Почина Ингвар Кампрад, основачот на „Икеа“

29.01.2018 03:03
Почина Ингвар Кампрад, основачот на „Икеа“

Основачот на „Икеа“ Ингвар Кампрад почина вчера на 91-годишна возраст, јавуваат шведските медиуми.

Кампрад починал во својата куќа во Смаланд.

Од компанијата велат дека тој бил еден од најголемите претприемачи на дваесеттиот век.

Во еден момент, Кампрад дури бил и најбогатиот човек на светот, а живеел во многу неупадлив бунгалов во Швајцарија. Бил познат, па донекаде и озлогласен, по својата штедливост. Користел градски превоз, а со авион летал исклучиво со економска класа, иако без никаков проблем можел да си дозволи приватен млазен авион.

Ингвар Кампрад ја основал „Икеа“ на 17-годишна возраст во 1943 година. Самото име на фирмата е акроним од зборовите Ингвар, Кампрад, Елмтарид (семејната фарма), Агунарид (соседното село).

Денес, „Икеа“ е еден од најголемите и најпознатите меѓународни концерни и најголем малопродажен синџир за мебел и предмети за домаќинство. Првиот продажен центар на „Икеа“ е отворен во Шведска 1958 година, а потоа и во Норвешка и Данска неколку години подоцна, а наредните две децении и во други делови на Европа, но и Јапонија, Австралија и Канада.

„Икеа“ денес вработува 190 илјади луѓе во светот и има годишен промет од 38 милијарди евра.

Извор: Blic

ОкоБоли главаВицФото