царевите“ и „Господар над господарите“

(Откр. 19:15,16)

 

Авторитетот на Христос се открива пред сѐ, преку Неговото име: Цар над Царевите и Господар над Господарите. Многуте царски круни, што Тој ги носи, го покажуваат Неговиот неограничен сувренитет над секого. Фразата „Тој ќе ги пасе со железен жезол“, го открива Христовиот авторитет на верниците и Неговото суверено управување во Божјото царство. Тој ќе се грижи за Своите како овчар што се грижи за овците: со љубов и грижа за потребите и правилното поведение. Овчарите, обично, користат дрвени стапови, со кои ги заштитуваат и ги водат овците. А Христовата ластегарка е железна и симболизира сила, апсолутен авторитет и непоклатливост на Неговото господство.

Неправедните, пак, ќе го искусат Христовиот суверенитет така што ќе се соочат со неговиот меч: Од устата Негова излегуваше остар меч за да ги казни со него идололоклониците. Тој ќе ја изгази кацата со вино на јароста и гневот на Бог Седржителот. Божјиот гнев ќе се излее со сета сила, без милост и благодат. Кога Христос ќе се појави на белиот коњ ќе биде предоцна за прошка и покајание.

Овде би било добро да направиме некои разграничувања меѓу Судот од Второто Христово доаѓање и Судот пред Големиот бел престол.

1. Целите на двата настана се сосема различни. Судот пред Големиот бел престол служи за да ја произнесе конечната судбина врз луѓето и да ја определи нивната вечна состојба. Додека денот на Христовото доаѓање има цел да ја подготви Земјата за Месијанското илјадагодишно царување, отстранувајќи го од неа сето зло.

2. Судот пред Големиот бел престол ќе се случи, откако ќе преминат сегашното Небо и сегашната Земја, додека Второто Христово доаѓање е настан што ќе се случи на сегашнава Земја, која ќе биде исчистена од злото: „Тогаш волк ќе живее со јагне; леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води. Крава ќе пасе со мечка, нивните млади ќе лежат заеднo; лавот ќе јаде слама како волот. Новороденче ќе игра над змиина дупка, дете ќе протега рака кон змиино гнездо. Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господ, како што водите го полнат морето“. (Ис. 11:6-9)

3. Големиот бел престол се занимава со мртвите, со тие што доаѓаат од морето, од гробовите (нивните тела) од адот и измачувањето (нивните души): „Потоа ги видов мртвите, мали и големи како стојат пред Бог: се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него: смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив, и секој прими суд според делата свои“ (Откр. 20:12,13). А Второто Христово доаѓање се занимава со неправедните што не искусиле физичка смрт, т.е. кои ќе живеат на Земјата во мигот кога ќе дојде Христос.