Урсула К. Ле Гвин (1929 – 2018)

24.01.2018 13:34
Урсула К. Ле Гвин (1929 – 2018)

Светски познатата писателка Урсула К. Ле Гвин, која внесе книжевна длабочина и феминистички сензибилитет во научната фантастика со нејзините книги како „Левата рака на темнината" (Left Hand of Darkness), серијата книги „Earthsea“ и други, почина на 23 јануари 2018 година, во нејзиниот дом во Портланд. Имаше 88 години.

Ле Гвин ги прифати стандардните теми на жанрот: магии и змејови, вселенски бродови и планетарни конфликти. Но, дури и кога нејзините протагонисти се мажи, тие не се мачо како што се голем број научно - фантастичн херои. Конфликтите со кои се соочуваат ликовите обично се вкоренети во судирот на култури и се решаваат повеќе со помирување и самопожртвуваност отколку со мечеви или вселенски битки.

Нејзините книги се преведени на повеќе од 40 јазици и продадени се милиони примероци ширум светот. Неколку, вклучувајќи ја и „Левата рака на темнината" – се случуваат на планета каде што не важат вообичаените родови разлики - се излезени од печат речиси пред 50 години. Критичарот Харолд Блум за Ле Гвин вели дека е „извонредно имагинативна авторка со голем стил" која ја „внесе фантастиката во високата литература на нашето време".

Покрај повеќе од 20 романи, таа напишала и десетина книги поезија, повеќе од 100 раскази (собрани во повеќе тома), седум збирки есеи, 13 книги за деца и пет тома на преводи, вклучувајќи го и Тао Те Чинг на Лао Це и избрани песни на чилеанската добитничка на Нобеловата награда, Габриела Мистрал. Исто така напишала и прирачник за писатели.

Фантастиката на Ле Гвин е опишана како авантура и филозофска бајка. Таа комбинира привлечни приказни, ригорозна наративна логика и едноставен, но лирски стил за да ги вовлече читателите во она што таа го нарекува „внатрешен простор" на имагинацијата. Таа веруваше дека таквиот начин на пишување може да биде морална сила.

Таа е родена во Беркли, Калифорнија 1929 година како Урсула Кроебер, како најмлада од четирите деца на родителите кои биле антрополози. Во 1951 година дипломира на Ретклиф колеџ, а во 1952 година магистрирала на Универзитетот Колумбија, ја добива стипендијата Фулбрајт, заминува во Париз каде го среќава нејзиниот сопруг Чарлс Ле Гвин. Има три деца и целиот живот го поминала во Портланд, Орегон каде нејзиниот сопруг предавал историја на државниот универзитет.

Нејзините први пет романи се необјавени и се случуваат во измислена централоноевропска држава Орсинија.
Првиот научно фантанстичен роман „Светот на Роканон“ (Rocannon’s World),го објавува во 1966 година, две години подоцна „A Wizard of Earthsea“, првиот од серијата романи за имагинарниот свет во кој магијата се практикува како наука.

Нејзиниот најпознат роман „Левата рака на темнината", објавен во 1969 година, се одвива на планета наречена Гетен, каде што луѓето не се ниту машки, ниту женски род, туку ги преземаат атрибутите на двата пола за време на кратките периоди на репродуктивна нетрпеливост. Говорејќи со антрополошка непристрасност, Ле Гвин подоцна го посочила својот роман како „мисловен експеримент" дизајниран да ја истражува природата на човечките општества.

„Го отстранив полот за да дознаам што останало", изјави таа во интервју за „Гардијан" во 2005 година.

Книгата ги освои двете главни награди во научната фантастика, наградите „Хуго" и „Небула" и се изучува во средните училишта и колеџите.

Ле Гвин секогаш се сметаше себеси за феминистка, дури и кога жанрските конвенции наложуваа машки херои. Нејзините подоцнежни дела, од серијата Earthsea како „Четири начини за простување" (1995) и „Раскажувањето" (2000), се раскажани од женска гледна точка. Во своите подоцнежни книги таа ја губи тенденцијата да биде дидактичка, веќе нема трпение за луѓето кои не ги научиле тешките лекции – за потребата од баланс и сочувство.

Кога во 2014 година ѝ беше доделена Националната книжевна награда, таа ја прифати во име на сите американски писатели на научна фантастика за кои рече дека долго време биле „исклучени од литературата, додека книжевните почести оделе кај т.н. реалисти". Исто така, таа ги повика американските издавачи да обрнуваат помалку внимание на профитот на книжевните дела.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото