Двата Берлини на Европа: за политичката економија на фашизмот и за нејзините европски последици (3)

26.01.2018 01:18
Двата Берлини на Европа: за политичката економија на фашизмот и за нејзините европски последици (3)

3.3 Политичкиот аспект на повисоките класи

Партијата на националсоцијализмот била партија која се трансформирала, партија која балансирала неколку противречни политички ставови кои во секој момент биле меѓусебно спротивставени, и тоа го правела мошне успешно. Тоа ја поставило во специфична позиција во која можела да игра улога на арбитар не само на специфичните политички сили, туку и на целата игра. Значи, партијата НСДАП играла неколку улоги истовремено: им овозможувала поголеми профити на индустријалците со помош на отфрлање на демократските правила на игра и драстично намалување на работничките права со истовремено поттикнување на територијалната експанзија; обезбедила и државни работни места за ситната буржоазија и декласираните, постојан прилив на залихи за војската итн.

Таквата идеолошка борба која на партијата ѝ обезбедила функционална автономија во рамки на корпоративната држава што ја создала, бара понатамошно објаснување: како што рековме – тоа не може едноставно да се сведе на структурна детерминација. Партијата НСДАП не била предодредена за успех, не ѝ било „судено“ да успее. Напротив, нејзиниот идеолошки прагматизам бил клучен во поглед на начинот на кој ја извршила синтезата на спротивставените интереси. Тука мора да се присетиме на Пуланцас, кој, критикувајќи го економскиот редукционизам на Интернационалата, ја нагласил спрегата помеѓу двете кризи – економската и политичката – важни за појавата на националсоцијализмот во Германија. Накратко, според него, иако крупниот капитал може да игра клучна улога во сферата на економијата, неговите политички изрази се исто така многу важни. За Пуланцас клучен бил политичкиот преврат кој ги надминал границите поставени од страна на парламентарната демократија. За да се оствари комплексна низа политички и економски интереси и сили, морало да се размонтираат демократиските принципи на цивилното општество, и тоа на специфичен начин. Од таа причина – да се сетиме на Хобсбаум – клучен бил неуспехот на либералните демократски парламенти.

Според Пуланцас, кризата на партиското претставување во парламентарната демократија доведува до појава на скриени паралелни мрежи во кои „формалната“ моќ се разликува од „вистинската“ моќ на моменталниот блок (на) власт (powerbloc, односно bloc en pouvoir). Тоа сè повеќе се претвора во ситуација во која ниедна владејачка класа не може да воспостави единствена хегемонија во институционални рамки која се поткопува од различни страни. Затоа, моќта на целиот претставнички систем го губи влијанието во сферата на јавната политика, предизвикувајќи на тој начин криза на хегемонијата, и згора на тоа, на идеологиите како такви, а сето тоа е од клучно значење за анализата на Пуланцас. Според него, опаѓањето на демократијата во таа смисла довело до појава на вонредна состојба, и тоа не каква било, туку мошне специфична вонредна состојба, различна од чистата воена диктатура или бонапартизмот. Според Пуланцас, не станувало збор за укинување на државниот интервенционизам (и онака секогаш присутен во либералните демократии, и покрај митот), туку негово проширување: „Интервенционистичката држава не добива нужно облик на фашизам. Фашизмот е нејзина варијација во крајни граници“.1  Ова мора да се додаде на гореспоменатите проблеми, зашто такви политички промени произлегуваат и меѓусебно дејствуваат со оние што ги споменавме претходно. Иако може да се дебатира за содржината на „интервенционизмот“, она што политичката економија на националсоцијализмот го поставува како свој услов е поништувањето на парламентарната моќ, најпрвин формално, а потоа и де факто. Во таква состојба, како идеолошки омнивор, партијата преземала сè што можела од идеолошкиот хаос на врвот, додека истовремено интензивно учествувала во масовната база одоздола.

Накратко, поделбата на повисоките класи и крупниот капитал влијаела на националсоцијалистичката партија, но не подразбирала нејзина деградација на обична агентура на капиталот. Нејзината идеолошка игра помешана со економско-политичките противречности на врвот создала не подреден слуга, туку нов играч кој можел да влијае и да го измени балансот на моќта по потреба. Овој заклучок, иако едноставен, би требало да биде доволен за да ја побие тезата на Полок дека германскиот националсоцијализам претставувал исклучиво командна економија во рацете на државата. Таквиот концепт претпоставува политичка и економска хомогеност која, како што покажавме, била невозможна во тоа време.

Втора и трета точка. Значи доаѓаме до последното клучно прашање – тоа ја опфаќа 2) синтезата на претпријатијата и државата и 3) деградираната улога на компонентите на трудот и наводно разновидните класни политики (cross-class policy) на Нацистичката партија – сето ова произлегува од гореспоменатата анализа. Бидејќи двете точки се однесуваат на улогата на трудот во нацистичката економија, тука ќе се третираат како аспекти на прашањето на трудот.

Најпрвин, често се истакнува дека фашистичката економија направила пресврт од релативен модалитет на производството на вишок вредност кон апсолутен: фактот дека капитализмот можел да функционира во должничка земја како Германија после Депресијата, а и понатаму да води кон унапредување на средствата за производство се сметало, според Ретел (токму тој ја заговарал идејата дека такво нешто е невозможно), за не баш вообичаено за тоа време. Меѓутоа, токму во тој „дефицитарен капитализам“ како што го нарекува Ретел, тој гледа предуслови за споменатиот пресврт. Според него, задачата била двократна. За новата рационализирана „економија на фабриките“ (plant economy) да функционира приближно со полни капацитети и да биде и понатаму во можност да создава профит, режимот на националниот социјализам морал да направи две нешта: морал да вработи голем број невработена работна сила, истовремено намалувајќи ги ионака ниските плати, заедно со работничките права или она што останало од нив. Иако, количината на трудот се зголемила со помош на технолошкиот напредок во националсоцијализмот, неговата вкупна количина во исто време се зголемила двојно по пат на зголемување на бројот работни часови во текот на денот (вкупно зголемување во износ од 84 проценти, според Ретел2). Иако, биле присутни двата облици на присвојување, доминантен бил апсолутниот облик на производство вишок вредност, особено ако се земе предвид робовската работа.

Меѓутоа, покрај сè, во рамки на ваквиот систем постоел и еден голем проблем: недостаток на работна сила. Како што вели самиот Ретел, „во 1937 година системот на апсолутен вишок вредност бил загрозен со почетокот на сериозни недостатоци на работна сила, особено во областа на металургијата и градежништвото. Работодавачите сè почесто си одземале работници едни на други нудејќи им поголема плата, а самите работници сè повеќе се бунтувале и барале подобри услови за работа.“3  Проблемот со недостатокот на работна сила, наследен од вајмарскиот период, бил решен со помош на Reichsarbeitsdienst (Работна служба на Рајхот) која вовела задолжително членство за невработените од 16-25 години.

Последиците од овој едноставен потег не можат да се пренагласат: тоа значело намалување на отпорот на работниците додека истовремено обезбедувало потполно контролирана работна сила која би одела во чекор со барањата на капиталот и извлекувањето вишок вредност во апсолутна смисла, како што споменавме претходно. За да се одигра таков пресврт, синдикатите и управувањето со условите за работа морало да се интегрираат во државата. Иако, претходно имало обиди дури и од страна на самите синдикати таквиот премин да се направи постепено и со мирни средства4, такво нешто не се случило и партијата набрзо започнала насилно одземање на синдикалното земјиште, моќта и сопственоста5. Првиот „домашен“ блицкриг против работничката класа поминал брзо и мошне болно: преминот на задолжителен синдикат на трудот и капиталот/државата и претпријатијата, бил изведен речиси во еден ден. Тоа се случило на 1 мај 1933 година. Истиот ден, НСДАП ја одржала Првомајската прослава, по што веднаш биле одземени синдикалните куќи, работничките банки и печатниците ширум Германија. Наместо нив бил утврден познатиот „Deutsche Arbeitsfront“ – Германскиот фронт на трудот – организација на која ѝ била предадена контролата над одземениот имот (Reichsarbeitsdienst - претходно споменатата Работна служба на Рајхот – била дел од ова).

