Сега кажувам #8

25.01.2018 12:30
Сега кажувам #8

Искра Јанковска Михајловска

#СегаКажувам, кажував и тогаш, кажуваше и таа, пред 15 години, пред 14 години, пред 13 години и секогаш ја враќаа дома и добиваше повеќе ќотек и што сè не. Ја наоѓавме околу зградата онесвестена пробувајќи да се убие, скриена да не ја види детето. Рипна од трети кат, ама среќа имаше четириесетина кила и падна во грмушка и остана жива.
Се опорави сосема, без физички последици. Бидејќи опоравувањети беше долго и тешко, тој ја остави.
Од тогаш таа не кажува, веќе 10 години бара работа, ја наоѓа едвај и со прекини. Секогаш се наоѓа некоја ДУШЕБРИЖНИЧКА која ќе ја дознае нејзината прикаска и она станува НЕНОРМАЛНАТА ЖЕНА КОЈА СЕ ФРЛИЛА ОД ТРЕТИ. Никој никогаш не ја кажува прикаската која ја довела до таа агонија.

Таа јуначки се бори и многу е добра во тоа да одгледа една умна и паметна девојка.

Знаеше полицијата, знаеше Судот, знаеше социјалната работничка... Сите знаеја, ама дигаа раменици и велеа: е па толку можеме.

 

Билјана Котевска

Ја викна во канцеларија. Таа мислеше дека ќе разговараат за резултатите од минатиот месец, откако е вратена на работа. Тој мислеше дека ќе го искористи тоа што таа задоцнила на работа пар пати. Ја заклучи вратата и, доаѓајќи накај бирото, ја погали по косата и почна да ја масира за рамената. Ѝ кажа дека задоцнила неколку пати. Дека се гледа дека е напната. Да не се секира, нема да ѝ ја намали платата. Ама се нуди да ја опушти. Почна да ги спушта рацете надолу кон градите. Таа му кажа да се тргне. Тој дека одлуката за платата не е донесена. Таа стана, ја отклучи вратата, си ја зема ташната од бирото во својата канцеларија и си замина. Бараше работа со месеци.

Цветанка Оклеска Кимоска

Професорот по Ликовна уметност во втора средно медицинско ни рече, затоа што сме сите девојчиња во клас ќе нè остави да му се качиме на глава - ама на која глава, ќе размислел. Ама тогаш никој не зборуваше гласно за злоставувачи - авторитети.

 

Јана Куновска

Полагам устен испит лексикологија во кабинетот на професорот. Го знам материјалот речиси напамет, и не дека беше многу тежок. Прашања фрчат, ги одговарам као од ракав, ме гледа Љупчо Стефановски и ми вика: Колешке, фино убаво сте научиле, ама знаете што? Вие сте ми многу убава, а да ви пишам ја една петка па да ве гледам и следната година на предавања?!
***
Часовите по лингвистика ни беа доцна навечер. После предавањато Димитар Пандев нè прашуваше нас неколкумина што останувавме да испушиме цигара пред заминување дали може некој да го префрли со кола до центар. Јас секогаш одбивав, и така пројдоа месеци. Тој не се откажа па еднаш после предавања почна да ме убедува дека би било “добро и корисно за мене” ако ете му учинам со еден превоз, сепак ладно било надвор за пешки, и “не болело”. Собрав уште една колешка со мене да не бидам сама, и се договоривме да ги симнам кај Влада. Застанувам, колешкава излегува, тој, се врти накај мене, смрди на алкохол и ми вика “мене ако сакаш подоле само, не е далеку, ене, едно 200 метра”. По пат ме кани на кафе и на пица, а на крај и на пијачка. Брзо ќе било. Кога културно ама категорично одбив, благо се поднаведна да ме баци. Се тргнав, ладно закочив и реков “Професоре, излезете”.
И тогаш кажав, и #СегаКажувам.

Николина Кениг

Една моја пријателка со години стрепеше пред секој нов работен ден. Пред околу петнаесетина години, штотуку вработена, нејзиниот претпоставен ја повикуваше во канцеларија за да ја потсети дека „му должи бакнеж“, галејќи ја по косата и дишејќи ѝ во врат. Па грабање за рамена и струк од „неиздрж“, па ред „комплименти“, ред „разочараност за нејзината воздржаност“, серии „љубовни“ смс-ови, „неразбирање зошто го одбива“, па експлицитни потсетувања за „неизвесноста околу нејзината позиција и работно место“... Ми раскажуваше жената со гадење и ужас со саати за тоа. И денес на тие случувања се сеќава како на најпонижувачко искуство.

 

Биљана Настовска

Тврдам дека #СегаКажувам е нешто најдобро што и се има случено на жените и девојките во Македонија. За ефектите и социјалните реакции кои ги предизвика и ќе ги предизвикува оваа кампања ќе предаваат професорите и професорките на катедрите во иднина. #СегаКажувам ја разоткри вистината и постулатите на мизогенија на кое ова оштество се темели. Ќе ги анализираме и "неписмените новинари" на кои уште во старт им беше кажано дека кампањата има за цел да даде поддршка на жртвите и дека фокусот е на нив, а не да се отвораат имиња и презимиња... Никако не смееа да дозволат сензционализам и злоупотреба на личните приказни на оние кои и онака до сега живееле во срам! Еве, на пример, јас точно знаев дека сите кои ме познаваат и кои работеа со мене во 2009 ќе го препознаат ДИРЕКТОРОТ за кого пишувам во текстот... а и воопшто не ми беше гајле... битно ми беше да не се повтори... За идните девојчиња едноставно да живеат во општество каде што дебелите/искомплексираните/недое... мажи и да сакаат да посегнат ќе знаат дека ќе бидат казнети!

 

Биљана Петрова

Имам кажано и друг пат, ама немам пријавено.

Бев силувана. Знам и туѓи приказни, слични на мојата.
У пичку матер, се тресам дури го пишам ова. Не знам дали е паметно да стои јавно? Дали е паметно воопшто да кажам?!

Прочитајте ги и другите приказни со хаштаговите... ги има многу.

Дејан Илиќ
Фраеришта, кликнете на тагот и читајте...пичка ви матер! #сегакажувам #tanitregoj

Слики: Xue Wang

Слични содржини

Општество / Активизам / Живот
Општество / Активизам
Општество / Активизам
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото