Преса

30.01.2018 16:19
Преса


Преса

Инквизиторите се меѓу нас. Живеат во сутерените на големите згради и само натписот ОВДЕ ПРЕСА ја оддава нивната присутност.

Маси со стегнати сиви мускули, снажни валјци кои полека но прецизно дробат, тркалото замаец кое не знае за милост - нè чекаат.

Чаршафите што ги изнесуваат од пресата изгледаат како празни тела на вештици и еретици.


Цар

Си беше еднаш еден цар. Имаше жолти очи и граблива челуст. Живееше во дворец полн со мермер и полицајци. Сам. Ноќе се будеше и врескаше. Никој не го сакаше. Тој најмногу ги сакаше ловот и теророт. Но се фотографираше со деца, среде цвеќиња. Кога умре, никој не смееше да ги тргне неговите портрети. Погледнете, можеби и кај вас дома има негова маска.


Руска бајка

Остарел царот баќушка, остарел. Веќе не можел дури ни гулапче со сопствени раце да задави. Седел на престолот златен и студен. Само брадата му растела до подот и пониско.

Владеел тогаш некој друг, не се знае кој. Љубопитниот народ ѕиркал во дворот низ прозорец, но Кривоносов го затскрил прозорецот со бесилка. И така само обесените по нешто гледале.

Најпосле царот баќушка сосем умрел. Ѕвоната ѕвонеле, но телото не било изнесувано. Царот бил сраснат со престолот. Нозете на престолот се измешале со царевите нозе. Раката враснала во наслонот. Не можеле да го одвојат. А да го закопаш царот со златниот престол е - штета.

 

Џуџиња

Џуџињата растат в шума. Имаат специфичен мирис и бели бради. Истапуваат поединечно. Кога би ни тргнало од рака да ги собереме во дланка, да ги исушиме и закачиме над вратата - можеби би биле раат.


Мечки

Мечките се делат на сиви и бели, како и на шепи, глави и трупови. Имаат добри муцки и ситни очиња. Мошне сакаат слатки, но не сакаат да одат во школо, а да спијат во шума - и тоа како. Кога имаат малку мед, се фаќаат со рацете за главите и толку се тажни, толку тажни бог да чува. Децата што сакаат мечиња, би им дале сè, но по шумата лута ловец и со пушката гаѓа помеѓу двете ситни очи.


Слон

Слоновите се мошне осетливи и нервозни. Имаат бујна фантазија, која им дозволува одвреме навреме да заборават на својот изглед. Кога влегуваат во вода, затвораат очи. Кога ќе ги видат своите нозе, се нервираат и плачат.

Познавав слон заљубен во колибри. Слабееше, не спиеше и на крајот - срцето му се скрши. Оние што не ја знаат природата на слонот, рекоа: беше толку гломазен.


Копче

Најубавите бајки се за тоа како сме биле мали. Јас најмногу ја сакам онаа, како еднаш сум проголтал коскено копче. Мама тогаш плачела.



Пијаници

Пијаниците се луѓе кои пијат до дно и на екс. Но, го искривуваат лицето, зашто на дното повторно се гледаат себеси. Низ грлото на шишето набљудуваат далечни светови. Кога би имале посилна глава и повеќе вкус, би биле астрономи.

 

Смешник

Неговиот огнен поглед цврсто ме држи в прегратка. Изговара зборови помешани со сништа. Повикува. Ќе бидеш среќен ако поверуваш и ако својата количка ја закачиш за ѕвезда. Благ е кога ги дои облаците, но кога ќе го напушти мирот, трча крај морето и ги пружа рацете кон небо.

Во неговите очи гледам два ангела, кои стојат крај моите рамена: бледиот, злобен ангел на Иронијата и моќниот, полн со љубов ангел на Шизофренијата.

 

Мртва природа

Со промислена небрежност врз масата се истурени сите оние облици насилно одвоени од животот: риба, јаболко, купче зеленчук измешан со цвеќе. Кон тоа додаден мртов лист светлина и мала птица со окрвавена глава. Таа птица во скаменетите канџи ја стега малата планета, составена од празнина и одземен воздух.

Слики: Виктор Сафонкин
Избор и превод: П. В.
 

ОкоБоли главаВицФото