Така нацистичката економија почнала да го добива својот полн облик. Arbeitsfront, важна институција на таквата економија, претставувала симбиоза на капиталот и работната сила – секако, за трошокот на работната сила. Тука работниците биле обврзани за своето работно место и веќе нe можеле да потпишуваат колективни договори. Биле подредени на задолжително членство во организацијата која, според својата дефиниција, се борела против капитализмот, либерализмот, но и револуционерните тенденции насочени против сопствениците на фабриките и националсоцијалистичката држава. Исто така бил утврден и „Работнички суд на честа“, за да се воведе ригорозна работна етика. Во јуни 1938 година, со декрет од Геринг било утврдено правото на државата да управува со секој работник. Државата можела – во договор со работодавачот – да ги преместува работниците од претпријатие во претпријатие или на други работни места кои биле „корисни за нацијата“, дури и ако тоа било против нивната волја. Ако ова не изгледа веќе познато, тогаш понатамошниот развој и тоа како ќе изгледа близок до нашето неолиберално време: не само што ова можеме да го посматраме како прото-облик на несигурната односно „флексибилна“ работа, туку и како начин за раководење со овој облик на „флексибилна“ работа кој се развил под знамето на националниот социјализам покажува мошне јасна сличност со неолибералната сегашност: во јануари 1934 година, на сила стапил таканаречениот „Указ за работничкото движење“. Тоа бил закон што ги регулирал работните односи, но кој впрочем ги деградирал работниците и „следбениците“ обврзани на послушност6. Кон кого биле обврзани на послушност работниците-следбеници? Според Указот, тие му се подредувале на Претприемачот, кој бил означен како „фирер на претпријатието“ и со тоа бил овластен да одлучува и да управува со претпријатието. Ова бил принципот на водач (Führerprinzip) кој го вовел споменатиот Ото Вагнер во нацистичката економска политика, организирајќи ги фабриките во Werksgemeinschaft (работнички заедници) во кои водачот на компанијата имал висока позиција, додека улогата на работниците и нивните синдикати била ништовна.

3.4 Аналитичките последици

Оттука не треба да се извлекува никаква историска рефлексија врз чија основа ќе извлекуваме обични сличности помеѓу некои аспекти на либерализмот и фашизмот – против тоа веќе зборувавме на почетокот. Меѓутоа, доколку ги посматраме овие историски настани како резултат, а не како причина за промените во економијата на националсоцијализмот, можеме да ѝ овозможиме на една многу подлабока и пофундаментална промена да се појави, изрази, и со самото тоа, и да се инкорпорира во анализата. Имено, како што истакнува југословенскиот теоретичар Зоран Видаковиќ, тука е клучно тоа што нацистичката економија ги укинала буржоаските слободи на наемната работа – во суштина, слободата на работникот како сопственик на својата работна сила истата да ја продава во рамки на договорниот однос со капиталистот7. Само во економијата на националсоцијализмот овој однос бил лишен од договорните ознаки, а работниците биле лишени од какво било влијание над работниот процес. Тука се раздвоени политичката и економската моќ на работниците, кои некогаш биле објективна цел и претпоставка за класна борба. И покрај тоа, Видаковиќ тврди дека „идеалниот“, лабораториски чист облик на капитализам – сфатен како чиста апстракција кон која секогаш се гравитира – ја опфаќал капиталистичката класа која сè уште ја користи работната сила, но без стапување во пазарни односи со нејзините сопственици8. Оваа тенденција можеби отсекогаш била присутна и навистина имала влијание на разни историски борби во минатото, но дури во политичката економија на националсоцијализмот, заклучува Видаковиќ, може да се каже дека таа конечно го достигнала својот целосен израз, својата целосна форма. Нејзиниот израз е очигледен во вид на двојна негација: преку негација на слободата на избор на работниците и негација на слободата на колективен отпор заснован на тој избор – што значи дека можностите за автономни политички и економски функции на работната сила се речиси поништени. Најпосле, оваа негација ги менува односите меѓу самите владејачки класи, истовремено изоставајќи една страна од равенството – трудот – со што насилно се спроведува апстрактната тенденција која ја споменува Видаковиќ. Како што видовме, во ситуација кога формалната можност за отпор е речиси сосема искоренета, резултатот е таков што се менува и самиот начин на кој повисоките класи се однесуваат во такви ситуации. (Ова било услов, а воедно и последица во вид на сопствената историска реализација, на политичката економија на фашизмот како специфична конфигурација на капиталистичкиот пазарен монополизам и економијата на продуктивизмот („plant economy“ на Ретел) во едно – веројатно така може да се објасни содржината на синтагмата на Видаковиќ за политичката економија на фашизмот како „хипер-реализација на лабораториски чистиот облик на капитализмот“9. На ова може да му се приговара со контрастирање на принудните и робовските облици на труд во предкапиталистичките и капиталистичките економии и доведување во прашање на претпоставката според која антисемитизмот, расизмот и концентрационите логори можат да се категоризираат како функционалистички објаснувања во рамки на фашизмот, но тоа излегува надвор од рамките на моменталниот труд10).

Значи, алтерацијата на „долниот“ дел од равенството, самиот труд, и „горниот“ дел во вид на алтерација на однесувањето на горните класи, односно нивната врска, и натаму го бара ветеното објаснување. Тука последен пат се осврнуваме на Ретел кој, грубо кажано, забележал (и опишал) како се поместувало местото на класната борба во германскиот фашизам. Од спротивност помеѓу различните класи, тоа се изместило кон борба на врвот: политичката економија на фашизмот многу зависела не од спротивноста помеѓу работниците и буржоазијата и нејзините фракции, туку од борбата помеѓу самата буржоазија и крупниот капитал и нивната борба со националсоцијалистичката партија како автономен играч. Накратко: Она што го правело владеењето на партијата толку непобедливо во споредба со потенцијалната моќ на буржоазијата е токму заплеткувањето на буржоазијата во контрадикциите на сопствените позиции11.“ Врската која ја поврзува поделбата на крупниот капитал на фракции и неговото разложување во фашизмот е следната: интересите на самата буржоазија веќе не можеле да се калкулираат во рамки на системот на пазарна економија. Тоа довело до „експлозија“ на нејзините противречности и нивно „замрзнување“ бидејќи профитот можел да се оствари само во рамки на така замрзнат систем сè додека диктатурата сè уште била на сила. Замрзнувањето на платите (wage-freeze) и замрзнувањето на цените (price-freeze) во рационализираната економија на константно производство со потреба за проширување им обезбедило излез од противречностите во кои се наоѓала додека истовремено морала да ги зачува тие противречности за да се одржи себеси. Во таа смисла целиот систем функционирал така што репродуцирал противречности кои го терале на експанзија – колку профитна толку и територијална. Во истиот дух, за да се решат политичките и економските кризи, таквиот систем воедно морал и да ги зачува елементите на капитализмот – поттикнувајќи ја конкуренцијата на меѓународно ниво и приватната сопственост како клучна компонента – и воедно да ги надмине во смисла на акумулација и деградирање на работната сила. Последиците од тоа – изменетото однесување на повисоките класи и уништувањето на отпорот – затоа мора да се посматраат како поврзани. Тоа е причина зошто преветнивната негација на можноста за отпор меѓу експлоатираните класи е клучна за политичката економија на германскиот фашизам и воедно е точка на разликата која го одвојува фашизмот од другите облици на реакционерни движења12, особено во моментот кога тој еволуира и зазема целосен облик на државно владеење.

 

__________________________________________________

[1] Nicos Poulantzas, Fascism and Dictatorship: The Third International and the Problem of Fascism, Verso, London, 1979, стр. 57.

[2] Alfred Sohn-Rethel, The Economy And Class Structure Of German Fascism, Free Association Books, London, 1987., стр. 93.

