Сатиричен филм за смртта на Сталин забранет во Русија

25.01.2018 03:12
Сатиричен филм за смртта на Сталин забранет во Русија

Руското Министерство за култура го забрани прикажувањето на сатиричниот филм за некогашниот советски лидер Јосиф Висарионович Сталин и настаните кои уследиле потоа, и тоа само два дена пред планираната премиера на остварувањето на британскиот режисер Армандo Јанучи во кината ширум Русија.

Министерството во вторник соопшти дека ја повлекува дозволата која претходно ја издала за прикажување на филмот „Смртта на Сталин“ во руските кина, а одлуката е донесена откако приватната предпремиера на филмот ги разгневила владините функционери.

AP наведува дека руското Министерство за култура било под притисок на комунистичките пратеници и конзервативните јавни личности кои го осудиле филмот како „исмевање на руската историја“.

За сега, сѐ уште не се знае дали филмот сепак подоцна ќе може да биде прикажан во Русија.

Филмот, кој се фокусира на внатрешните конфликти меѓу најблиските соработници на Сталин кои се бореле за власт по неговата смрт, претставниците на Министерството за култура го гледале минатиот викенд.

„Овој филм е за презир. Лош е, досаден, одвратен и навредлив“, изјави за Ројтерс Надежда Усманова, директорка на службата за информирање на Историското друштво на руската војска, која ја организираше предпремиерата.

Елена Драпеко, потпретседателка на Комитетот за култура при руската Државна дума, вели дека во филмот видела и елементи на екстремизам.

„Ова е обид за внесување зла крв во социјалната хармонија која е постигната во руското општество“, заклучува Елена Драпеко, која на почетокот на кариерата беше популарна советска и руска глумица.

Анкетите покажуваат дека Сталин, кој го водел Советскиот сојуз од 1924 до својата смрт во 1953 година, и денес е ценет во широките кругови во Русија.

И покрај бруталните чистки кои ги правел, голем број Руси му припишуваат заслуги дека ја довел земјата до победа во Втората светска војна и ја направил нуклеарна суперсила.

Извор: B92

ОкоБоли главаВицФото