Уметноста, медиумите, јавното мислење и ајкулите во Вардар

25.01.2018 01:32
Уметноста, медиумите, јавното мислење и ајкулите во Вардар

За улогата на уметноста во креирањето на јавното мислење и за меѓусебното влијание на медиумите и уметноста како фактори во формирањето на јавното мислење во Македонија сè уште немаме пообемни теориски текстови или пак истражувања, но секако ќе бидат потребни за да може во светло на поновите историски случувања во нашата држава, да ги разјаснат сите аспекти на нивната меѓусебна спрега, особено кога станува збор за општествените случувања во текот на 2015 и 2016 година.

Општо е познато дека мас медиумите, весниците, телевизијата, радиото и интернетот се клучен фактор за формирањето на јавното мислење во општството. Сепак, последните неколку децении теоријата оди во насока на истакнување на клучната улога на медиумите во креирањето и поддржувањето на јавна сфера што овозможува активно учество на граѓаните, значи партиципативност.

Но, каква беше ситуацијата со медиумите во последните десетина години во Македонија, дали тие реално ги одразуваа различните интереси и потреби на граѓаните, односно дали работеа во функција на јавниот интерес? Оценките на домашните и странските експерти се совпаднаа во последните неколку извештаи на Европската комисија за Македонија и најмногу во извештајот на Прибе. Без да се влегува во пошироко објаснување, бидејќи е познато што се случуваше со медиумите во Македонија, може само да се заклучи дека постепено, во периодот од 2006 до некаде 2011 година со насилното затворање на А1 телевизијата, весниците Шпиц, Време и Коха и со промената на сопствениците во телевизијата Алфа во 2012 година, беше заокружено претворањето на сите медиуми во пропагандна машина на тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Најгледаните телевизии и весниците во државата повеќе не работеа за јавниот интерес, односно во интерес на граѓаните, туку се претворија во тотална спротивност на она што се нарекува професионално новинарство, ширејќи во јавната сфера лажни информации и податоци и повици за насилство, јавен линч и сл. Карактеристики на нивното работење беа: спинување, заокружување, извртување на факти, повторување тенденциозни вести, генерирање омраза, наводни заговори, дефокусирање на јавноста… Списокот е долг. Паралелно со уништувањето на критичките медиуми и замолчувањето на вистинските новинари, режимот на владејачките партии создаваше веб-портали кои беа финансирани со пари од оф-шор дестинации како Белизе и слични, а истовремено ги финасираше медиумите преку нереално високо платените владини реклами со тоа заробувајќи ги до таа мера што тие сосема ги напуштаат етичките и професионалните стандарди на новинарството.

Се разбира, во периодот 2011-2016 година постепено се појавија неколку информативни портали (Плусинфо, а1он, Либертас, Нова ТВ) кои и покрај сите препреки и во субстандардни услови информираат за работите што навистина се случуваа во интерес на граѓаните. Само на телевизиите Телма и 24 ТВ можеше да се слушнат критички прилози и дебати. Посебна улога имаше и порталот Окно со својот силен визуелен израз и конзистентноста во објавувањето на критички текстови, како домашни, така и странски.

Паралелно со оваа ситуација во медиумската сфера, слично се случуваше и во институциите од културата, кои како и другите институции во државата стануваат длабоко партизирани најчесто со нестручни, туку исклучиво партиски поставени директори кои ја имаа улогата на цензори и чувари на директивите на партискиот водач. Дел од уметниците, особено оние кои создаваат критична уметност, во Македонија, во периодот од 2009 година почнуваат да се соочуваат со отворена цензура и ускратување на слободата на изразување, а особено кога се работеше за дела изложени во јавен простор. Во 2009 година, Град Скопје го избриша делото на Игор Тошевски „Територии“ од Плоштадот Македонија. Во 2012 година бeше отстранет билбордот на групата ОПА насловен „Ги чисти недостапните места“ поставен во близина на Универзална сала. Во 2013 година, инсталацијата на Велимир Жерновски „Сета убавина мора да умре“ беше прво жестоко нападната од медиумите блиски до власта, а потоа и отстранета. Во 2014 година делото на Ирена Паскали „Дупло за секое семејство, за Македонија“ беше отстрането од изложбата откако печатницата одби да го печати билбордот. Има уште примери каде критичката или ангажираната уметност наоѓаше на цврсто затворени врати или некои други помалку или повеќе суптилни видови цензура и игнорирање од страна на културните институции и центрите за одлучување.

