Оданочувањето на физичките лица со ДДВ во постојната рамка е проблематично

30.01.2018 19:43
Оданочувањето на физичките лица со ДДВ во постојната рамка е проблематично

Центарот за економски анализи, заедно со уште 12 други граѓански и невладини организации, смета дека оданочувањето на физичките лица со ДДВ во постојната рамка е проблематично и предлага до надлежните институции неколку препораки во функција на подобрување на владеењето на правото, зајакнување на правната сигурност, подобрување на услугите од страна на јавниот сектор.

– Законот за ДДВ, ниту кој било друг закон, не дефинира што претставува самостојна стопанска дејност на физички лица. Утврдувањето на даночна основа за ДДВ врз основа на приходот пријавен во даночната пријава за персонален данок од доход не е егзактен метод за даночни цели и затоа го поткопува правниот систем од причина што не дава прецизни податоци за изворите на тие приходи, природата на нивното настанување и нивниот континуитет, наведуваат од Центарот за економски анализи во соопштението.

Според нив, авторските договори не може да подлежат на ДДВ, по дефиниција.

– Договорите за дело, авторските договори и останатите консултантски договори за физичкото лице немаат континуитет како кај правен субјект регистриран за објавување на одредена дејност со цел остварување на профит, појаснуваат од ЦЕИ.

Меѓу препораките се УЈП моментално да се повлече од арбитрарното толкување на Законот за ДДВ, УЈП привремено да продолжи да администрира само кај случаите каде тој Закон е јасен главно, кај Договорите за издавање недвижен имот, да се отвори јавна дебата за потребата физичките лица да влезат во системот на ДДВ, со објаснување/едуцирање зошто е тоа потребно и како е направено во земјите на ЕУ, да се допрецизира самостојна стопанска дејност во Законот за ДДВ со посебен подзаконски акт и да се усогласи со другите релевантни закони на пример со Закон за трговски друштва.

Тие препорачуваат и јасно да се разделат авторските договори кои се надвор од опфатот на ДДВ (создавање авторски дела за „општо добро“, по примерот на ЕУ), од оние авторски договори кои по природа се консултантски договори и кои може да бидат предмет на ДДВ цели, да се направи анализа на административниот капацитетот и ефикасноста на УЈП за администрирање на јавните давачки кои ги администрира и потоа да се постави соодветна граница за потребите на ДДВ за прометот на лица обврзници на ДДВ, да се организираат трибини и советувања за предложените законски решенија, во кои ќе бидат вклучени УЈП и сметководителите, да се надгради регистарот на физички лица обврзници на ДДВ, со јасно назначување на нивната самостојна стопанска дејност, а УЈП во меѓувреме да го надгради својот административен капацитет за ефикасно спроведување на законската измена.

Од ЦЕИ предлагаат дополнувањата на Законот да се донесат транспарентно и инклузивно, а едукативната кампања да продолжи континуирано и Законот да се спроведува најрано од моментот на донесувањето на измените и регистрацијата за ДДВ да важи од момент на исполнување на условите претходно дефинирани за регистрација на ДДВ.

Извор: Либертас

ОкоБоли главаВицФото