За изгнанството и пишувањето

24.01.2018 12:30
За изгнанството и пишувањето

Територијата на писателот

Во романтична смисла пишувањето е прогонство. Но во постструктуралистичка или деконструктивистичка смисла пишувањето токму е себе-локализирање, територијализирање, отцртување на границите. Не постои друга територија освен онаа која штотуку ја пишувам, ја создавам, ја омеѓувам.

Всушност, јазот меѓу двата погледа кон пишувањето, "романтичниот" и "деконструктивистичкиот", ни од далеку не е ни толку длабок ни непремостлив, и во многу нешта тие два, би рекле, творечки концепта, заправо интерферираат и се надополнуваат. Зашто токму изгонетоста (збор што поседува повеќе објективистичка, топографска смисла), или прогонетоста (повеќе како субјективно чувство) дополнително го сензибилизираат нашето сетило за припаѓање, територија и граници.

Поопфатен збор од прогонство е изгнанство. Всушност, прогонството, како и изгонот, е само вид изгнанство, поуниверзална 'изместеност'. Постојат и други, порадикални форми на изгнанство: интернирање, депортација, изолација, екскомуникација до емиграција, самоизгнанство и внатрешно изгнанство. Но, во сите случаи, на сите овие форми заедничко им е, како што вели Јовица Аќин (нашиот водич низ темава), детериторијализирањето, топењето на територијалноста (сфатена како глечер), отклонот од "седечката" состојба, "номадското" движење...

Номадот е апатрид кој верува дека "невкоренетоста" е само скала на патот кон вистинското и подлабоко себе-ситуирање во одреден простор, сеедно дали го нарекуваме територија, мапа или вселена. Номадот верува дека неприпаѓањето никаде во географска смисла само го потцртува чувството за припаѓање секаде во историска или биолошка или дури космичка смисла.

Писателот (доколку е навистина тоа, а не дворски дотрпезник, писар, фриволен исполнувач на желби или произведувач на "пошлост" - евтини малограѓански стереотипи) е токму таков тип на номад, кој постојано преиспитува цели низи начела, особено оние на стилот и јазикот, но и општествените и историските начела, непрекинато менувајќи го и местото од каде што гледа и територијата што ја гледа. Над сè, таквиот писател-номад одбива да се потчини, па и по цена да биде прогонет.

"Секое пишување кое одбива да се потчини, го одбива потчинувањето на авторитетот на некое средиште, не го прифаќа тоталитаризирањето, и ги субвертира големите системи на моќта, е изгнаничко, отпадничко и постојано обвинето дека е непријателско и наводно без идентитет."

"Својата автентичност субјектот во двоумење, како и самото пишување, ја пронаоѓа дури кога ќе ја прифати обескоренетоста, кога ќе се оддалечи од прождирачката топлина на една територија. Наспроти универзализмот, кој проистекнува од колонијалистичката алчност на една територија, стои универзалното во коешто се одразува другото и локалното. Затоа највисокиот облик на патриотизам е да ѝ се каже на сопствената земја кога таа се однесува насилнички. Слободниот и автентичниот писател секогаш е изгнаник, бидејќи само тогаш може да види доволно јасно. И така субјектот, не престанувајќи да се двоуми, не укинувајќи ги и уважувајќи ги разликите, го стекнува својот идентитет."

Прогонетоста, значи, во себе ги помирува егзилот и азилот, изгнанството и засолништето. Таа е фармакон, едновремено и отров и лек. Пат кон идентитетот, но и скршено огледало на личното. Видлив доказ за тоа е изгнанството на останувањето. Како што вели Аќин, станува збор за одложено изгнанство; помеѓу надвор и внатре, изборот е да се биде надвор однатре...

("Заминување, 1902, 1949, 1974. Авр, Сингапур, Трст. Дезертерство. Од ноќниот кошмар на историјата, од верноста спрема традицијата, од претераното семејно гушење. Оддалечување. Кинење на животот од корен. Трансплантација. Заминувањата можат да бидат биолошки, социолошки, доброволни или принудни. Предизвикани од адолесценција, брак, пензионирање, смрт, поврзани со работата или предизвикани од економската состојба. Жртвување? Бекство? Неважно. Постои само движење на тела, стапала што стапнуваат во превозното средство, раце што носат заврзани кутии и куфери. Очи што се вртат? Можеби.")

"Огниште", култура

Постои, се разбира, и поинакво, "огнишно" стојалиште. Имено, според тоа стојалиште, за воопшто да имаме какво било чувство на идентитет треба да бидеме во родниот крај, и да се грееме крај огништето на предците. Уште од Хомер, во Одисеја, истакнат е тој судир помеѓу поединецот и заедницата и потребата да ѝ се припаѓа на некоја заедница.

"Заедница, огниште: потребна ни е вера, нашиот 'итачки двор', партија, нешто во што ќе се допираме со другите, ќе се грееме, колективизираме, ќе бидеме собрани. Бидејќи вон границите до кои стигаат топлината и светлината на огништето владеат студенилото и мракот. Тоа е погледот што го наследуваме и чиешто присуство е една од установите на моќта. Според таа концепција, во светот и во стварното ние сме единствено тогаш кога сме во досегот на 'огништето'. Од онаа страна се хаосот и нестварното."

На Балканот изминативе години, со епицентар во Србија, овој принцип на "огниште" отаде кое владеат "силите на мракот и безумието" (израз на Слободан Милошевиќ) беше доведен до пароксизам и произведе војни, чиишто последици, низ чувството на општа нестабилност и страв (кои само ги поттикнуваат лесните решавања на деликатните проблеми на припаѓањето и лојалноста) сè уште ги чувствуваме. Нема подобар доказ од најновото балканско лудило, кое го осетивме и на своја кожа (бидејќи од историјата, очевидно, памет не ни доаѓа), дека "огнишните", етно-националистички концепти на државно уредување во форма на бачило, немаат шанси да донесат стабилни и просперитетни општества. Колку побрзо го отсонуваме и кај нас, во Македонија, во културата длабоко вкоренетиот патријархален и центристички "огнишен" модел, дотолку се поголеми шансите не само за материјално побогато и постабилно општество, туку и можностите за покомплексно и повистинито (во некаква психоаналитичарска смисла која токму подразбира здравје и стабилност низ соочување) себе-осознавање.

Културите "дишат" и живи се и во светот се само низ релации, само соочени, само во постојано менување на соковите, само, во крајна линија, кога се доведени во прашање, како однадвор така и однатре. Деструирањето на надминатите културни матрици, но и пронаоѓањето нови (среде пепелиштето на историјата!), всушност не е ништо друго туку одржување на "огнишниот" пламен! Можеби токму најсуштественото нешто за која било култура баш е динамиката меѓу двете спротиставени тенденции: центрипеталната и центрифугалната. Само низ рамнотежата на таа напнатост се одржува фината културна архитектоника на едно општество. Доколку надвладеат централистичките тенденции културата станува декадентна (инцестуозна!) и фолклорна (без продлабочени точки на допир со општеството). Се разбира дека постои и другата опасност: од премногу мешање културата да исчезне. Но, доколку се почувствува рбетниот столб на идентитетот и доколку се сфати дека сепак најбрзиот начин на исчезнување на една култура е нејзиното затворање во себе, тогаш сопствениот интегритет, се чини, најмалку е доведен во прашање.

("Се преправаме дека патувањето е окончано. Разговаравме за заминувањата, доаѓањата, прилагодувањата, за она што е оставено, што е сочувано, што е загубено. Не го препознаваме процесот на изместување, доаѓањето, активно. Не самото доаѓање, туку исчекувањето на доаѓање; не заминувањето, туку сеќавањето на заминување.

Патување: чиста имагинација.

Канаѓанец: глобален емигрант кој ја сонува иднината, не освојувач туку молител, одметник, изгнаник, уметник; творец на минатото и на местото на доаѓање. Самиот чин на имиграција е изоставен, намерно е исклучен како непријатен дел на недостигот од дефиниција. На крајот на краиштата, тоа е пат, патување, движење, без место, можеби и без цел, само во копнеж и постојано доаѓање. Етничката фиксација, којашто мошне лесно се остварува, ја игнорира имиграцијата, посакува тој решителен и изместувачки чин никогаш да не се случел. Се преправа дека тоа е само привремена состојба, повеќе движење отколку стварна состојба на умот.")

"Внатрешен агзил"; Емигрант или имигрант

Апатридството има најмалку две формални димензии; едната е да се биде човек без "пасошки" идентитет, или пак човек што го менува својот "пасошки" идентитет; втората димензија е да се биде во егзил во "сопствената" средина. Ние, во Македонија, не само што имавме шанса понепосредно да го осетиме мекиот соц тоталитаристички концепт што некои мислечки луѓе ги натера во "внатрешен егзил", туку и дополнително, со распаѓањето на заедничката држава, бевме принудени одново и продлабочено да ги преиспитуваме компликуваните и деликатни прашања за "припадноста" и "изместеноста", прашања кои одат многу подалеку од етничките и национални линии на поделба. Така што, се случи можеби само промена на формата на чувството на "внатрешен егзил", кое, парадоксално, и покрај формално зголемената слобода на говорот во новите национални држави, се чини дека не само што опстојува и понатаму (а мислевме дека е производ на идеолошката крутост на изминатиот систем), туку, се добива впечаток, чувството на внатрешен егзил дури и расте, особено кај помладите, кои просто немаат точки на (себе)препознавање во новите општествени околности. На тој деликатен и комплексен простор на себе-дефинирањето во одредени рамки (простор на идентитетот) речиси преку ноќ му се намалија референтните граници, "зоните на дискурсот", самиот ментален простор едноставно се стесни бидејќи нацијата и етничкото одеднаш и премолчано станаа апсолутно доминантни категории во однос на кои се премерува речиси сè. Дотогашниот културен модел (со потенцијали да го супституира тој "идентитетски шок") доживеа колапс бидејќи, се покажа, беше сосема лажен и поставен на лабави идеолошки премиси, додека други културни модели поставуваме бавно и бедно, поради тоа што во себе урушениот мртовец на претходниот културен модел едноставно и понатаму го зазема просторот како некаква џиновска еко-катастрофа што тешко може да се исчисти. Други причини за невоспоставување поавтентични реперни идентитетски пунктови (медиуми, култура, уметност...) се недостатокот на пари, општата обесхрабреност, недостигот ем на стручњаци и професионалци ем на "консументската критична маса"... Згора на сè, пак ни се случува зголемениот одлив на "печалбари", меѓу кои повеќето се токму најспособните и најкреативни луѓе во земјата.

Постои едно парче во книгата "Дневник на апатридот" на Бора Ќосиќ (исто така, своевиден апатрид во неколку простори) што можеби го објаснува тој однос меѓу "децата" и "татковината":

"Децата на оваа земја стравуваат на начин на малиот Пруст ќе сака ли нивната мајка родина да ги бакне пред спиење, или не. Бидејќи, ако ги бакне, тоа ќе биде некаков знак за нејзината грижа и љубов спрема својот пород, а тоа никако не стои. Ова им го велам јас, кого што сопствената мајка земја го напуштила како што нивната нив ќе ги напушти, порано или подоцна. Единствениот метод синовски, доколку веќе не е пресметан кон родоскверно заакување во постелата мајчина, е од оваа, мајката, на која не ѝ е до сопствениот пород, да се замине незнајно каде."

Печалбарите се исто така "изместени" луѓе, фатени во процепот меѓу е/мигрантството и и/мигранството. Да потсетиме, и/мигрантот е личност која влегува во некоја земја со намера таму да остане, додека е/мигрантот ја напушта својата земја на потекло со намера да замине на некое друго место. Колку длабоки и психолошки лавирински светови стојат меѓу само два чекори, два трепети, да-се-замине-одовде, и да-се-стигне-некаде! Во расчекорот меѓу тие две "одлуки" всушност минува целиот живот на "изместениот" којшто никогаш всушност не решил дали е е/ или и/мигрант, но во секој случај проѕирајќи се себеси како номад, како мигрант, едноставно.

Така што, да резимираме, чувството на "внатрешен егзил" некого го тера стварно да ја премине замислената граница што прави проблеми (задушување, на пример); тоа е загуба за општеството, но можеби уште поголема загуба е кога внатре во земјата имате илјадници "внатрешни егзиланти", резигнирани и апатични, без можност дури и да избегаат.

("Не сакаме да се видиме себеси како доаѓаме; наместо тоа, како што картографот ѝ ги наметнува своите исчекувања на географијата што наводно ја пренесува врз мапата, ние имигрантите му ја наметнуваме својата визија, својот сон, на местото до кое стигаме однатре. Сè сами странци но странци кои станале ние во поголема мера отколку ние самите. Некој рекол дека Канаѓаните се преправаат дека немаат вистински идентитет за да се прикажат позанимливи, потаинствени. Би сакале да бидеме темната, неидентификувана госпоѓа од сите трилери, сонети, тајни политички завери. Но ние сме протејски суштества, наследството на нашето доаѓање, нашето трајно патување ја оддржа миграцијата, движењето помеѓу местата, времињата, световите. Донкихотски, променливи, вешти во маскирањето и дезертирањето, го продолжуваме патувањето во рамките на целокупното заминување и доаѓање, миграцијата во рамките на севкупното движење. Тоа нè дефинира нас, постојаните и/мигранти.")


Изгнанството и јазикот

Од некаков психоаналитички (јазичен!) агол, проблемот околу припаѓањето и идентитетот дополнително се компликува:

"Едно прашање е како да се одредат учиноците предизвикани од појавата на туѓа трага во некој систем, да се мисли нешто што е сосема друго со помош на неговите траги. Но, и обратно: што се случува кога системот ќе се најде во туѓото, што станува кога субјектот е вон родениот крај, во изгнанство? Со така поставеното прашање всушност веќе ни е наметнато изгнанството во своето одредување како соочување со другиот, или уште подалекусежно, на Истото со Другиот. Ако нашето Јас се формирало во Истото, во идентитет со себе, пред Другиот тоа станува разнишано, почнува да напукнува. Како апсолутизацијата на неговите поими да служела само затоа за да се случи руинирање на потпорките врз кои се темелела нивната апсолутизација. Веќе не постојано, Јас пред Другиот е присилено од тој Друг да го побара својот загубен идентитет. Конечно и за душата е пронајдена содржина."

Постои еден германски збор кому Фројд му посветил обемна расправа, тргнувајќи од расказ на Хофман: "unheimlich": несродно, далечно, туѓо што вознемирува... Но, како што коментира Аќин, зборот е од оние парадоксалните. "Како да е само молневита сенка на неговиот антоним, зборот со спротивно значење: heimlich. Меѓу многуте нијанси на значења, heimlich ја содржи и онаа што се поклопува со спротивниот, Unheimlich. Она што ни било блиско, кон што сме трчале со симпатии, се преобразува во обеспокојувачко, потресно - пишува Фројд во својата расправа." Тоа е феноменот на огништето. Според Фројд, помеѓу heimlich и unheimlich нема голема разлика; un- е симптомски знак од несвесното кој битно учествува во создавањето на она што сме. Unheimlich, накусо, е несвесното и потиснатото.

Одејќи, како што вели, во Finnegans Wake, најпознатиот книжевен изгнаник на овој век, Џемс Џојс , from landuage to landuage, од земја до земја, од јазик до јазик, добиваме шанса да согледаме дека јазикот е територија, нешто како "звучната татковина" на Конески. Територија што има свои закони, слепи места, забранети простори. Територија што секогаш е поврзана со силата, власта, моќта. Оној што го пропишува јазикот, всушност владее со територијата. Воспоставувањето на таа симболичка доминација не секогаш се одвива на силеџиски и груби начини, толку добро познати на Македонците научени, особено во Бугарија и Грција, и до денот денешен, и дома да шепотат. Воспоставувањето на симболичката и јазична превласт се случува во секое општество, дури во секоја заедница, и се одвива на мошне скриен и на прв поглед недискриминаторски начин, пред сè низ темите што циркулираат во јавноста и начинот на којшто тие се водат. Законите, темите во образованието, темите на историчарите, во медиумите, во религиозните организации, во семејството, сето тоа отцртува една јазична и симболичка територија многу посилно од неколку гранични чети.

Писателот, како и секој уметник впрочем (бидејќи уметноста токму би требало да стои наспроти смраморените јазички фрази и предрасуди, иако во практиката таа, со нејзините институции, често е некрофилскиот чувар на еднаш засекогаш дадените вредности и културни обрасци), треба да биде брана против укрутувањето на тој јазик на моќта, против петрифицирањето, во крајна линија, на некои општествени односи што продуцираат нееднаквост и неправди, а чија база се токму симболичките, јазични канони и ориентири во едно општество.

"Идеолошкиот апарат на државата не сака неговите поданици да користат одредени зборови. Оттаму затворањата во јазикот, бришењата, скриените барања да се молчи во јазикот токму на местата на коишто тој пружа најразлични можности за отворања. Изгнаникот во јазикот, пак, трага токму по тие отворања. Тие најнапред му откриваат до која мера е жртва на јазикот со којшто стварно зборува, и во која мера, што го удвојува неговото изгнанство, е жртва на ускратеноста на јазикот со којшто наводно зборува. Неговите лутања, така, неминовно се продолжуваат во јазикот."

Писателот, значи, речиси по вокација е изгнаник, дури и од сопствениот јазик, како што покажуваат големите примери на Џојс, Набоков, Бекет, Кафка... Оној што во јазикот ги пречекорува границите на јазикот, ги руши предрасудите, општите места, фразите, го отвора јазикот кон нови хоризонти, нови предели, создава нов јазик, најпосле...

Значи, да резимираме, пишувањето, како и уметноста воопшто, како и другите форми на социјалната "изместеност", дури изопштеност, се своевидни авантури на изгнанството, при што отклонот од "овој" овозможува исчекор и нов ракурс во еден сосема поинаков свет, кој на некој начин само ги збогатува множествата перспективи. Така што, повторно, пишувањето е и снажно симболичко укотвување, "пристигнување на адресата", како што вели Дерида, ситуирање во рамки и територии искреирани по сопствена мерка и желба. И затоа, можеби на трагата на Борхес, уште еднаш ќе повториме: нема друга територија освен онаа која штотуку ја пишувам, ја создавам, ја омеѓувам. Или, како што вели Витгенштајн: границите на мојот свет се границите на мојот јазик.

*цитатите во заградите: Aritha Van Herk, A Frozen Tongue, 1992.
другите цитати што не се наведени во самиот текст: Jovica Aćin, Gatanje po pepelu, 1993.

Слики: Christer Karlstad
Извор: Културен живот, 3/1998