Обликот на национализмот

26.01.2018 12:16
Обликот на национализмот

Филмот Обликот на водата (The Shape of Water), меѓу другите аспекти, е одраз и на фактот дека филмската индустрија реши да го надмине пристапот што долго време се одржуваше во Америка, видлив во нивните филмови до пред петнаесетина години, кон претставување на „големиот непријател“ Русија.

Имено, во филмот се појавува ликот на еден научник, руски шпион, кој, благодарение на совршениот англиски јазик, успева да се претстави како Американец. Ликот на рускиот научник искрено заинтересиран за истражувачка работа – кој со сите сили се обидува да го спречи уништувањето на необичното суштество, што во оваа смисла го води да се однесува наднационално, односно да биде еднакво и против Русите и против Американците во филмот кои сакаат го употребат суштеството за свои цели – претставува позитивна контратежа на постереотипниот суров американски полковник Стрикленд.

Овие морални дилеми околу идејата дали и оној кој со децении национално се перцепирал како непријател (во овој случај, рускиот шпион) може да има свои мотиви за дејствување и да има комплексни човечки особини се релативно нови во американската филмска индустрија (во впечатлив облик слична идеја видовме и во Мостот на шпионите).

Овие денови во Македонија се засили националистичката реторика и често се употребуваат генерализации кои, со самото тоа што се генерализации, неизбежно се погрешни. Термините како „Албанци“, „Турци“, „Македонци“ и така натаму, опфаќаат толку голем опсег на најразлични вредности и гледишта и се менуваат со таква динамика што во никој случај не означуваат фиксни и стабилни ентитети.

Тешко е да се поверува дека во 2018 година сè уште постојат луѓе во Македонија кои ги употребуваат не за да означат национална или етничка припадност, што е всушност и значењето на тие поими, туку како генерализација за некого да оквалификуваат негативно.

За мене, поимот „интелектуалец“ значи (веројатно за другите значи нешто друго) не само човек кој има стручно знаење во некоја област, туку и човек кој се познава себеси, има разбирање за другите, а кон себе е критичен.

Уверена сум дека еден таков човек, без разлика на која националност или етничка група ѝ припаѓа, треба да биде покритичен кон луѓето кои подобро ги познава (од својата националност, од својата вера, и така натаму) отколку кон оние кои многу помалку ги познава. Добро е познато во методиката дека најефективен начин да се пренесе знаење или вредност не е преку инструкција, туку преку давањето пример со своето однесување. Затоа, човек не може да бара толерантност или почитување од другите ако притоа и самиот не покаже толерантност и почитување.

Обликот на национализмот се изразува низ говор на омраза, употреба на генерализации што се однесуваат на цел народ, погрешно претставување на историјата или оправдување на доминација со повикување на историјата, дискредитирање на другиот, употреба на квалификации, визии за некаква апокалиптична иднина на Македонија со неиздржани тези за начинот на кој ќе дојде до неа.

Обликот на водата го преобликува поранешниот стереотипен пристап на американската филмска индустрија кон „вечните руски непријатели“, дури неколку децении откако студената војна беше во најголем ек.

Но можеби ние би можеле да бидеме похрабри и да не чекаме да поминат децении пред да го преобликуваме нашиот дискурс во толкава мера што од него ќе го отстраниме национализмот.


 

ОкоБоли главаВицФото