Во такви услови, дел од уметниците побараа излез во неинстиуционални форми на изложување, особено на јавен простор, бидејќи, во контекст на она што го говори Шантал Муф за уметничките практики во јавниот простор, тие се залагаат за откривање на она што е потиснато од доминантниот консензус и го прават видливо она што е заташкано, затскриено со „цел да им дадат глас на сите оние кои се замолчени во рамките на постојната хегемонија“, излегувајќи од границите на репрезентативното, формалното, ликовното и влегувајќи во сферите на општественото живеење, но не симболично како во модерната, туку реално втурнувајќи се во негово обликување и менување.

Или како што пишува професорката Сузана Милевска: „со уметничките проекти наместо да ја критикуваат или имитираат реалноста, уметниците навлегуваат во нејзиниот поредок, а нивната уметност неизбежно станува дел од секојдневниот живот, истовремено менувајќи ја таа реалност одвнатре. На тој начин уметниците стануваат агенти на општествените и политичките трансформации“ („Кураторството како двигател на културната и геополитичка промена“; Press to exit space, Скопје, 2009)

Во тие и такви услови на македонскиот контекст се појавуваат урбаните уметнички герила акции, односно некаде пролетта 2015 година до порталите стигнуваат фотографии од дрвја на неколку градски локации кои имаат исплашени тажни очи. Од што се плашат дрвјата во Скопје? По монструозните, најчесто полноќни сечи на дрвјата што повеќе пати ги спроведуваше градската власт на Скопје – не беше тешко да се заклучи дека дрвјата со очи се плашат за својот живот. И тоа на сите им беше јасно. Како допре оваа порака до огромен број читатели и граѓани? Со едноставната, болно актуелна и недвосмислена порака што ја испраќаше преку порталите и социјалните мрежи. Дури и најголемите скептици кои тврдеа дека се работи за герила маркетинг кампања за некој производ попуштија пред реалноста на стравот во очите на тие дрвја, бидејќи ниту една пи-ар стратегија не може да го продуцира или репродуцира тој страв. Затоа што уметноста го презеде стравот како преовладувачко чувство кај многу македонски граѓани во тој момент и на смешен и истовремено тажен начин ги соочи со него.

Неколку денови подоцна на палмите, што беа една од поголемите бизарности и криминали на градската власт во Скопје, имаше мајмуни и овојпат пораката беше повеќе од јасна.

Утрото на 16 јули 2015 година се појавија ајкули што пливаат во Вардар. Доживеаја уште поголем успех и ги надминаа националните граници. И многу поважно од тоа дека видеото имаше стотици илјади прегледи на јутјуб каналот, повторно, беше разбивањето на стравот од режимот кај македонскиот граѓанин. Тоа го насетија пропагандистичките и провладини медиуми и веднаш удрија во спротивна насока, односно во сеење страв и паника. Па така весникот Вечер под наслов „На некого му е до мајтап: Ајкули во Вардар“! (интернет издание на „Вечер“, 16 јули) пишува: Утринава во Скопје беше забележана несекојдневна глетка, ајкули пливаа во Вардар. Нивните црни перки кружеа околу барокните галии, жалните врби и другите атракции во реката Вардар. Неколку случајни минувачи ја документирале бизарната и неввобичаена глетка со видео и фотографии кои подоцна ги споделиле на социјалните мрежи.“

Урбаните уметнички акции што најпрво беа изведени во Скопје, а потоа и во други средини низ земјата, беа и сѐ уште се пиониерски израз во Македонија и низ контиунираното презентирање најмногу на социјалните мрежи и на веб порталите станаа фактор на ослободување од стегите на стравот од режимот и се претворија во еден вид нормална комуникација, речиси секојдневна. И токму тој фактор на ослободување од стравот е најважната придобивка на овие акции и во контекст на креирањето на јавното мислење.

