ВМРО – здодевна и патетична, деструктивна и грда

29.01.2018 04:55
ВМРО – здодевна и патетична, деструктивна и грда

„Невини луѓе политички се држат во притвор, додека владините претставници лицитираат со македонската историја и иднина“ – е насловот на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од 28 јануари 2018. Одамна е здодевна оваа патетика и спин, тоа го гледаат сите, а најмногу оние што се притиснати да излегуваат на протестите кои јасно ја покажуваат колку (нема) поддршка за Груевски и неговите марионети во партијата.

Повторно се набројуваат дел од притворените лица, осомничени за терористичко загрозување на поредокот, со дивјачкиот напад на Собранието на 27 април 2017, кога напаѓачите се обидоа да убијат пратеници и политички лидери.

„Дурловски, Илиевски, Јовановски, Дамовски, Чавков, пратениците и сите останати кои се неправедно притворени за настаните од 27-ми април, се терористи колку што се терористи македонските иселеници кои вчера протестираа низ Европа и светот. Ниедна демократска земја не се дрзна да ги обвини за тероризам само заради протест во кој гласно го изразуваат своето несогласување со разнебитувањето на Македонија. Притворените не се терористи туку патриоти, чиј единствен грев е што ја сакаат Република Македонија“ – се вели во соопштението.

Тоа што смрди во оваа логика е дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги изедначи актите на тероризам со протести на улица. Така и се однесуваше со десетиците илјади студенти, средношколци, работници, граѓанки и граѓани, кои протестираа против диктатурата на Груевски во изминатите неколку години, пред тој и неговата клика да паднат на колена.

„Република Македонија е узурпирана држава каде е укинато владеење на правото“ – вели ДМПНЕ, крадејќи го вокабуларот на оние што ја оценија токму нивната власт.

Да не се лажеме, можеби ДПМНЕ е патетична и здодевна, но затоа извесно е и дека оваа структура е деструктивна, насилничка и грда, од чие владеење и сега и уште многу долго ќе ги трпиме последиците.

„Невини луѓе, без никаква правна основа, политички се држат во притвор, додека владините претставници лицитираат со македонската историја и иднина“ – велат упоритите партиски пи-ар апаратчици. Сигурно и самите добро знаат што значи да се биде невин, прогонет и затворен. Прогонуваа и затвораа новинари, интелектуалци, активисти, бизнисмени, па и политичари со години. Прогонуваа, затвораа и убиваа. Само затоа што некои луѓе се осмелиле да мислат и говорат поинаку од криминалната клика. Кога ги пишуваат овие соопштенија како да се опишуваат себеси: „Органите на прогонот се користат за монтирање на судски случаи и пресметка со сопствените граѓани кои мислат поинаку од власта.“

Карамба и карамбита!

„Судот има обврска да ја гарантира законитоста и да биде чувар на демократијата. Токму затоа треба итно и неодложно да ги пушти од притвор Чавков, Дамовски, Илиевски, Јовановски и останатите чија единствена вина е љубовта кон државата“ – бара ДПМНЕ. Зошто? Затоа што постои основано сомнение дека извршиле терористичко загрозување? Затоа што целиот свет виде како тепаат и се обидуваат да убијат пратеници? Затоа што кршеа опрема на новинарските екипи и ги тепаа? Затоа што повикуваа на крв и граѓанска војна? Затоа што ширеа и сѐ уште шират омраза и поделби? Ако тоа е патриотизам, тогаш не треба, туку мора да бидат ослободени.

„Државата има потреба од силни и независни институции – кои ќе ги штитат граѓаните и нивните права. Демократијата и правната држава се право на граѓаните и тоа не смее да им биде скратено.

Република Македонија итно мора да тргне по патот на демократијата и никој не смее да биде пречка на тој пат“ – завршува ова соопштение. Е, со тоа сите се согласуваме. Но, тоа значи дека мафијашите, насилниците и екстремистите треба да одат в затвор. И оние што сѐ уште се на слобода.

Извор: Плусинфо
Слики: Александар Дојранлиев