Нил Гејман за Урсула К. Ле Гвин

26.01.2018 11:08
Нил Гејман за Урсула К. Ле Гвин

Урсула ја открив кога имав 11 години, преку „Левата рака на темнината“ и трилогијата „Земјоморје“. Првата книга ми ја отвори свеста и ме наведе полот да го гледам поинаку – не како нешто фиксирано, дури не и како нешто важно, туку како нешто променливо и помалку значајно од тоа каква личност си; трилогијата ме наведе на светот да гледам на нов начин, испреплетувајќи сè со магија која беше подлабока од магијата со која се среќавав претходно. Ова беше магија на зборови, магија на вистинскиот говор.

Потоа прочитав сè што можев да најдам од неа. Како млад писател, нејзините есеи за пишувањето ме променија, ме натераа занаетот да го сфатам посериозно и ме наведоа да се обидам секогаш да мислам на радоста во пишувањето.

Во 2014 година, бев почестен што имав прилика да ја претставам како добитничка на медалот на Националната книжевна награда за исклучителен придонес за американската литература, тогаш ѝ кажав и напишав:

-Немате претстава колку сум нервозен од самата помисла дека ви пишувам. Вие сте една од моите хероини уште од кога со својот џепарлак ја купив „Волшебникот од Земјоморје“, а тогаш имав 11 години. Вашата научна фантастика ја формираше мојата тинејџерска свест и ми кажа дека сè е возможно и дека настаните се појавуваат во контекст. Вашите есеи за пишувањето ме формираа како писател (нешто што ми паѓа на ум секогаш кога возот кон дома ќе помине низ Поукипси), а вашите подоцнежни есеи ме наведоа да почнам за себе да мислам како за феминист и да го променам начинот на кој размислував за мажите, жените, за јазикот, за приказните, за абортусот...

Ја прашав дали би сакала даспомнам нешто во својот воведен говор. Нејзиниот одговор ми укажа дека годините воопшто не ја омекнале. Таа рече:

-Бидејќи седев пет минути додека траеше „виблагодарам“ говорот и тие пет минути ми се чинеа како три часа, мислев малку да ја оживеам малку благодарноста со некои сосема кратки напомени за праксата на големите издавачи дебело да им наплаќаат на јавните библиотеки за е – книгите, ограничен пристап итн. Знам дека ти си вистински библитечен лав. Затоа мислев да проверам дали го одобруваш тоа и, ако е така, можеби би можеле на некој начин да удриме на иста жица или барем да ти кажам за да не се изненадиш ако изговорам некои работи кои нашите издавачи би ги доживеале како неблагодарни, субверзивни, недамски итн...

И таа одржа говор за издавачите и за „Амазон“, говор каков што само некој на нејзина позиција би можел да одржи. Многу ми е драго што бев таму и ми е драго што живеев и ги читав книгите во времето кога таа ги пишуваше.

Извор: loa.org

 

ОкоБоли главаВицФото