[3] Ibid, стр. 95.

[4] Она што ми паѓа на ум во таа смисла е Железниот фронт: чии претставници, социјал-демократите и синдикатите (Грасмен и Липерт, кои се состанувале со економскиот советник на Хитлер, Ото Вагнер) почнале преговори со нацистите надевајќи се дека ќе достигнат државна интеграција во рамки на државата на националсоцијализмот преку некаков облик за учество на работниците. Но, ова „учество на работниците“ било отворено и имало намерен контра-револуционерен карактер: тоа требало да биде, како што се надевал Хилфердинг, начин за заобиколување на капиталистичката држава или како што се надевале социјалдемократите, нереволуционерен премин во социјализам. Меѓутоа, не успеало ништо од наведеното, зашто водачите на синдикатите биле сметани за непотребни, и затоа биле затворени и фрлени во работни кампови. Слично, од страна на нацистите постоел обид мирно да се влезе во фабриките преку избори во советите на работниците. Во 1928 година Рајнолд Мухов (кој исто така ја организирал внатрешната партиска структура по принципот на организации во ќелии) основал „ќелии во претпријатијата“ на националниот социјализам кои имале за цел да се инфилтрираат во синдикатите и советите на работниците, но партиските претставници добиле само 0,5 проценти од гласовите. Дури тогаш започнал да функционира Германскиот фронт на трудот.

[5] Од трите чекори кои Ото Вагнер, економскиот советник на Хитлер, еднаш им ги ветил на синдикатите – поврзување на синдикатите, нивна државна интеграција, и најпосле задолжително членство – брзо и без расправа бил спроведен само последниот чекор.

[6] Reinhard Kühnl, Oblici građanske vladavine: liberalizam – fašizam, Izdavački centar Komunist, Beograd, 1978, стр. 154

[7] Тука Видаковиќ го има на ум нивното покорување во сферата на производството, но исто така во сферата на репродукцијата, во смисла на намалување на правата од работниот однос, правото на штрајк, правото да се формираат синдикати и да се влијае на платите и условите за работа, итн.

[8] Zoran Vidaković, Stari i novi fašizam, Komunist, Beograd, 1976., стр.121.

[9] Ibid.

[10] Најпознатата дебата на Бренер за тоа: Brenner, Robert (1976) “Agrarian Class Structure and Economic Development of Pre-Industrial Europe”, Past and Present 70 (1): 30-75, te Mintz, Sidney (1985), Sweetness and power: the place of sugar in modern history, New York: Viking, Post, Charles (2002), “Comments on the Brenner–Wood Exchange on the Low Countries”, Journal of Agrarian Change 2 (1): 88–95. Најпосле, како што споменавме, Постоне го критикува токму деградирањето на антиземитизмот на обичен расизам и неговото сведување на функционалните објаснувања под кои, би можело да се додаде, би потпаднало и сведувањето на робовската работа токму на работа: Postone, Moishe (2001), Anti-Semitism and National Socialism: Notes on the German Reaction to “Holocaust”,
Socialist Review, 97-115,

[11] Alfred Sohn-Rethel, The Economy and Class Structure Of German Fascism, Free Association Books, London, 1987, стр. 70.

[12] Многу е кажано за негацијата на класниот отпор во германскиот фашизам. Тука ги земам Кинл и Видаковиќ како примери на различни интерпретации. Првиот го издвојува фашизмот од другите облици реакционерни движења преку неговите средства и облици на власт кон кои води, додека ја повторува формулата на Интернационалата дека националсоцијализмот само гледа како да го сочува капитализмот. Меѓутоа, Видаковиќ дава поинаков пример зашто тој ја гледа негацијата на отпорот не во спротивност со, туку како дел од хипер-капитализмот кон кој гравитира капитализмот во негирањето на класната борба.

 

(продолжува)

 

Кон првиот дел
Кон вториот дел

 

Слики: Готфрид Хелвајн
Превод: Алек Кузмановски

ОкоБоли главаВицФото