Стафаж – најнов предлог

25.01.2018 12:28
Стафаж – најнов предлог

Стафаж е изразот што можеби најдобро ја отсликува ситуацијата во која се наоѓаме. Во очекување на необичното име, ние, обичните луѓе, немаме многу шанси да ја видиме големата слика. Но, со голема доза на сигурност претпоставуваме дека станува збор за масло на некој што важи за голем, поточно за моќен, мајстор на најстариот занает. Композицијата е поставена, основните (црвени) линии повлечени, четките удрени, а ние сме некаде кај долниот дел од рамката. (П)оставени во жабја перспектива, и да сакаме (а сакаме) не можеме да имаме точен увид ни кои старо-нови решенија ни висат над глава, ни кои ново-стари предлози се ставени на преговарачка маса, ни кои од можните теоретски варијанти се во игра. Сето тоа, се разбира, не нè спречува во процесот за кој постојано нè убедуваат дека е, и дека ќе биде, транспарентен да правиме што сакаме. Можеме слободно да се закануваме, да објаснуваме, да пишуваме, да се нервираме, да нагаѓаме, да докажуваме, да се караме, да протестираме, да предлагаме… И така ништо од тоа нема да ја смени – барем не суштински – големата слика.

Во делата од западноевропското пејзажно сликарство од пред триста-четиристотини години може да се видат мали фигури на луѓе кои големите мајстори ги сликале колку за забава. Со цел да ја „разиграат“ атмосферата, да внесат малку живост во здодевниот предел што доминирал на платното. Тие групи со мали луѓе се викале стафаж. Како неважна, се случувало оваа работа да им ја препуштат на нивните чираци, односно на учениците што го совладувале занаетот во нивното ателје.

Изгледа дека сега ништо не е препуштено на почетници и аматери. Дека правењето грешки е сведено на минимум, што значи дека големите мајстори на политичкиот пејзаж решиле сè да држат во свои раце. И дека не случајно сме поставени таму од каде што не ќе можеме да ја нарушиме композицијата на големата слика.

Извор: Слободен печат
Слика: Pieter Brueghel II

ОкоБоли главаВицФото