На барање на издавачот, Данте додава уште осум кругови во Пеколот

29.01.2018 11:45
На барање на издавачот, Данте додава уште осум кругови во Пеколот

1315 година

Фирентинскиот поет Данте Алигиери му ја предал на издавачот првата верзија од ракописот на својата Божествена комедија, но по сѐ изгледа дека ќе мора уште малку да поработи на ова дело. Според првичните информации, издавачот е задоволен од оваа епска песна и смета дека има голем потенцијал, но инсистирал Данте малку да го прошири првиот дел „Пеколот“ и да му додаде уште осум кругови.

„Многу е интересно како славниот поет Вергилиј му помага на Данте да се спаси од ѕверовите и го повикува со него да помине низ Пеколот и Чистилиштето, за да стигне до Рајот, каде го чека неговата Беатриче. Сепак, издавачот смета дека Пеколот не е доволно детално опишан и дека е недоволно што тој содржи само еден круг во кој се наоѓаат некрстените луѓе“, смета издавачот и напоменува дека луѓето во Пеколот ги очекуваат поголеми грешници, над кои таму се спроведуваат некои многу побрутални казни од животот без надеж, со кој се соочени сите некрстени луѓе.

„Кога ќе помислат на Пеколот, луѓето очекуваат грешници кои ги варат во зовриено масло додека им ставаат колец во анусот или нешто од тој тип. Животот без надеж е многу тажен и празен, но мислам дека читателите имаат многу поголеми очекувања и дека по овој млак опис би можеле да престанат со читање. Затоа баравме проширување“, вели издавачот.

„Му реков на Данте дека би можел да додаде уште пет кругови во Пеколот, а потоа сфатив дека би било уште подобро да додаде десет. Данте почна да се препотува и се правдаше дека нема поим како да пополни уште десет кругови од Пеколот, така што се договоривме за осум, плукнавме во рака и се ракувавме“, открива нашиот соговорник.

Пробавме да го контактираме директно и Данте, но тој не беше расположен да дава изваи и само кратко одговори дека ни самиот не знае во кој круг моментално се наоѓа додека се обидува да го осмисли дејството на своите песни.

„Не ме прашувајте ништо, ова е вистински Пекол! Можеби вие имате некоја идеја?“, нѐ праша Данте на крајот.

Извор: Njuz, Prava istorija sveta, Laguna, Beograd, 2016.
Слика: Domenico di Michelino