Втор значаен елемент беше анонимноста на акциите, значи зад нив не стоеше некое име, туку тие беа адресирани како дело на група граѓански активисти што исто така придонесе за зголемувањето на опсегот на влијание и полесна идентификација на граѓаните со нив.

Потоа се случи Шарената револуција.

Историчарот на уметност и колумнист Златко Теодосиевски пишува: „Покрај перформансите, (мисли на Шарената револуција, н.з.) акциите се вториот битен сегмент во овој колективен културен хепенинг. Меѓу нив секако т.н. герила акции „Ајкули во Вардар“, „Дрвја со очи“, „Споменик на дијазепамот“ и други, кои ги интригираа, воодушевуваа, но често и збунуваа скопјани. Велам збунуваа бидејќи во почетокот сите овие акции беа прекриени со некаква таинственост, осамнуваа тукуречи преку ноќ како своевиден „коментар“ за одделни настани, а непознати беа и лицата кои ги изведуваат, иако тоа никако не ја намалуваше нивната впечатливост и секако нивната проникливост, ироничност/духовитост. Притоа, нивната актуелност и „убоитост“ се мереше и со фактот дека речиси воопшто не беа спомнувани во прорежимските медиуми! Овие акции, или т.н герила акции, внесуваа(т) кај нас некаков нов пристап во јавната комуникација, во дијалогот уметник-јавност/јавен простор, целат кон популаризација на креативниот пристап во комуникацијата со граѓаните, барајќи притоа од јавноста да се охрабри да учествува во решавањето на сопствените проблеми (од која и да е природа!). Традиционалните уметнички форми, во најголема мерка, не можат да остварат таков директен контакт со публиката која што едновремено може да биде и учесник во чинот (teodosievskiumetnost.wordpress.com, Партиципативност, 4 јули, 2016)

Според Никола Писарев, иницијатор и еден од авторите на Урбаните уметнички акции, нивната идеја е да ги открива, реагира, комуницира па и во некои случаи делумно да ги решава локалните проблеми со кои граѓаните се соочуваат преку заеднички организирани акции на уметниците, архитектите (особено проблемите од сферата на урбанизмот и инфраструктурата) активистите и граѓаните кои се соочени со проблемот.

„Тие се базираат на партиципативните модели на решавање на урбаните, најчесто локални комунални проблеми преку спроведување најразлични креативни акции, кои покрај директните пораки за решавање на детектираните проблеми ќе овозможат и едукација и поврзување на граѓаните со уметниците/архитектите и граѓанските активисти и нивен заеднички настап за решавање на други нови проблеми“, вели Писарев.

Уметничките акции многу бргу потоа станаа очекувано, па дури и посакувано секојдневие за граѓаните, поттикнувајќи ги на тој начин моделите за соочување и решавање на проблемите во заедницата.

Во изминатиот период, од половината на 2015 година се направени повеќе 30 акции од различен тип од кои некои, како ајкулите во Вардар, очите на дрвјата, споменикот на дијазепамот, флуоресцентните велосипеди со пораки... ги надминаа границите на Македонија и станаа добро познати и во другите балкански и европски држави и ги соочија луѓето со некои пошироки проблеми како што беше, на пример, споменикот на лекот дијазепам (оваа акција се спроведе откако беа објавени податоци дека македонските граѓани најмногу од сите лекови го употребуваат овој лек за смирување), исто беше и со патоказот кој покажуваше колку луѓе се отселиле од само неколку рурални региони во земјата.

Од друга страна, некои локални акции како што беше риболовот во дупка на улица во Велес, или гинисовиот рекорд за одолговлекувањето на реконструкција на улица, беа препознаени на локално ниво во заедниците на кои беа наменети и во неколку случаи, допринесоа надлежните да реагираат и трајно да ги решат посочените комунални проблеми.

Што говори не само за влијанието на овие акции врз промената на јавното мислење што неколку години преовладуваше во јавната сфера, а тоа е дека со молк ќе се спасите од долгата рака на режимот, туку за реалното влијание на овие акции, за кои да се надеваме дека ќе продолжат и во иднина за да откриваат и реагираат.

ОкоБоли главаВицФото