Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (4)

30.01.2018 02:56
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (4)

Марија Ѓорѓиоска, Се врати каде што припаѓаше (Макс Поинт)


Роска плачеше, пиштеше, болницата ја креваше. Не постоеше збор, ниту таблетка што можеше да ја намали болката во нејзината душа.
Огромното олеснување што го почувствува, кога нејзината рожба ја напушти матката, се претвори во пекол. Со чувство дека утробата и целото тело ѝ претекуваат како песок во песочен часовник, потона во густо црнило. Кога ги отвори очите, се виде во кревет до кој стоеше метална закачалка со стаклено шише провиснато надолу. Жената во креветот до нејзиниот, кога забележа дека Роска ги отвори очите, силно викна по медицинската сестра. Набрзо штиркано бело капче се надвисна над креветот од Роска и црево, безбојно како безбојната течност во шишето, ја поврза белата рака на Роска со стакленото шише на металната закачалка. Тивко, како што дојде, медицинската сестра ја напушти болничката соба, овозможувајќи им на погледите од двете жени да се сретнат.
-Многу ми е жал за тебе, ама млада си, не се секирај - рече жената во креветот до креветот на Роска – Таков е животот, негде зема, негде дава ... ќе има уште прилики, Господ си има план за секого...
Роска возврати со климање. Се чувствуваше премногу истоштена за да зборува. А и што ќе каже?! Немаше што да се каже, се виде нејзиното... болка по болката, загуба по загуба...
-Јас денес го родив петтото! – продолжи жената, не обрнувајќи внимание на измаченото лице од Роска, на кое јасно се читаше дека не ѝ е до разговор.
-Климе, маж ми, се надеваше дека ќе му родам син, па по четири женски ете му уште едно. Петто и па женско! Знаеш, мажите се изгорени за машки деца, лозата да се продолжи, ама работата си оди како што сака Господ, тука нас никој не нѐ прашува.
Роска, без да ја погледне, климна повторно со главата.
-Туку, јас Дивна сум, Дивна од Струга! Тебе, како те викаат?
-Роска, Роска од Прилеп - прошепоти Роска и ги затвори очите како да сака да му стави крај на муабетењето.
Ама Дивна не се предаваше така лесно:
-За машко смисливме име, Наум, на свекор ми, умрел млад. Ама за женско... За женско само Томче, нашиот посинок, зборуваше. Читаше некоја книга и внатре, во книгата, му се бендисало едно девојче, Лина. А и мене ми се бендиса, со раката на срце! Си го повторував, си го повторував и ми легна на душава... Модерно е, а и не познавам друга Лина.. .ретко име... Ти, кое го бендисуваш?
-Јас?! Јас, Ева... Ева многу го бендисувам, прошепоти Роска и повторно ѝ се наполнија очите со солзи, а усните ѝ се растреперија.
-Како ти се викаат другите деца? Нашите се Менче, Ленче, Сара и Грозде! И Томче, најстариот. Вашите? Имаш други? - праша Дивна.
-Не! - кратко одговори Роска и повторно затрепери. Дивна се замисли. Сенка помина по нејзиното лице и ја избриша радоста од нејзините очи.
-Жално, многу жално. – прошепоти како за себе и сакајќи да ја оттргне младата жена од црните мисли рече:
-Роске, кажи ми нешто за себе, јас само дрдорам, дрдорам... а, ти, ти си страдаш во себе...
-Што да ти кажам? Кажано е моето!
-Добро! Еве, јас прва. Јас се имав заколнато дека ќе се омажам за човек што ќе го изберам по сопствена волја. И го избрав Климе. Двајцата бевме со слична судбина, тој бил еднаш женет, на љубов зел млада вдовица со детенце, а таа му починала на породување. Јас бев несреќно вљубена, младост – лудост, во човек што ја зеде за жена мојата најверна другарка. Кога Климе дојде на нашата врата ми се виде поинаков од сите момчиња што ме загледуваа. Зборуваше малку, но кога ќе зборнеше морници ме полазуваа. Беше љубезен, имаше во него нешто што на прв поглед ме привлече. После беше секое летенце - детенце. Климе е еден, нема брат, сестра... Ајде, сега, ти.
Роска молчеше и само воздивнуваше, без да го сврти погледот кон Дивна. Дивна, загледана во неа подразмисли две-три минути па повторно се обиде да ја вовлече својата нова пријателка во разговор:
-Море зборувај, ќе ти олесни, не клавај си грутка на грутката.
-Не ми е до зборување...- рече Роска без да ја сврти главата кон Дивна.


Родна Јанчева, На брегот на Еуфрат (Унистар)

Првиот ден на факултет ни скалите не ги беше качила, а една група на колеги се собра околу неа и почна да ја испрашува:
-Сега добра ли си?
Еве, тука се и Славица и Ѓорѓи, тој ден и тие беа во училиштето, но поминаа со помали повреди. Ѓорѓи ја гледаша како тој да е крив за тоа што се случи. Болката сѐ уште сите ги гризеше. Па почна да раскажува:
-Нас нѐ одведоа во полициска станица и таму продолжија да нѐ навредуваат. Нѐ пуштија откако дадовме изјава кај обвинителот, но ќе има судење, сигурно ќе одиме во затвор!
Маја соборувајќи го погледот, не одговори ништо и продолжи да оди, а тие тргнаа по неа. Во училиште, значи зградата во која бевме малтретирани од полицијата беше училиште, размислуваше таа. Убаво, идните ученици ќе можат да читаат не само од книгите, туку и од трагите на насилството. Влезе во втората предавална каде професорот ги држеше своите предавања. Седна во првиот ред, но немаше дојдено ниту еден студент. Чекаше, иако времето поминуваше не дојде никој. Никогаш претходно ја немаше видено предавалната празна и тиха. Ѝ се пристори некако туѓа и чудна, се заврте назад, но само столовите стоеја измешано и растргано. Ја обзеде страв и тргна да ја отвори вратата, која ја затвори зад себе кога влезе. Ја фати рачката, а вратата ја турна и само што не падна. Ја виде хигиеничарката со кофа и метла во рацете, која изненадена од тоа што ја виде, се извини и ја праша зошто дошла кога професорот не е тука.
-А каде е – праша.
-Вие не знаете?
-Тој денеска е кај јавниот обвинител, заедно со професорката по англиски да дадат изјава во врска со демонстрациите. А што е тоа никој не знаеме, зачудени сме, но и не е за чудење. Во оваа земја секој ден се случува по некое чудо, нели е така мила.
-Многу млади луѓе настрадаа!
-Знаеш, слушам од студентите, многу од нив се приклучуваат кон општо- народно движење. Можеби ќе се спасиме од овој деспотизам.
Се зачуди од ваквото размислување на хигиеничарката, но не беше далеку од вистината. Значи денеска е слободна. Поминуваше низ ходниците и се симнуваше по скалите, но никако да ја забележи онаа секојдневна раздвиженост, присутна во зградата на факултетот. Сѐ беше некако празно, како да не е тоа место што го познава, местото каде се чувствуваше жива, корисна, надежна, па и среќна. Тука беа нејзините колеги. Сите заедно се чувствуваваа како семејство. Заедно јадеа, се смееја, шетаа, разговараа на теми од дневните предавања, едноставно правеа сѐ заедно. Ако некој паднеше на испит, сите беа разочарани, а ако положеа се честеа со сендвичи. Длабоко се издиша, зашто се почувствува осамена, напуштена и несреќна. Го извади телефонот и ја побара Марија. Го слушна добро познатиот глас и веднаш ѝ стана подобро.
-Марија, бев на факултет, но никого не видов, каде сте вие !?
-Маја, ти сигурно не си известена, а и јас заборавив да ти кажам, ние денеска не одиме на ниедно предавање, се солидаризиравме со професорите кои денеска се на сослушување кај обвинителот.
-Значи тоа е причината што на факултетот имаше така мачна атмосфера!
-Добро Марија, а каде си сега?
-Го чекам Бојан, ќе дојде да ме земе, ако сакаш ќе те земеме и тебе и ќе одиме во некое кафуле во трговскиот центар.
-Добро, јас сум на кеј и ве чекам.
Седеше на една од клупите поставени на кејот и ја гледаше реката како мирно и полека ги влече своите води разлевајќи ги по широкото речно корито. По краевите зеленилото, како да чека да голтне по некоја капка вода испрскана од плискањето на водата по брегот. Сѐ си течеше по некаков однапред испланиран ред. Сонцето со сплет од зраци ткаеше патеки од бои кои се вкрстуваа над тивката вода и пловеа заедно со неа. Мислите на Маја помешани со егзотичноста на просторот трепереа носени од речното ветерче. Не помина долго време, а некој ѝ пријде одзади и ја прегрна. По раката, која само неа можеше да ја види, заклучи дека тоа е Бојан.