Дали жените треба да добиваат слободни денови заради менструалните болки?

31.01.2018 01:55
Дали жените треба да добиваат слободни денови заради менструалните болки?

Мумбајската компанија за дигитални медиуми, Culture Machine, воведе политика на менструално отсуство кое на жените за време на менструацијата им овозможува слободен ден кој не се смета како боледување или одмор.

Така, Аканкша Седа, една од вработените во компанијата, наместо да се напие аналгетици и да работи и покрај болките, како што правела досега, отишла кај својот надреден и го известила дека зема слободен ден.

„Многу индијки ова би го сметале за храбар потег. Менструацијата и натаму е табу тема, а дискусијата за менструалните грчеви кај некои жени може да предизвика непријатност. Особено ако за тоа мораат да разговараат со маж“, изјави Седа.

Ова е една од ретките индиски компании која во последните неколку месеци почна да спроведува ваква политика. Менструалното отсуство го признаваат и неколку други земји, меѓу кои се Јапонија, Тајван, Индонезија, Јужна Кореја и Замбија.

Идејата за менструално отсуство предизвика жестока дискусија, не само во Индија, туку во целиот свет. Експертите велат дека ширењето на оваа политика, и покрај добрите намери, впрочем би можело да го спречи напредувањето на жените на работното место.

Критичарите велат дека дополнителните слободни денови можат да се користат како оправдување за пониските плати или дополнително да ја зголемат пристрасноста при вработувањето. Отсуствата од работа би можеле да ги истуркаат жените од позициите за донесување одлуки и да ги елиминираат од натпреварите за напредување.

На тој начин, политиката на менструално отсуство би можела да ѝ даде вредност на децениски старата предрасуда дека жените заради менструацијата се неадекватни за работа.

„Тоа сугерира дека жените единствено се хендикепирани на работното место заради фактот дека имаат менструација. Иако е важно нештата да се прикажуваат онакви какви што се, политиката за менструално отсуство ја означува секоја жена која менструира како болна“, изјави Емили Мартин, потпретседателка за правда на работното место во Националниот женски правен центар.

Истражувањето спроведено во 2012 година утврди дека кај 20 проценти испитани жени, болните менструации ги попречуваат секојдневните активности.

Мартин наведува дека не треба да се занемаруваат нивните искуства, но политиката на менструално отсуство ги означува сите жени. Би било подобро да се развие поинаква општа политика на отсуство и за мажите и за жените која би вклучувала бројни причини за земање слободни денови, вклучувајќи ги и хроничните медицински состојби.

„Менструацијата долго служеше како изговор за задржување на девојките надвор од школскиот систем и жените надвор од работната популација. Пилотките на воздухопловните служби за време на Втората светска војна заради грчевите често добивале забрана за летање“, изјави Шара Л. Вострал, извонредна професорка по историја на Универзитетот Пурдју.

Некогаш жените не ги користеле машините за шиење ниту читале романи за време на менструацијата зашто им се зборувало дека премногу ќе се исцрпеле. Заради минатото во кое жените биле сметани за хендикепирани за време на менструацијата, Карла Паское, истражувачка од Универзитетот во Мелбурн, не се сложува со политиката за менструално отсуство. Смета дека жените со силни менструални болки би требало да добијат слободен ден, но не смета дека за тоа е потребно донесување вакви политики.

„Овие аргументи ги занемаруваат единствените предизвици со кои се соочуваат жените“, изјави Девлина Мајумдер, претседателка за човечки расурси на компанијата Culture Machine. „Ние сме биолишки различни и мора да го признаеме тоа. Затоа, мајчинското отсуство се нуди многу почесто отколку татковското.“

Полина Маки, водечки истражувач во Центарот за истражување на жените и родот на Универзитетот во Илиноис, посочи дека постои важна разлика, а тоа е дека породувањето влијае на способноста на работа кај сите жени, додека менструацијата влијае само кај некои.

Во 1947 година, Јапонија донесе закон кој нуди отсуство за секоја жена која е спречена да работи заради менструална болка или ако работата може да ја влоши менструалната болка. Истражувањето кое било спроведено 1986 година покажало дека од 1960 до 1981 година процентот жени кои користат менструално отсуство се намалил од 20 на 13 проценти, најмногу заради општествените притисоци.

Во 2001 година, Јужна Кореја одобри менструално отсуство кое оттогаш е на отстрел кај мажите кои го сметаат за облик на обратна дискриминација. Во Индонезија жените имаат право на два слободни денови месечно заради менструални болки, но и оваа политика слабо се спроведува. Италијанскиот парламент наскоро ќе гласа за предлог закон кој бара од компаниите на жените со тешки менструални болки да им се понудат три платени слободни денови. Повторно постои опасност дека и овој закон повеќе ќе им наштети на жените отколку што ќе им помогне.

Аканкша Седа, од почетокот на приказната, оваа дискусија ја смета за смешна. „Ако во светот нема мажи, туку ако работат само жените, менструалното отсуство нема да пречи никому“, додаде.

Слики: Timi Páll

Извор: https://www.nytimes.com