Невестата на Пигмалион

27.01.2018 12:40
Невестата на Пигмалион

Снег бев, слонова коска студена.
Си мислев: „Нема да ме допре“,
но посегна.

Камен ладна ми беше устата. Ме бакна.
Лежев мирна
небаре сум умрена.
Остана.
Mи ги триеше вкочанетите очи со палците.

Зборуваше --
груби нежности, што ќе ми правел и како.
Замислите му беа одвратни.
Моите уши беа глуви ко топ,
скулптури, школки.
Ги слушав морските бранови.
Ги потопив неговите зборови.
Го слушав како вика.

Ми носеше дарови, сјајни камчиња,
дрангулии.
Јас, ни да трепнам.
Штама. Нема ко слика.
Ми носеше бисери и ѓердани и прстени.
Ги викаше „женски работи“.
Ги лизгаше мемливите раце по мене.
Не се ни сепнав.
Се правев статуа. Гласот -- одземен.

Прсти во кожа ми заринка.
Ме фаќаше, ме стискаше.
Не ми се појави модринка.
Бараше знаци,
пурпурни срца,
мастилави ѕвезди, размачкани траги.
Ноктите му беа канџи.
А на мене -- ни лузна, ни гребнатинка.
Ме поткреваше со перници,
по цели ноќи ломотеше.
Срцето ми беше мраз, стакло.
Неговиот глас, чакал.
Зајде од зборување. Зарипна.

Па сменив тактика:
полека се стоплив, како восок,
му ги возвратив бакнежите,
смекнав, станав податлива,
почнав да стенкам,
станав жешка, станав дива,
се виткав, се вртев, се свивав,
го молев да ми направи дете,
и како кулминација,
врескав небаре се пораѓам.
Одлично одглумив.

Не сум го видела оттогаш.
Се изгуби.

 

Препев: Магдалена Хорват

Керол Ен Дафи (1955), шкотска поетеса и драматург - еден од највлијателните современи англофонски гласови. „Невестата на Пигмалион“ е песна од збирката Жената на светот (The World’s Wife, 1999), каде што Дафи им дава глас на жените кои во митологијата, историјата или книжевноста се засенети од мажите (Медуза, Фрау Фројд, Ен Хетавеј, госпоѓата Икар, госпоѓата Дарвин, итн.). Според грчкиот мит, Пигмалион бил скулптор кој се вљубил во сопствената креација, Галатеа, која била единствена на која не ѝ наоѓал мани. Божицата на љубовта Афродита му ја исполнила желбата и ја оживеала Галатеа. Во песната се чини дека Галатеа, во обид да го одврати Пигмалион од себе, само се преправа дека е скулптура: таа е нема и „камен ладна“ на неговите „груби нежности”, дарувања во вид на „женски работи“, неговото непрестајно „ломотење“. За да се отараси од Пигмалион, кој е заинтересиран за Галатеа само кога тој ја контролира врската, таа треба да „смени тактика“ и да му возврати, па тој да „се изгуби“.

Клитература е дел од радио емисијата ПичПрич што секој понеделник се емитува на Канал 103, а која се занимава со женската книжевност и родовите прашања во книжевноста. Рубриката ја уредува Румена Бужаровска.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото