Бјорк и љубовното писмо до оптимизмот

30.01.2018 11:01
Бјорк и љубовното писмо до оптимизмот

Што доаѓа по скршеното срце? Ако ја прашате Бјорк, тоа е „љубовното писмо до ентузијазмот и оптимизмот“. Нејзиниот сјајен, но мрачен албум од 2015 година „Vulnicura“ се осврнува на крајот на десетгодишната врска со уметникот Метју Барни, со песните на речиси парализирачката болка и бес што е на раб на вриење.

Но, нејзниниот нов албум „Utopia“ делува многу повесело: здив што им дава сила на гласовите и флејтите; атмосфера во која пловат птици; структура и темпо што независно од ритамот, слободно се менуваат.

„Utopia“ е последниот пример на фасцинацијата на музичарката со тоа како природата и технологијата можат да се мешаат. Додека работела на овој албум, многу читала за утопиите: не само во академски книги, туку и во приказните и романите низ вековите, од древните бајки до научната фантастика на Октавија Батлер.

„Сè било утопија, од манастирите до феминистичките острови, од социјализмот до „Праските цветаат напролет“, вели таа, цитирајќи ја приказната за идиличната, изолирана заедница напишана во петтиот век во Кина.

Победата на Трамп само ја зајакнала одлучноста на Бјорк да понуди надеж. „Ако некогаш ни требало оптимизам, тоа е сега“, вели таа. „Наместо да се жалиме и да бидеме бесни, мора да понудиме примери на свет во кој сакаме да живееме во иднина. Овој албум претставува еден вид идеја, предлог на светот каков што би можел да биде“.

Нејзиниот предлог го вклучува „она чувство по Трамп, кога сè стана многу лошо“, вели таа. „А тогаш бегаш на некој остров каде што има многу жени со деца и сите свират на флејти, сите се голи и има некакви растенија што никогаш не си ги видел и сите тие птици со песни какви што никогаш не си слушнал, има и орхидеи и она чувство дека стапнуваш во непознато, во нов свет“.

51-годишната Бјорк речиси завршената верзија на албумот ја изведе минатата година во јули за време на краткиот престој во Њујорк. (Оттогаш малку беше во Лондон, малку дома во Исланд и потоа на турнеја во Москва, Буенос Аирес и Тбилиси), жонглирајќи меѓу концертите со својата група, настапите како ди-џеј и курирајќи ја „Björk Digital“, патувачката изложба на нејзините виртуелно-реални видеа.

„За овој албум почнав да размислувам како град во облаци, тој нема гравитација, како да плови во облаци“, вели таа.

Новиот албум често делува згуснато и дезориентирачки, со наслаги на вокали, флејти и перкусионистички инструменти. Песните личат на камерна музика, но и на електронски експерименти какви што прави нејзиниот соработник на целиот албум, музичарот Arca (Алехандро Герси), кој пораснал слушајќи ја Бјорк.

Arca ѝ се придружил на Бјорк некаде на половина од создавањето на албумот „Vulnicura“ и одел со неа на турнеи, додека истовремено издавал соло проекти. Иако Бјорк и во минатото имала многу копродуценти, „Utopia“ повеќе личи на целосно партнерство.

„Различно во однос на сето претходно е тоа што Алехандро и јас се спојувавме“, вели Бјорк. „Чувствувавме дека можеме да напишеме и педесет албуми, толку се забавувавме. На почетокот бевме многу изненадени, бидејќи генерацискиот јаз е прилично широк, но потоа сфативме дека и филозофски делиме многу работи. А постои и оптимистички, славенички елемент во нашата заедничка музика и тоа многу ни се допаѓа“.

За да ја сними музиката што ја составила на својот компјутер, Бјорк во Рејкјавик собрала ансамбл од десетина флејтисти, сите жени. „Се обидов да добијам што е можно повеќе бои од флејтата“, вели таа. „Ги разликував поинаку. Понекогаш имав 12 флејти, понекогаш шест. Имаше алто флејта, бас флејта, тенорска флејта. Тие се третираат со многу ефекти, или се навистина чисти, без ништо врз нив.

Одевме по црквите во Рејкјавик, обидувајќи се да го добиеме вистинскиот звук. Плус, снимив многу флејти во мојата куќа покрај езерото - обидувајќи се да го создадам овој свет каде што луѓето висат во вашата дневна соба, свират флејти и пеат и прават ритми, но тоа е дел од вистинскиот живот", додава.


Врската помеѓу албумите „Vulnicura“ и „Utopia“ е песната „The Gate“, која Бјорк ја објави како прв сингл. Таа пее за лечењето на отворената рана на градите која ја паметиме од омотот на „Vulnicura“ и нејзиното претворање во капија на љубовта, како што песната го достигнува својот грозничав рефрен.

И натаму може да се почувствува некоја тивка болка и жалење во песните како што се „Sue Me“ и „Tabula Rasa“ и пошироки мисли на утеха како во „Loss“ во која елегичната мелодија ќе се удави во френетичниот бит.

Но, со новиот албум Бјорк сака да гледа напред. „Vulnicura“ беше крај на едно погглавје. А ова е почеток на новото.

Извор: The New York Times