Исповедите на стомакозборецот / Разгледници од Нигдирдом

25.01.2018 21:32
Исповедите на стомакозборецот / Разгледници од Нигдирдом

 

Твојот глас е мој.

I

Пенис или свастика
пари или живот
поставени сме
пред невозможни
избори
да ги искорнеш од наредените низи
и повторно да ги растуриш
сите фигури
на своето тело
но не
со кореографијата на кадрилот
која станала пропишана пракса
за славење на слободата
туку со епилептички гест
кој секогаш одново ја воспоставува
автономијата на анатомијата
наспроти секој ритуал
оти нема говор
кој не е телесен
и нема збор
кој веќе не е месо(1)
крваво и анемично
пред погледот
и фотографското помнење на личната карта
казнето
со име или со негово одземање
во еден единствен клик
на подмачканиот механизам
менувајќи го гласот во звук
или обратно
во како организам жив говор
немилосрдно врзан внатре во неговата научена
гимнастика од гримаси
станувам сè повеќе врзан за говорот на писмото
кој со бавно кршкање
нека го пробие плафонот
на испишаната хартија
во своето вечно враќање
на некое друго место

II

Хистеризиран хистеризирам
стасан за психијатар
уште од раѓање
слушам во својата глава глас
на името што ги потпишува редовиве
се одзива
ме прогонува
со барање црно на бело
да го потврдам своето татковство
неговиот јазик е цензура
и иако се огласува како да
зборува во мое име
во мојот речник
тоа сеуште не значи дека го совладувам
ниту дека тебе или мене
се обидува што било да ни премолчи
она што премолчува ни бега и мене и нему

Хистеризиран хистеризирам
мојот живот
е само реакција на тоа
што ме затекнаа во ова
тело каде што
не можам да се преправам
дека не сум дома
мојата биографија е бележење
на сите тие верижни реакции

и мојот пол
како и сè друго
само е симптом на заморчиња
кои ме одгледале како заморче
за со посматрање од сигурна дистанца
да добијат одговори на прашања
во нивно име поставени од кој знае кој

Хистеризиран хистеризирам
моето време
е ѓубриште на историјата
мојата глава
тегла за зимница
и мене веќе баеги ми се мати
од сите можности
за зауздување на хоризонтот

само коментар сум избркан
на рабовите на контекстот
шверцувам значења со тоа
што ја претпоставувам твојата вера
и пред твоето знаење
дволично калкулирајќи
тоа да ти изгледа сосем
здраворазумски
без оглед на информираноста
за моите намери

и иако сега сè заедно
уште не ти изгледа така
не се грижи
после фуснотите и ретроспективата
и ти ќе бидеш заведена.

III

наводно се случило сосем близу мене
живот или нешто слично
самата наметливост на неговиот факт
беше некаков вид просветление
но
ако доаѓаш од некоја дупка
од пичке си материне
светлината на светот знае само да те ослепи
тогаш плачеш и викаш и мавташ
со сите четири од себе
за со стварно име
да го опфатиш она
непоимливото кое штотуку те стрефило
но говорот на земјата
од која те избркале и во која
си заедно со нив и самиот избркан
непознат им е

и светот што тогаш прави светот
светот во муцка прво ти набутува цуцла
и оти тоа навистина никогаш не пали
во уста ти ставаат и зборови
зборови кои само го потврдуваат
неговиот начин на присутност
ах сите пресврти и преврати кои биле или
можеби допрва ќе бидат
би ги дал за еден единствен речник
кој го исклучува целиот наш речник и
целата наша граматика
но таквиот речник веројатно би бил совршен
и јас
кој можам да постојам само како шум
во постојниот речник на светот
не би можел никогаш
за тоа ни да пишувам

IV

во мене
живее еден таков педофил
секојпат
кога спрема деца се однесувам
како спрема нежни и љупки
и за целата љубов вредни
во мене
живее еден таков буржуј
секојпат
кога од висина гледам на
врзаноста за мајка
за традицијата и родната грутка
во мене
живее еден таков пролетер
секојпат
кога со кригла пиво
ги решавам светските проблеми
и се преправам
дека за жените сè ми е јасно
во мене
живее еден таков фашист
секојпат
кога не сакам да разберам
зошто муслиманите и евреите
ги обрежуваат своите потомци
во мене
живее еден таков револуционер
секојпат
кога го посматрам расипаниот
писоар кој во своето непрекинато
испирање ме опоменува на
потребата
од непрестајна револуција
во мене
живее еден таков педер
секојпат
кога некој припадник
на истиот пол
ќе ми се види маркантен
без добра причина
во мене
живее еден таков збеснат американец
секојпат
кога
читајќи коментари
на некој интернет форум
ќе посакам да имам машинка
во мене
живее еден таков апсолутист
секојпат
кога на телевизија следам
предизборни соочувања
во мене
живее еден таков фанатик
секојпат
кога на идентичен начин
се впуштам во нешто
што уште никогаш
добро не завршило

три точки

пс

во мене
утробата и работ
се истуркани
во грло и од грлото на секој
висок јазик

V

јазикот
лош е пријател
секогаш наоѓа безброј изговори
да го задржам со него
стварно
нема смисла да се расправаш

за тоа попрво не би зборел
а сега
кога веќе почнав
морам
да се фатам за нешто
како индијанецон
што дофати жица од далекувод
и изгоре
како што горат градовите

во револуција и со револуцијата
со напалмот на љубовта
кој за своите остварувања мора
неминовно да ги жртвува своите идеали

немој да ме разбереш погрешно

си
со мене
но не си
на моето место

таму
откај што сум
немаше простор за мене

таму
кајшто сакам да одам
нема простор за мене

и обата простора се среќаваат
токму овде
на моето место
каде што не ми е дадено да бидам ни
секојси ни некојси
кој би ја подигнал главата

над површина
со поглед
свртен во сопствениот одраз
заборавам
дека во длабочините нема ништо
освен темница и фаќање воздух

кога ќе испуштам последниот здив
за тебе нема да се промени ништо
само едно име
во телефонскиот именик
ќе стане неупотребливо

немој да ме разбереш погрешно

оти

си со мене
но не си
на моето место

таму
откај што сум
нема простор за мене
таму
кајшто сакам да одам
нема простор за мене

затоа не сакам никаков ебан пиетет
улогата на антигона
нека остане незаземена

оти овде
овде
нема простор
веќе за никого

__________________________________________________________
(1) ох како неизмерно замерлива
е меродавноста на секоја мера

Сергеј Харламов (Птуј, 1989), компаратист, социолог и поет. Објавувал, меѓу другото, во Sodobnost, Dialozi, Apokalipsа и на ludliteratura.si. Автор е на поетската збирка Jedci (2011.)

Превод: П. В.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото