Господинот Когито - Враќање

25.01.2018 09:54

1.
Господинот Когито
решил да се врати
во камената утроба
на татковината

одлуката е драматична
горко поради неа ќе зажали

па сепак веќе не може
да ги поднесува колоквијалните пресврти
- comment allez-vous
- wie geht's
- how are you

наизглед едноставните прашања
изискуваат сложени одговори

Господинот Когито ги кине
завоите на благонаклоната рамнодушност
престанал да верува во напредокот
го тангира сопствената рана

излозите на изобилието
го исполнуваат со досада

се врзал само
за дорскиот столб
на црквата Сан Клементе
портретот на извесна дама
книгата што не стигна да ја прочита
и неколку други дребулии

значи се враќа

веќе ги гледа
границата
изораното поле
застрашувачките стражарски кули
густите честаци со бодликава жица

бесшумната
оклопна кола
лесно се затвора зад него

и веќе
е
сам
во ризницата
на сите несреќи

2.
поради што се враќа
од подобриот свет
прашуваат пријателите

можел таму да остане
некако да се среди

раната да им ја довери
на хемиските чистилници

да ја остави во чекалните
на големите аеродроми

поради што се враќа

- во водата на детството
- во испреплетеното корење
- во прегратката на сеќавањата
- во рацете на лицата
испечени на скарите на времето

наизглед едноставните прашања
изискуваат сложени одговори

можеби Господинот Когито се враќа
за да даде одговор

на шепотите на стравот
на невозможната среќа
на ненадејниот удар
на лукавото прашање

Превод: П. В.

 

ОкоБоли главаВицФото